Активности на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА по повод 3-ти Декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост

Во одбележувањето на 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, се вклучија членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип заедно со нивните родители и вработените. Во претпладневните часови го посетија ССУ„ИСКРА” во Штип, каде дел од членовите го имаат оформено средното образование, Настанот имаше информативен и забавен карактер. Одбележувањето на денот во попладневните часови продолжи во просториите на Заедницата на инвалидски организации каде гости беа градоначалникот на Општина Штип и претставник на фабриката за чевли „Баргала”, Штип. Прво, од страна на Тана Николова беше презентирана темата за оваа година „Рушење бариери, отворање врати за инклузивно општество за сите”, а присутните лица со интелектуална попреченост и нивните родители беа запознаени и со нивните права кои произлегуваат од Конвенцијата од ОН. Градоначалникот на Општина Штип, Прим.Мр. Илчо Захариев, го изрази своето задоволство што има можност да се запознае со членовите и нивните проблеми со кои се судруваат во секојдневниот живот, изрази голема поддршка за тоа како работи ЦПЛИП – ПОРАКА Штип и се стави на располагање за секаква поддршка и помош. Претставникот од „Баргала”, на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип и подари телевизор, претставници на Црквата „Св. Никола” доделија маици за лицата со интелектуална попреченост, а пак вработените на ССУ „Искра” Штип им поделија скромни пакети. ЦПЛИП – ПОРАКА Штип додели благодарница на фабриката за чевли „Баргала” за несебична долгогодишна поддршка на програмските активности на организацијата. Целокупните активности беа обележани од локалните медиуми.

ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш и оваа година со низа активности пригодно го одбележи 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Програмата за одбележување на овој ден ги следеше насоките и годинешната тема предложена од Обединетите нации под мотото „Рушење бариери, отворање врати: за инклузивно општество за сите”. Согледувајќи ги искуствата на локално ниво во поглед на бариерите со кои се соочуваат лицата со интелек-туална попреченост за нивниот нееднаков пристап кон сервисните служби на полето на образование, вработување, здравствена заштита, транспорт итн., програмските активности за одбележување на 3-ти декември се одвиваа кон намалување на бариерите и поголема пристапност кон овие служби. На 02.12.2013 во соработка со СОУ „Коста Сусинов” корисниците на дневниот центар беа вклучени на час по физичко образование и култура заедно со ученици од ова училиште. Оваа активност претставуваше можност корисниците на дневниот центар да ги покажат своите можности на полето на спорт и рекреација, а воедно да се дружат со учениците од ова училиште кои одлично ги прифатија и соработуваа со нив. Наставата се одржа во спортската сала на училиштето и воедно претставуваше место кое за прв пат беше посетено од страна на сите корисници. На 03.12.2013 година во просториите на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш се одржа свечено одбележување на 3-ти Декември на кое беа присутни голем број на поканети гости на локално ниво: градоначалникот на Општина Радовиш, Сашко Николов, градоначалникот на Општина Конче, Благој Јованов, претставници на Советот на Општина Радовиш, заменик генералниот директор на рудникот Бучим, Николајчо Николов, заедно со менаџерскиот тим на рудникот, претседателот на Црвен Крст на град Скопје, Саит Саити, претставници на јавните институции во Радовиш и училиштата, понатаму невладини организации и родители на лица со попреченост. На овој ден краток осврт за значењето на 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, потребите и можностите на лицата со попреченост и нивното вклучување во сите сфери на живеењето даде Татјана Костадинова, социјален работник во дневниот центар. Исто така се спомена и 50 годишниот јубилеј од активно постоење и функционирање на РЦПЛИП – ПОРАКА како мрежа од локални организации низ целата држава која ги застапува правата и интересите на лицата со интелектуална попреченост. Се доделија благодарници на поединци и организации кои во изминатата го дадоа својот придонес во континуираното функционирање на дневниот центар како сервисна служба во местото на живеење. Исто така, се организираше изложба на рачни изработки и сувенири на корисниците на дневниот центар која имаше и продажен карактер. Собраните средства ќе бидат искористени за потребите на функционирањето на дневниот центар. Целиот настан беше проследен и прикажан од страна на локалните медиуми. Во одбележувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост се вклучи и здружението Лајонс клуб кој на 04.12.2013 година го посети дневниот центар, и се запозна со работата на оваа сервисна служба, а на корисниците им донираше топли обувки.

ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар овој меѓународен ден го одбележа со активности подпомогнати од културно уметничкото друштво од Дебар и Река, на кои се придружија и гости од Струга. Во одбележување на 3 Декември учествуваа корисниците од дневниот центар во Дебар со нивна програма. На настанот присуствуваа соработници од Албанија, од организациите во Поградец и Либражде. Во рамките на програмата за одбележување беше поставена и изложба на слики. После изложбата имаше коктел за лицата со интелектуална попреченост и за присутните гости од Албанија и од околината на Дебар и центар Жупа. Свој придонес во програмата со свои песни и ора дадоа и учителите на три училишта, како и од членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар. На крај се доделија благодарници на оние кои во минатата година дадоа свој придонес во работата на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар. Г-дин Ним Опре подели скромни подароци на членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар. Програмата се одржа во Центарот за култура со поддршка на директорот Артин Спахиу.

Како и секоја година, така и оваа, ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица го обележа меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3-ти декември. На самиот ден се реализираа две големи активности. Првата активност беше посета на ОУ „Видое Подгорец” од Струмица од страна на членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица. Учениците, наставниците, училишниот дефектолог и логопед подготвија програма наменета токму за члено-вите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица и за одбележување на денот. По одлично приготвената едукативна и забавна програма, децата и младинците од Социјалниот Клуб се дружеа со учениците од основното училиште. Целта на ваквата посета и активност беше да се истакне значењето на инклузијата во рамките на основните училишта и можноста децата и младинците со попреченост да растат, учат и се дружат во средина заедно со своите врсници. Втората активност беше посета на Црвен Крст Струмица. Претходно, децата и младинците од Социјалниот Клуб изготвија подароци со облека кои што ги донираа на организацијата Црвен Крст, со порака дека и лицата со попреченост се хумани лица и поборници на еднаквоста и хуманоста. Исто така и младите од Црвен Крст Струмица подготвија мали подароци за членовите на Социјалниот Клуб на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица. Настанот продолжи со меѓусебно дружење на младите од Црвен Крст и децата и младинците со попреченост, Секоја година по повод меѓународниот ден на лицата со попреченост во просториите на Домот на АРМ се одржува средба на градоначалникот на Општина Струмица со претставници на невладините организации кои делуваат во општината. На годинешната средба се разговараше за сето она што во изминатата година се направило за лицата со попреченост во општината, како и за она што во иднина треба да се стори од страна на локалната самоуправа заради подобрување на нивната добросостојба и нивно прифаќање како рамноправни граѓани на локалната заедница. Претставниците на невладините организации ги посочија најчестите проблеми со кои се соочуваат нивните членови при остварувањето на своите права, а од страна на градоначалникот беше изразена подготвеност за соработка и поддршка при реализа-цијата на активности и проекти на организациите со кои ќе се унапредува состојбата на лицата со попреченост во општината.

ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово активностите за одбележување на 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост ги започна како учесник во хепенингот на „Вешта Жена” од Тетово. Хепенингот се одржа на 29.11.2013 година, а по повод меѓународниот ден на лицата со попреченост под мотото: Сите сме еднакви. На 02.12.2013 година во културниот дом во Тетово беше отворена изложба „Малите големи фотографи”. На изложбата учествуваа 18 деца со 22 дела од посебните паралелки при О.У. „Лирија” Тетово и од Дневниот центар од Тетово. Изложбата беше отворена 3 дена. Истиот ден, со почеток во 12:00 часот во ООУ „А.С.Ќиќиш” Тетово учениците од редовните паралелки изведоа приредба за учениците од посебните паралелки и нивните родители. На приредбата присуствуваше и градоначалникот на општина Тетово г-ѓа Теута Арифи. На 3-ти декември членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово беа на средба кај градоначалникот на општина Тетово г-ѓа Теута Арифи на која се разговараше за проблемите и потребите на лицата со интелектуална попреченост. На 03.12.2013 година во 16:00 часот во ООУ.„Лирија” Тетово имаше хуманитарен хепенинг, проследен со приредба од учениците, а воедно беше поставена и продажбена изложба од изработки на учениците. Собраните средства од продажбата на изработените предмети ќе бидат наменети за набавка на нагледни средства и подобрување на условите за работа на учениците од посебните паралелки. На 04.12.2013 година учениците од посебните паралелки од „Лирија” и од Дневниот центар зедоа учество со свои изработени предмети на изложбата организирана од страна на Н.О. НОВА, кои беа изложени при Универзитетот ФОН во Скопје.

По повод 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица заедно со здружението Бели Гулаби, организираа хуманитарен настан. Собраните средства од настанот беа искористени за посета на градот Берово. На 05.12.2013 година, членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица остварија средба со градоначалникот на општината, каде се разговараше за проблемите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и можностите за нивно решавање, а воедно добија и скромни подароци.

ЦПЛИП – Порака Демир Хисар, во соработка со Домот на културата, и останати институции од општината, а под покровителство на градоначалникот на Општината Демир Хисар, г-дин Љупчо Кирило Блажевски организираше свечено одбележување на 3 значајни настани. Во Домот на културата „Илинден” на 26.11.2013 година во 13 часот, се одбележаа 50 години од оформувањето на РЦПЛИП – ПОРАКА Скопје, 35 години од формирањето на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар и 21 година од прогласувањето на 3-ти Декември меѓународниот ден на лицата со попреченост. За 35 годишното работење на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар и одбележувањето на 3-ти декември меѓународниот ден на лицата со попреченост зборуваше Љубе Димчевски – претседател на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар. Обраќање кон присутните имаше и г-дин Љупчо Кирило Блажевски, градоначалник на Општина Демир Хисар. Тој ја истакна соработката, а и поддршката на оваа локална организација во реализирањето на програм-ските активности. Присутните од името на РЦПЛИП – ПОРАКА ги поздрави г-дин Чедомир Трајковски претседател на РЦПЛИП – ПОРАКА, кој ја истакна соработката со ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар. Исто така ги презентира активностите за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. За 35 годишниот јубилеј на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар изработена е публикација под наслов „35 години грижа за вас”. Во публикацијата опфатено е 35 годишното работење на ЦПЛИПт – ПОРАКА Демир Хисар. Публикацијата ја промовира г-дин Борис Дамевски – претседател на комисијата за образование и култура. Во рамките на одбележувањето на овие јубилеи беше распишан конкурс на литературни и ликовни творби на тема „Со вас сме најсилни” на која учество зедоа ученици од основните училишта и СОУ „Крсте П. Мисирков”. Како израз за дадената поддршка за формирањето, активност и соработка во оствару-вањето на човековите права и другите права на лицата со интелектуална попреченост во времето од 1978 до 2013 година на подрачјето од општината Демир Хисар, посебно признание им се даде на г-дин Јован Трајковски – Јовче, г-дин Љубе Димчевски од Демир Хисар и г-ѓа Виолета Димоска од Скопје. По повод 35 годишниот јубилеј и 3-ти декември, меѓународниот дена на лицата со попреченост се доделија благодарници како признание за придонесот во унапредувањето на правата на лицата со интелектуална попреченост. На крајот присутните ја разгледаа изложбата од ликовни творби изработени од учениците од основните и средното училиште „Крсте П. Мисирков”.

