Активности на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА Одбележување на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост на локално ниво

Локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА, во текот на декември 2012 година, преземаа низа активности за работно одбележување на 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Согласно насоките од Обединетите нации, оваа година локалните организации реализира голем број настани за подигнување на јавната свест кои беа насочени кон истакнување на проблемите со бариерите во секојдневниот живот на лицата со интелектуална попреченост.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Радовиш и оваа година со свои активности пригодно го одбележи 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Програмата за одбележување на овој ден ги следеше насоките и годинешната тема предложена од Обединетите нации под мотото: “Отстранување на бариерите со цел да се создаде инклузивно и пристапно општество за сите”. Согледувајќи ги искуствата на локално ниво во поглед на бариерите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост за нивниот нееднаков пристап кон сервисните служби на полето на образование, вработување, здравствена грижа, транспорт итн. програмските активности за одбележување на 3-ти Декември се одвиваа кон намалување на бариерите и поголема пристапност кон овие служби. Со свои активности ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш беше присутна во образованието и во здравството приближувајќи ги овие служби кон лицата со интелектуална попреченост. За таа цел, на 30.11.2012 година во Здравствениот дом Радовиш се изврши систематски преглед на корисниците на дневниот центар – ПОРАКА Радовиш со цел да се превенира и да се подобри нивната здравствена состојба. Истиот ден корисниците на дневниот центар заедно со ученици од осмо одделение во ОУ “Никола Карев” спортуваа на час по физичко образование. Ова претставуваше можност корисниците на дневниот центар да се запознаат со текот на наставата по физичко образование во спортска сала од затворен тип, да се запознаат со училиштето и да се промовираат нивните потенцијали и можности на полето на спорт и рекреација. На 3.12.2012 година, во просториите на дневниот центар се одбележа 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Присутни беа голем број на гости на локално ниво: градоначалникот на Општина Радовиш, д-р.Роберт Велков, претставници на Советот на Општина Радовиш, претставници од канцеларијата за локален економски развој, претставници на јавни институции: Центар за социјална работа, Фонд за здравствено осигурување, Здравствен дом, претставници од основните училишта “Никола Карев”, “Крсте Петков Мисирков”, средното училиште “Коста Сусинов”, детската градинка “Ацо Караманов”, невладини организации и организациите на жени “Деница” и “Женска акција”, родители на лицата со попреченост и локални медиуми. На овој ден, краток осврт за значењето на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, потребите и можностите на лицата со попреченост и нивно вклучување во сите сфери на живеењето даде Татјана Костадинова. Поздравно обраќање до присутните имаше и Градоначалнкиот на Општина Радовиш, кој изрази големо задоволство од работењето на дневниот центар како сервисна служба, но и вети понатамошна поддршка од страна на локалната самоуправа во работењето и остварувањето на програмата за работа во наредната година. Потоа од страна на претставниците на јавните институции се дадоа различни согледувања и коментари на локално ниво за намалување на бариерите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост во остварување на нивните права и нивниот нееднаков пристап во службите за образование, вработување, здравствена грижа, транспорт итн. Целиот настан беше проследен и прикажан од страна на локалните медиуми ТВ Кобра и ТВ Еми.

По повод одбележувањето на 3-ти Декември, Меѓународниот ден nа лицата со попреченост Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Битола имаше за цел да ја промовира организацијата пред сите државни институции, другите невладини организации и приватни институции кои имаат допирни точки со потребите на лицата со интелектуална попреченост. За таа цел се испечатија флаери во кои се опишани принципите, целите и активностите на организација. ЦПЛИП – ПОРАКА Битола стапи во контакт со државните институции како: Центар за ментално здравје, Републички завод за социјални дејности, ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух говор и глас, Завод за рехабилитација на деца со оштетен слух “Кочо Рацин” – Битола, ОУ “Ѓорги Сугарев” – Битола, Сојуз на слепи лица, Сојуз на глуви и наглуви лица, Сојуз на телесни инвалиди, Здружение на инвалиди, Лион организација, Црвен крст – Битола, со цел да се обединат сите во одбележувањето на овој ден. На 2-ри декември ЦПЛИП – ПОРАКА Битола учествуваше на активноста организирана од страна на ЛИОН организација во Битола во Центарот за социјална работа – Битола, заедно со Здружение на инвалиди и ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух говор и глас, на која присутните подобро се запознаа со активностите на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола, понатаму потребите на лицата со интелектуална попреченост со цел продлабочување на соработката и полесно надминување на проблемите со кои се соочуваат овие лица и нивните семејства. На 3-ти декември во ОУ “Ѓорги Сугарев” беше организирана изложба на ликовни, литературни творби и предмети изработени по техничко образование на учениците од посебните паралелки во училиштето. Со голема поддршка од директорот и наставниците учениците во училиштето беа запознати со оваа популација и изработија прекрасни творби. Присутни беа и родителите на децата со интелектуална попреченост и медиумите. На 3-ти декември во 12 часот во ОУ “Ѓорги Сугарев” беше организирана трибина на која присуствуваа дефектолозите, наставниците, директорот на ЈЗУ Завод за рехабилитација на слух, говор и глас и родителите на лица со интелектуална попреченост. На трибината се презентираа резултатите од претходните активности и проблемите кои треба да се надминат. Акцент беше ставен на прашањето за отворање на средно училиште во Битола за деца со интелектуална попреченост. Се разгледуваа идеи за активности во корист на истото кои би ги реализирале во тек на месец декември. По завршувањето на трибината во 13 часот ЦПЛИП – ПОРАКА Битола се придружи на работилница на ликовни творби, организирана од ЛИОН организацијата во Битола на која беше присутен и градоначалникот на Општината.

