Активности на локалните организации на РЦПЛИП - ПОРАКА

Oдбележување на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, на локално ниво

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Штип, активностите за одбележување на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост ги реализираше во периодот од 1-ви до 3-ти Декември, а согласно препораките дадени од здравствените власти за заштита од КОВИД-19. Беа реализирани онлајн работилници со долгогодишните соработници на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип. На онлајн работилницата со професорот Зоран Настов од ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ корисниците на дневниот центар се запознаа со работата на средното музичко училиште, како и со дел од музичките инструменти што се користат во наставата на училиштето. За време на работилницата со Соња Манева од НУ Универзитетска библиотека „Гоце Делчев“ од Штип, корисниците имаа можност да ги презентираат своите креативни способности и да изработуваат различни ракотворби. Во онлајн дружењето со Милена Ристова – Михајловска од Академија Еуро-арт, корисниците на дневниот центар повторно имаа можност да ги изразат своите креативни способности во креативно-уметничката работилница на тема „Подај рака, запеј песна“. Д-р Маријана Ѓеорѓиева уште еднаш ги потсети корисниците на дневниот центар за почитување на здравствените протоколи за заштита од Корона вирусот односно како најбезбедно да се заштитат од пренесување и уште полесно надминување на оваа состојба. Корисниците на дневниот центар, имаа можност и онлајн да се запознаат со корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп. Воедно на оваа средба ги разменија и своите искуства од работата во дневните центри и нивното совладување на нови знаења. Сите настани беа и медиумски покриени од страна на ТВ Стар, ТВ Ирис и Канал плус.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Радовиш  и оваа година на пригоден начин со свои активности на локално ниво го одбележа  3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Програмата за одбележување на овој ден ги следеше насоките и годинешната тема предложена од Обединетите нации: „Да градиме подобра поддршка за лицата со попреченост – инклузивен, пристапен и одржлив свет пост КОВИД-19“. Имајќи ја предвид актуелната состојба со пандемијата на КОВИД-19 и препораките на СЗО, корисниците на дневниот центар останаа во своите домови заедно со семејствата со цел да го зачуваат своето здравје и здравјето на најблиските. Во таа насока се направи медиумско одбележување на овој ден преку интервју на локалниот медиум ТВ Кобра  од страна на ангажираното лице во дневниот центар Татјана Костадинова. Таа го истакна значењето на овој ден за сите лица со попреченост со препораки за давање на максимална поддршка на сите лица со попреченост во време на пандемија и после неа. Потенцирајќи го сегашниот начин на функционирање на дневниот центар во време на актуелната состојба, со следење на мерките и протоколите за работа, нагласи дека и понатаму треба сите да се бориме  за подигнување на јавната свест во обезбедување на еднаквост и почитување на правата на лицата со попреченост. На тој начин ќе овозможиме нивна инклузија и вклучување во сите аспекти на општеството. Воедно се заблагодари на сите поддржувачи и соработници во начинот на функционирање на самата организација и дневниот центар како сервисна служба.

