Активности на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА по повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост

ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар организираше низа активности за одбележувањето на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Во периодот од 15 октомври до 15 ноември беше отворен конкурс за ликовни и литературни творби на кој учество зедоа ученици од основното и средното образование на тема: “Правата да станат реалност.” На 2-ри декември, под покровителство на Градоначалникот на Општина Демир Хисар, г-дин Тони Ангелевски, се одржа свечена академија под мотото “Заедно за подобар свет за сите – вклучување на лицата со попреченост во сите сфери на живеењето.” Пред присутните беше прикажан краток филм под наслов “Обид за движење” подготвен од Киро Ангелевски – Стерја, родител на дете со попреченост. Во рамките на свеченоста беа прогласени и најдобрите литературни и ликовни творби од распишаниот конкурс. За време на академијата се доделија признанија за дадениот придонес во остварувањето на човековите права на лицата со интелектуална попреченост. Исто така, ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар подготви и издаде алманах со литературни творби на повеќе теми по распишани конкурси во времето од 2007 – 2010 година.

ЦПЛИП – ПОРАКА Битола, по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, на 30.11.2011 одржа работна трибина на која повторно ги актуелизираа потребите и правата на лицата со интелектуална попреченост и нивното вклучување во сите сфери на живеењето. Друга активност што ја спроведоа е ликовна работилница со учениците од посебните паралелки при ОУ “Ѓорѓи Сугарев”. На 2-ри декември се организираше свечена приредба на која се доделија наградите на учениците од основните училишта кои учествуваа на ликовниот и литературниот конкурс. Учениците од посебните паралелки ги почестија присутните со интерсни точки.

ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица одбележувањето на 3 Декември го започна со акција за чистење на дел од Градскиот парк која ја спроведоа на 1-ви декември заедно со еколошкото друштво Планетум. Потоа беа во посета на детската градинка “Мајски цвет” каде поставија куќички за птици изработени од членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица. На 2-ри декември се организираше средба помеѓу градоначалникот на Општина Струмица и претставници на невладини организации, на која тој повторно ја истакна подготвеноста на општината за соработка со граѓанските организации.

ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица, по повод 3-ти Декември организираше средба во просториите на локалната самоуправа. На средбата присуствуваа Градоначалникот на Општината, лица со попреченост и нивните родители. Оваа средба беше проследена и со доделување на подароци од страна на Градоначалникот, но и од претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица, која средствата за подароците ги издвои од донацијата од организацијата “Етно вешта жена”. На 5-ти декември, ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица организираше коктел по повод формирањето на здружението и отворањето на канцеларијата која се наоѓа во просториите на локалната самоуправа. На коктелот присуствуваа претставници од институциите во градот, други организации, Градоначалникот на општината и други заинтересирани лица. Свеченото отворање беше проследено со сечење на црвена лента, а приемот продолжи во салата на Општината со кратки обраќања од Градоначалникот, г-дин Дарко Митевски и од претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица, г-ца Маја Илиевска. За време на приемот се емитуваше и документарниот филм “Авантурите на Сара” кој е дел од кампањите кои ги води РЦПЛИП – ПОРАКА со своите локални организации. Средствата за коктелот беа обезбедени од донацијата од “Етно вешта жена”.

ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш и оваа година со низа на активности го одбележа 3 Декември. На 1-ви декември корисниците на дневниот центар ПОРАКА Радовиш ја посетија детската градинка “Ацо Караманов” каде тие се запознаа со начинот на функционирање на оваа установа. На 2-ри декември во просториите на Градската Библиотека “Браќа Миладиновци” се одржа свечено одбележување со присуство на сите значајни чинители во општината. Во рамките на овој ден се прикажа документарниот филм за дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА со цел да се промовираат сервисните служби за дневно опфаќање на лицата со интелектуална попреченост. Во текот на овој настан се доделија благодарници на институции и поединци кои го дале својот придонес за адаптирање и реконструирање на објектот за дневен центар на ПОРАКА Радовиш. Во просториите на градската библиотека се постави ликовна изложба и декоративни сувенири која беше со продажен карактер, а собраните средства се наменети за адаптација и реновирање на објектот за дневниот центар на ПОРАКА Радовиш.

ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје, во рамките на програмата за одбележување на 3-ти Декември реализираше различни активности. На 5-ти декември се одржа Отворен ден на дневниот центар ПОРАКА Скопје на кој присуствуваа голем дел од соработниците и поддржувачите на дневниот центар. Во рамките на Отворениот ден, РЦПЛИП – ПОРАКА и ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје доделија благодарници на институции и поединци како израз на благодарност за поддршката во нивната работа. Во периодот од 28-ми ноември до 9-ти декември во просториите на Општина Аеродром беше поставена изложба од корисниците на дневниот центар. Се реализираа работилници и часови со предавања на тема “Што е интелектуална попреченост?” со учениците од ОУ “Љубен Лапе” и ОУ “Браќа Миладиновци”. На 1-ви декември беа спроведени заеднички активности со Црвен Крст на Град Скопје во облик на музичка работилница и посета на спасителната станица на планината Водно. Се организираше и изложба со изработки од корисниците на дневниот центар ПОРАКА Скопје и заедничка работилница со студенти од Факултетот за уметност што се спроведе на 7-ми декември.

ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија, по повод 3-ти декември организираше работен состанок во Домот на Заедницата на инвалидски организации на кој се разговараше околу прашања кои ги засегаат лицата со попреченост и нивните семејства. Исто така, учениците од основните училишта беа запознаени со значењето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На 3-ти декември се пренесуваше емисија преку локалниот медиум на која се говореше за лицата со попреченост, нивните права и потреби.

Оваа година членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип по повод 3-ти декември беа во посета на ДСУ”Искра” на 02.12., каде ЦПЛИП – ПОРАКА Штип доби благодарница за долгогодишната и успешна соработка, а на членовите им беа доделени скромни подароци. На 3-ти Декември, во просториите на Заедницата на инвалидски организации, беше организиран квиз натпревар по општо познавање, игри без граници (врзување врвки, лупење јаболко, лупење компир). На членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип им беа поделени подароци од општината и од АД Баргала (маички со логото на ПОРАКА и патики).

ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово на 2-ри декември спроведе неколку активности. Во основните училишта “А.С.Ќиќиш” и “Лирија” учениците беа информирани за значењето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Учениците од “А.С.Ќиќиш” организираа и приредба за учениците од посебните паралелки и нивните родители. Двајца претставници на Управниот одбор на ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово беа на средба со Шефот на кабинетот на Градоначалникот на општината, на која се разговараше за проблемите со кои се соочуваат лицата со попреченост, а пак г-дин Алајдини зеде обврска да се заложи за продолжување на имплементација на локалниот акционен план за период 2012 – 2015 година.

Оваа година ЦПЛИП – ПОРАКА Виница, по повод 3-ти Декември, во тесна соработка со Музеј “ТЕРАКОТА” реализираше проект “Детска керамичка работилница” кој имаше за цел подигнување на јавната свест и истиот беше финансиран од Министерството за култура. Работилниците се одржаа во просториите на дневниот центар, а учествуваа ученици од посебната паралелка при ЦОУ “Кочо Рацин” од с.Блатец, корисниците на дневниот центар, ученици од ОУ “Славчо Стојменски” и од ОУ “Гоце Делчев”. На 7.12. во просториите на локалната самоуправа се реализираше продажна изложба, а собраните средства се донираа во дневниот центар во Виница. ЦПЛИП – ПОРАКА Виница врачи благодарници на институции и поединци кои во изминатиот период ја помагале работата на оваа организација.

ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци на 1-ви декември реализираше посета кај градоначалникот на која повторно се актуелизираа потребите на лицата со интелектуална попреченост во оваа општина, меѓу кои и отворање на дневен центар за возрасни лица. Се спроведе и посета на црквата Свети Димитрија каде група лица со интелектуална попреченост се запозна со функциони-рањето на овој верски објект. На 6.12. беше организирано предавање од страна на претставник од Центарот за социјална работа на тема злоупотреба и насилство врз лицата со интелектуална попреченост. Исто така се остварија и контакти со институциите на локално ниво со цел нивно активно учество во областите од нивното делување, а ќе носат подобрување на животот на лицата со интелектуална попреченост на општинско ниво.

По повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ЦПЛИП – ПОРАКА Велес во соработка со ПОУ “Маца Овчарова” организираше културно забавна активност во локалната игротека “Виножито” на која учествуваа деца со интелектуална попреченост. Се реализираше и работилница на тема 3-ти Декември, каде што беа вклучени родителите со нивните деца, а изработуваа најразлични експонати кои потоа беа изложени во просториите на ПОУ “Маца Овчарова”. Изложбата беше поставена на 1-ви декември, а ја посетија основни училишта од целата Република и Градоначалникот на Општина Велес. Членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Велес беа вклучени во изведба на програмата со наслов “Здрава храна” што се изведе пред посетителите тој ден.

Scroll to Top
Skip to content