Согласно однапред планираното, членовите на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Струмица го одбележаа 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост со средба и дружење со учениците од медицинската струка на СОУ “Димитар Влахов”, притоа имајќи ги во предвид заложбите за интегрирање на лицата со интелектуална попреченост во нивната средина и меѓу популацијата без попреченост. Тргнувајќи од долгорочните цели на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица за надминување на предрасудите поврзани со лицата со интелектуална попреченост и за подигање на свеста кај целокупната популација за прифаќање на оваа категорија на граѓани, членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица ја прифатија поканата од учениците за заедничко одбележување на 3-ти Декември. На тој начин се продлабочи веќе воспоставената соработка со учениците од медицинската струка на СОУ “Димитар Влахов” кои неколкупати ги посетуваат лицата со интелектуална попреченост во просториите на социјалниот клуб. Средбата се одржа на самиот ден, во претпладневните часови, а започна со пречек на членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица и со обраќање на еден од учениците и потенцирање на важноста на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, потребата од прифаќање на попреченоста, важноста на социјализирањето на лицата со попреченост надвор од нивните домови и нивно оспособување за самостоен начин на живот. Од своја страна, членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица им подарија на учениците самостојни изработки, а средбата продолжи со закуска организирана од училиштето и неформална дискусија со психологот во врска со потребите и проблемите на лицата со интелектуална попреченост и она што за нив е направено на ниво на општината. Во текот на целата средба имаше одлична интеракција меѓу членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица и учениците. Средбата беше медиумски покриена од страна на една од локалните телевизиски станици. Секоја година по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во просториите на Домот на АРМ се одржува средба на градоначалникот со претставниците од невладини организации од Општина Струмица. И годинава се одржа таква средба и се разговараше за она што е направено за лицата со попреченост во општината од страна на надлежните органи на локалната самоуправа и она што во иднина треба да се преземе заради зголемување на нивната благосостојба и нивно прифаќање како рамноправни граѓани на локалната заедница. Претставниците на невладините организации ги посочија најчестите проблеми со кои се соочуваат нивните членови при остварувањето на своите права, а од страна на градоначалнкиот беше изразена подготвеност за соработка и поддршка на невладиниот сектор при реализацијата на проекти.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Гевгелија одбележувањето на 3-ти Декември го започна на 30.11.2012 година со најмалите ученици во основните училишта. Оваа средба имаше за цел подигнување на свеста кај најмалите за лицата со интелектуална попреченост, како да ги прифатат другарчињата со интелектуална попреченост. На 3-ти Декември се одржа работен состанок на родителите на лицата со интелектуална попреченост со претставници од релевантните институции каде лицата со интелектуална попреченост ги остваруваат своите права. Состанокот даде можност да се информираат родителите на лица со интелектуална попреченост за новините при обновата на документацијата за остварување на одредени права од социјална заштита. Беа дадени информации за плаќањето на партиципација за здравствените услуги, односно се дискутираше за сите права кои ги имаат лицата со интелектуална попреченост, за бариерите на кои се наидува при нивното остварување и начините за надминување на овие бариери.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Демир Хисар организираше повеќе активности за одбележување на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Во периодот од 15-ти октомври до 15-ти ноември течеше конкурс за ликовни и литературни творби на кои учество зедоа ученици од основното и средното образование на тема: “Вашата добрина – наша гордост”. На 3-ти Декември, ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар во соработка со СОУ “Крсте Петков Мисирков”, Домот на културата “Илинден” и основните училишта од Општина Демир Хисар, а поддржано од градоначалникот на Општината и локалната самоуправа, во големата сала на Домот на културата одржа одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост на тема “Отстранување на бариерите со цел создавање на инклузивно и пристојно општество за сите”, под мотото “Вашата добрина – наша гордост”. На свеченоста присуствуваа: Градоначалникот на општината, претставници на: локалната самоуправа, училишта, установи и институции, невладини организации, бизнис секторот и членови на КУД “Илинден” – Демир Хисар. Пред присутните беше прикажан краток филм