Врз основа на препораките од РЦПЛИП – ПОРАКА, имајќи ја предвид епидемиолошката состојба со Корона вирусот и почитувајќи ги сите протоколи и мерки за заштита, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Велес, за одбележување на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост реализираше работилница за изработка на 100 парчиња обележувачи за книги (букмаркери), кои на предната страна се со слика од деца/лица со попреченост, а на задната страна стои овогодинешната тема за одбележување на Обединетите нации „Да градиме подобра поддршка: за лицата со попреченост – инклузивен, пристапен и одржлив свет пост Ковид-19“ со завршен детаљ  – логото на ЦПЛИП – ПОРАКА Велес. Изработените букмаркери се испратија и поделија на сите членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Велес и други лица/деца со попреченост од Општина Велес. Исто така се испратија/поделија и на наградените ученици – учесници од Конкурсот на ПОУ „Маца Овчарова“ за најдобра ликовна творба по повод 3 Декември.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Битола, оваа година во услови на пандемија со КОВИД-19, 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост го одбележа различно, но одговорно и од дома. ЦПЛИП – ПОРАКА Битола реализираше инклузивна и пристапна работилница преку социјалните мрежи насловена „Едноставна и искрена порака“. Креативната работилница беше реализирана  од 3-ти до 5-ти декември преку ФБ профилот на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола, на зададена тема „Да градиме подобра поддршка: За лицата со попреченост – инклузивен, пристапен и одржлив свет пост КОВИД-19“. На ФБ на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола се објавуваа испратени видеа, ракотворби, цртежи, лични творби во кои беа прикажани можностите на лицата со интелектуална попреченост. Најдобрите по пат на гласање (најголем број на допаѓања и споделувања) добија Благодарница и маичка и капа со логото на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола. Во  работилницата, која наиде на многу добар одзив во Битола, како и во други градови низ Македонија учествуваа ООУ „Тодор Ангелевски“ – Битола, ООУ „Климент Охридски“ – Битола, ООУ „Трифун Пановски“ – Битола, ООУ „Славејко Арсов“ – Штип. Имаше и поединечни творби од креативци од Скопје, Охрид, Прилеп, Студенти од Педагошки факултет – Битола, психолози, дефектолози, професионални уметници и поети, фотографи, здруженија, односно секој учествуваше на свој начин, со свои пораки за поддршка.   Преку интересните и креативни постови, ја постигнавме нашата цел – испративме „Едноставни и искрени пораки“ за недискриминација, другарство, соживот, солидарност хуманост за сите заедно да креираме среќно и убаво општество, кое се грижи и ги цени подеднакво сите. Традиционалната Крводарителска акција е одложена поради пандемијата со КОВИД-19, но останува во план за реализирање во очекување на подобрување со моменталната состојба.

По повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Прилеп организираше низа активности кои поради епидемиолошката состојба со КОВИД-19 се реализираа на онлјан платформите. На 1.12.2020 година се реализираа две работилници со ученици од ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп. На едната учениците и корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп твореа на тема „Како го замислувам вирусот КОВИД-19“, а на другата се изработуваа украси од најразновидни, достапни материјали. На 2.12. се реализираше онлајн средба меѓу корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп и во Штип.  Во текот на средбата ги разменија своите искуства од работата во дневните центри и нивното совладување на нови знаења. Исто така, на 3.12.2020 година се реализираше и онлајн средба со медицинско лице од службата за итна медицинска помош на која се разговараше за вирусот КОВИД-19, за мерките за заштита и правилно користење на заштитната опрема. Во текот на средбата, медицинското лице демонстрираше како правилно се мести и носи заштитната маска. Корисниците на дневниот центар имаа можност да се запознаат со македонскиот пејач Ален Хасанович. Средбата се одржа онлајн на 7.12. на која сите заедно изведуваа македонски народни песни. На 8.12. се реализираше средба со спортист-фудбалер на која корисниците имаа можност да се запознаат со разни видови на спортови, да слушнат за придобивките од спортувањето, но и да разговараат за формирањето на здрави навики.

Центарот за  поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Гевгелија, како и останатите локални организации, 3 Декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост го одбележа со онлајн активности, користејќи ги социјалните мрежи. Со поддршка на волонтерите на ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија, лицата со интелектуална попреченост, корисници на социјалниот клуб, изработуваа рачни изработки и ракотворби во домашни услови. Тие ракотворби, потоа, се поставуваа на Фејсбук страната на ЦПЛИП – ПОРАКА. Исто така, во изминатиот период се поставуваа различни текстови и пораки од родителите и лицата со интелектуална попреченост, кои имаа за цел подигнување на јавната свест за потребите со кои се соочуваат овие лица во секојдневното живеење, а особено сега во услови на пандемија.