Меѓународниот ден на лицата со попреченост го одбележаа и членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје со низа активности. На 2-ри декември, во соработка со ООУ „Љубен Лапе” се одржа спортски натпревар во фудбал помеѓу корисниците на дневниот центар и ученици од ова училиште. На 3-ти декември се реализираше заедничка работилница и дружење со младите од Црвениот крст на град Скопје, корисниците од дневниот центар за деца со церебрална парализа и естрадни уметници. На 4-ти декември во посета на дневниот центар беа претставници од невладината организација ХЕРА и претставници на Комерцијална банка АД Скопје. Претставниците на банката беа запознаени со работата на организацијата и на дневниот центар, учествуваа во активностите со корисниците и на крај подарија кујнски апарати капи за корисниците. На 5-ти и 6-ти декември се реализираше работилница со студентите на Факултетот за ликовна уметност, отсек графика. На работилницата се печатеше веќе изработениот материјал од претходните работилници.

ЦПЛИП – ПОРАКА Виница меѓународниот ден на лицата со попреченост го одбележа со настан кој се одржа на 18-ти декември со цел да се покаже дека лицата со интелектуална попреченост постојат и пред и по овој ден, односно 365 дена во годината. На настанот присуствуваа голем број на претставници од основните училишта, средното училиште, членови на организацијата и други сограѓани. Беше поставена и изложба во Домот на културата на која беа поставени сликите од ликовниот конкурс кој претходно беше распишан на тема „Сонцето грее и за нас”, како и изработки од корисниците на дневниот центар во Виница. На настанот се доделија наградите на најуспешните во ликовниот конкурс, а и на најуспешните во литературниот конкурс кој беше објавен со тема „Сите сме исти без разлика на се”.

ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци, по повод меѓународниот ден на лица со попреченост распиша конкурс во основните училишта во Кавадарци за литературни творби на тема: „Рушење бариери – отворање врати: за инклузивно општество за сите”. Литературните творби ќе бидат испечатени во соработка со печатница од општината. На 3-ти декември се организираше изложба на ракотворби изработени од лица со интелектуална попреченост во Домот на културата во Кавадарци. На 4-ти декември членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци беа на прием кај градоначалникот на општината. За време на приемот се укажа на 50 годишниот јубилеј на РЦПЛИП – ПОРАКА и се побара опШтинатата активно да се вклучи во инклузијата на лицата со интелектуална попреченост.

ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка организираше одбележување на меѓународниот ден на 2.12.2013 година, кога 130 деца, ученици од трите основни училишта настапија со свои програми пред корисниците на дневниот центар, а потоа заедно се дружеа, играа, пееја. Одбележувањето на денот беше проследено од локални медиуми. На овој ден беа предадени и благодарници на победниците од претходно спроведениот конкурс за ликовни творби, како и за наставниците кои учествуваа во подготвувањето на учениците. На 13.12.2013 година се реализираше посета на семејства кои имаат деца со интелектуална попреченост, им беа донирани подароци, а воедно со нив се разговараше и за правата кои ги имаат согласно Конвенцијата за правата на лица со попреченост.

ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија меѓународниот ден на лицата со попреченост оваа година го одбележа под мотото: „Рушење бариери – отворање врати: за инклузивно општество за сите”. На 26.11.2013 година во домот на Заедницата на инвалидски организации – Гевгелија се одржа јавна трибина на која се презентираше огласот за вработување на лицата со попреченост. На трибината присуствуваше претставник од Агенцијата за вработување кој го презентираше огласот, претставници од центарот за социјална работа, родители на лица со попреченост и локални медиуми. На 29.11.2013 година во Социјалниот клуб се организираа активности за цртање и изработки на честитки. На 3.12.2013 година се одржа работен состанок на родителите на лица со интелектуална попреченост со претставници од Центарот за социјална работа, детска заштита и здравство, на кој се разговараше за новините во законите кои ќе се остваруваат во 2014 година.

Scroll to Top
Skip to content