под наслов “Авантурите на Сара.” Потоа присутните ги поздрави градоначалникот, г-дин Тони Ангелевски, кој ја истакна соработката со ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, партнерските односи во разрешувањето на проблемите на лицата со интелектуална попреченост, истакнувајќи дека поддршката како и досега продолжува и во наредниот период. Исто така, го истакна задоволството од работата и постигнатите резултати на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар. Присутните ги поздрави и претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, кој ги презентираше активностите на оваа организација во изминатата година. Главен акцент во оваа година беше ставен на подигнувањето на јавната свест кај граѓаните, а пред се децата и младината од основното образование. На темата “Што е интелектуална попреченост?” говореше Димче Ѓорѓиевски, ученик-едукатор од СОУ “Крсте Петков Мисирков” кој имаше посебно изработена презентација на оваа тема. За разликата меѓу менталната болест и интелектуалната попреченост зборуваше Николина Цветановска, ученичка-едукатор која преку својата презентација ги разјасни термините со цел да се дојде до вистината дека помеѓу овие две категории на лица постои разлика, а тоа е што менталната болест се лекува, а интелектуалната попреченост е состојба која останува до крајот на животот. Учениците од ОУ “Браќа Миладиновци” пред присутните настапија со сторија подготвена од нив, а посветена на лицата со попреченост, нивната ангажираност во давањето помош и нивно прифаќање како еднакви граѓани во општеството. За соработката и ангажирањето на наставниците и професорите од средното училиште зборуваше Роберт Петревски, кој ја истакна успешната соработка помеѓу училиштето и ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар. Во рамките на оваа манифестација беа прогласени и по три најдобри литературни и ликовни творби од основното и средното образование од распишаниот конкурс “Вашата добрина – наша гордост”. Понатаму ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар додели признанија на поединци за успешното делување во подигнувањето на јавната свест кај младата популација, децата и граѓаните во остварувањето на нивните права. Воедно се доделија и благодарници на поединци и институции за даден придонес во остварувањето на програмските активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар и за унапредување на правата на лицата со интелектуална попреченост. Пред самиот крај на настанот со своја програма пред присутните настапија и членовите на КУД “Илинден” од Демир Хисар. По завршувањето на манифестацијата присутните ја разгледаа изложбата поставена во холот на Домот на културата од ликовни творби изработени од учениците од основните и средните училишта.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Скопје во рамките на одбележувањето на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост организираше неколку различни активности. По контактот кој го оствари телевизијата “24 вести” со ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје беше снимен прилог за емисијата “Топ Форма” во кој се промовираа спортско-рекреативните активности на корисниците на дневниот центар – ПОРАКА Скопје. Прилогот беше емитуван на 3-ти Декември. Во соработка со РЦПЛИП – ПОРАКА на 4.12. 2012 година се одржа Отворен ден на дневниот центар на кој присутвуваа голем број на соработници и поддржувачи на работата на ПОРАКА. Отворениот ден се организираше со цел да се подигне степенот на познавање и разбирање на потребите и проблемите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и да се зголеми свеста за позитивните придобивки од нивното вклучување во секојдневниот живот на заедницата. Во текот на отворениот ден се презентираа активностите на дневниот центар – ПОРАКА Скопје, а присутните имаа можност да се дружат со корисниците на дневниот центар. Истата недела беше спроведена работилница со учениците од “QSI” – Американско средно училиште, а на нивна покана корисниците на дневниот центар присуствуваа на зимската приредба во Драмскиот театар организирана од ова училиште. Во рамките на одбележувањето на 3-ти Декември корисниците на дневниот центар – ПОРАКА Скопје одржаа уште две работилници. Едната со ученици од ОУ “Љубен Лапе”, а другата со волонтери од Црвениот крст на град Скопје на кои изработуваа различни ракотворби.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Штип одржа средба со своите членови, активисти, родители на лица со интелектуална попреченост. На средбата им беше презентирана темата “Здрава исхрана” од страна на Тана Николова, која кај учесниците побуди интерес и се разви интересна дискусија. Претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип ја презентираше главната тема “Отстранување на бариерите со цел да се создаде инклузивно и пристапно општество за сите”, а воедно ги запозна присутните со она што е постигнато во изминатава година, и што се планира да се реализира во иднина. По официјалниот дел, на членовите им беа поделени скромни подароци од донаторите “Баргала” АД Штип, спортски патики, и маички од Унијата на млади сили на ВМРО – ДПМНЕ, а локалната самоуправа организираше скромна закуска.