Следејќи ги препораките на Обединетите Нации кои за овогодишното одбележување на 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, а со оглед на епидемиолошката состојба со корона вирусот во Скопје, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Скопје реализираше низа активности. На 3.12.2020 година во соработка со Центарот за изведувачки уметности и едукација Театар Пи отвори изложба на инсталации/цртежи на лица со интелектуална попреченост, корисници на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Изложбата е поставена на Плоштадот Филип Втори и ќе биде поставена и во месец јануари 2021 година. На 18.12. се одржа музички онлајн концерт на кој учество зедоа корисници на дневните центри заедно со уметниците од Театар Пи. Музичкиот концерт беше проследен од премиерата на документарниот филм „Прозорците што се смеат“ во кој главни протагонисти се корисници на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Снимањето, продукцијата и режијата на документарниот филм е на Театар Пи.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Струмица оваа година го одбележа 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост со неколку активности, кои беа насочени кон подигање на свеста за значењето од континуираното унапредување на положбата на лицата со попреченост во општеството, а соочени со предизвиците пред кои сите сме исправени, а тоа е пандемијата од вирусот COVID-19. Имено, соочени со пандемија, висок степен на претпазливост и почитување на мерки, препораки и протоколи за работа, оваа година не се одржа традиционалниот настан како претходните години, туку активностите беа сведени на онлајн активности, медиумска кампања и интеракција со општата јавност преку социјалните медиуми, радио и ТВ. За таа цел, беше изработена мини-кампања, во која членовите на Социјалниот клуб – лица со интелектуална попреченост, презентираа 4 кратки приказни, кои беа презентирани т.е. испишани на хамер-хартија, а членовите ги презентираа на начин што еден ги држи хамер-хартиите, а друг, како тече приказната, ги врти хамер-хартиите со текстот на нив. Имено, во кратките приказни се презентирани некои лични карактеристики на двајцата кои учествуваат во истата, а на крајот од нивната кратка сторија, произлегува една порака, односно состојба која што сакаме да ја потенцираме, а во насока на унапредување на правата, слободите и положбата на лицата со попреченост во општеството. На крајот, по кратките приказни, сите членови во 5-то видео, дефилираат пред видео објективот носејќи транспаренти во раце со испишани пораки со совети за заштита во услови на пандемија и совети за спречување на ширење на вирусот COVID-19. Овие кратки видеа беа изработени од професионален камерман и монтажер, кои во текот на целиот ден на 3.12.2020 година во временски квартали, беа презентирани на Facebook фан-страната на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица и на локални веб-портали, како дел од онлајн кампањата за Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Воедно, беше подготвен и ТВ прилог со комбинација од гореспоменатите видеа и кратко соопштение за значењето на 3-ти Декември, а кој се емитуваше во централните вести на регионалната телевизија ТВ Канал ВИС. Исто така, на 3.12.2020 г. претставник на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица беше гостин на радио емисија на Радио Марија Македонија, каде што се разговараше за значењето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, предизвиците со кои сѐ уште се соочуваат лицата со попреченост во различните сфери на општественото живеење, а особено во услови на пандемија, што е она кое што е актуелно во организацијата и што е тоа што следи. Воедно, деновите кои следуваат до крајот на декември, кампањата ќе биде надополнета и со изработените инфографици, на кои се презентирани податоци за она што е сработено во 2019 и 2020 г. од страна на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица. Исто така, на 3.12.2020 г. се одвиваа и редовните активности во социјалниот клуб, почитувајќи ги сите протоколи, мерки и препораки за работа, а воедно и на сите членови и нивните родители им беа презентирани гореспоменатите видео-приказни, а воедно се разговараше и за реализираните активности во текот на годината, што е она кое што ни претстои до крајот на годината, идни планови за следната година, предизвиците со кои што се соочуваат родителите во домашни услови во услови на пандемија, справување со изолацијата во домовите заради заштита од вирусот.

Scroll to Top
Skip to content