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Дебар во рамките на одбележувањето на 3-ти Декември, на покана на Центарот за лица со интелектуална попреченост од Елбасан, Албанија, беа нивни гости на 29.11.2012 година и учествуваа во нивните работилници. Посетата се искористи и за продлабочување на соработката помеѓу овие два центри. На 3-ти Декември, пак Центарот од Елбасан беше во посета на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар, кој организираше средба на која учество зедоа релевантни актери во полето на интелектуалната попреченост. Секретарот на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар говореше за важноста на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, а пак претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар ги презентираше активностите кои беа реализирани во изминатава година. Особено ги истакна воспоставените контакти и продлабочената соработка со организции од другите градови во Македонија, но и со градовите Елбасан, Корча и Поградец од Албанија.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Македонска Каменица организираше работен состанок со градоначалникот на Македонска Каменица каде беа презентирани целите и активностите на организацијата, а и идните планови. Исто така беше реализирана и продажна акција потпомогната од вештите жени од Македонска Каменица. Тие подготвија разни гурмански специјалитети, а собраните средства ќе бидат наменети за идните активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Македонска Каменица.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Тетово спроведе низа активности во рамките на програмата за одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост. На 30.11.2012 година беше одржан состанок со Градоначалникот на Општина Тетово, г-дин Сади Беџети, на кој се презентираше работата на ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово и идните активности. Средбата се искористи да се поразговара и за проблемите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост во оваа општина и изнаоѓање на решенија за надминување на состојбите. На 2.12.2012 година се емитуваше дебатна емисија на локалната телевизија на која се говореше за значењето на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, со особен осврт на дискриминацијата на овие лица, надминувањето на бариерите за инклузија на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во редовните текови на општеството. На 3.12.2012 година во основните училишта “А.С.Ќиќиш” и “Лирија” во Тетово беше презентирано значењето на 3-ти Декември. Потоа беа изведени приредби подготвени од овие ученици, на кои учество зедоа учениците од посебните паралелки и нивните родители. Истиот ден, корисниците од дневниот центар и вработените организираа изложба на ракотворби која имаше продажен карактер, а собраните средства ќе бидат наменети за активности на центарот. Подоцна во текот на денот беше организирано и дружење на членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Тетово и членовите на здружението “Златна рака”.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Виница во просториите на дневниот центар за лица со попреченост организираше средба со вработените и корисниците на дневните центри од Виница и Берово, претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница и Центарот за социјална работа во Виница. На средбата и неколкучасовното дружење со корисниците беа презентирани разни изработки на предмети, цртежи и новогодишни честитки, а размената на искуства помеѓу вработените, родителите и останатите присутни беа од корист за сите. Планираната средба со градоначалникот на Општина Виница, г-дин Емил Дончев, за жал не се одржа, поради неуспехот да се дефинира термин за состанок. Исто така, и предвидениот конкурс за ликовни и литературни творби во основните училишта не можеше да се реализира поради извршувањето на инспекција од страна на Министерството за образование и наука во основните училишта. На 21.12.2012 година ЦПЛИП – ПОРАКА Виница организираше посета на штитениците во Специјалниот Завод – Демир Капија, втора оваа година. Во соработка со Црвен крст Виница се спроведе собирна акција на алишта за корисниците на Заводот, а бидејќи посетата се спроведе во пресрет на новогодишните празници, се обезбедија и скромни новогодишни пакетчиња.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Кавадарци следејќи ги насоките за овогодинешното одбележување на 3-ти Декември, организираше дебата на тема “Инклузија на деца со интелектуална попреченост во системот на основното воспитание и образование”. На дебатата учествуваа педагози и психолози од предучилишните установи и од основните училишта во Кавадарци, како и други релевантни чинители кои делуваат во полето на интелектуалната попреченост. Тие ги презентираа видувањата на оваа тема врз основа на сопственото работно искуство и во целост ја поддржуваат инклузијата на лицата со интелектуална попреченост во системот на образование. Дискутираа и за бариерите на кои наидуваат лицата со попреченост при учеството во сите аспекти од општеството, како на пример, непристапноста на физичката средина, непристапноста до информациска и комуникациска технологија. Сите присутни се согласија дека отстранувањето на овие бариери се услов за создавање на инклузивно и пристапно општество за сите. На 3-ти Декември, претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци имаа средба со градоначалникот на Општина Кавадарци, г-дин Александар Панов, на која ги презентираа своите активности, а од градоначалникот добија ветување дека ќе се залага за отстранување на бариерите за лицата со попреченост со кои тие се соочуваат на локално ниво. Лицата со интелектуална попреченост, членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци учествуваа на музичкиот хепенинг во спортската сала “Партизан” – Кавадарци каде се претставија со сопствен настап. Сите активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци беа проследени од локалните медиуми.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Прилеп одржа ликовна работилница под мотото “Отстранување на бариерите со цел да се создаде инклузивно и пристапно општество за сите”, на која учество зедоа деца со интелектуална попреченост од Прилеп изработувајќи новогодишни честитки. На настанот беа поканети претставници од локалната самоуправа во Прилеп, граѓански здруженија, претставници од Центарот за социјална работа, како и членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Куманово во рамките на својата програма за одбележување на 3-ти Декември организираше дебата на која учествуваа родители на лица со интелектуална попреченост, претставници на релевантни институции и претставници на бизнис секторот од Куманово. На дебатата се разговараше за унапредување на правата на лицата со интелектуална попреченост со цел подобра социјална инклузија и нивно учество во животот на заедницата. Во соработка со Дневниот центар за лица со посебни потреби, кој е во состав на Центарот за социјална работа во Куманово, ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово организираше и неколку работилници каде децата можеа да ги покажат своите умешности во цртање и во подготовка на колачиња.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Крива Паланка одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост го започна на 20-ти ноември со форумска сесија на која со компетентни лица се дискутираше на тема: “Отстранување на бариерите” во сите јавни институции. На сесијата се констатираше дека бариерите се отстранети кај најголем број од институциите, а онаму каде тоа не е сторено се заклучи да се стапи во контакт со локалната самоуправа со цел да се изнајдат решенија за надминување на состојбата. ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка организираше и ликовен конкурс на кој учествуваа учениците од општините Крива Паланка и Ранковце. По разгледувањето на добиените цртежи, се одлучи да се доделат 7 награди и две утешни награди кои беа јавно објавени на 3 и 4 декември. Централното одбележување на 3-ти Декември се одржа во дневниот центар за лица со интелектуална попреченост каде присуствуваа градоначалникот на Општина Крива Паланка, родители на лица со интелектуална попреченост и претставници на институции кои делуваат во областа на попреченоста. Градоначалнкиот при посетата истакна дека лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства треба во текот на целата година да ги уживаат своите права, а не само на 3-ти Декември, и за таа цел локалната самоуправа ќе води поголема грижа и ќе има поголема одговорност кон овие лица. Локалните медиуми исто така се приклучија на одбележувањето, и во целост го следеа настанот. На 4-ти декември, одбележувањето продолжи со настапот на учениците од основните училишта од општините Крива Паланка и Ранковце при што продефилираа преку 150 ученици кои настапија со свои програми и се дружеа со корисниците на дневниот центар. Од разговорот со менторите на групите ученици, јасно беше изнесен ставот дека веќе не постои одбојност на учениците кон овие лица, напротив, се поголем е бројот на оние кои сакаат да учествуваат во настапите, што дава за право да се заклучи дека учениците во голема мера се запознаени со интелектуалната попреченост, а лицата со интелектуална попреченост ги прифаќаат онакви какви што се без предрасуди и антипатија. На 7-ми декември беа посетени две семејства на деца со комбинирани попречености и едно семејство на дете со умерена интелектуална попреченост, при што им беа врачени симболични подароци, а со родителите се разговараше во однос на нивните права и активностите кои ги спроведува ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка.

Scroll to Top
Skip to content