Активности на локалните оргaнизации

ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост ПОРАКА – Радовиш континуирано продолжува со активности на локално ниво во рамките на националната кампања за промоција на еднаквост за лица со попреченост “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во општеството” во организација на Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА која со своите локални организации ја спроведува во текот на 2007 година.

Во месец септември преку локалните медиуми ја запознавме радовишката јавност со целите и задачите на националната кампања и основните принципи: права, претставување, признавање и почит кои се основа на спроведување на оваа кампања.

Посебен акцент се стави на подигнување на јавната свест за потребите и потенцијалите на лицата со интелектуална попреченост, нивните човекови права и прифаќање на различноста како една добробит во едно демократско општество.

Со почеток на учебната година продолжи соработката со двете основни училишта во нашиот град и средното училиште за реализирање на тематски часови “Што е интелектуална попреченост?”. На 20.09.2007 година се одржа тематски час во основното училиште “Крсте Петков Мисирков” од страна на претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш, д-р Лила Сусинова, секретарот на ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш г-ѓа Кика Чаева – педагог, и Татјана Костадинова, ангажирано лице во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш заедно со двајца корисници.
На 25.09.2007 година се одржа тематски час во основното училиште “Никола Карев” со ученици од петто и седмо одделение од страна на претседателот на ЦПЛИП –ПОРАКА Радовиш, ангажираното лице во дневниот центар и родители на лица со интелектуална попреченост. Сите ученици добија основни информации за состојбата во која се наоѓаат лицата со интелектуална попреченост, нивните потенцијали и можности доколку им се даде еднакво место во сите сфери на општественото живеење, почнувајќи од образование за сите до нивна рехабилитација и вработување.

Учениците беа задоволни од информациите кои ги добија за лицата со попреченост и со нивните наставнички се разговараше за спроведување на заеднички работилници во текот на наредниот период.

ЦПЛИП – ПОРАКА Штип

Во рамките на националната кампања што ја спроведува Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА со локалните организации под мотото: “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во општеството”, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Штип одржа трибина на тема: “Еднаквост за лицата со интелектуална попреченост во општеството”.
Трибината се одржа во Центарот за специјално средно образование и воспитание “Искра” – Штип на ден 23.11.2007 година.

На трибината присуствуваа учениците од Центарот за специјално средно образование и воспитание “Искра”, наставниот кадар, членовите на Извршниот одбор на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип, членови и нивните родители, претставник од Центарот за социјална работа, Агенцијата за вработување, Медицински центар – Штип, дневниот центар за деца со посебни потреби – Штип.

Јорданчо Стоиманов, претседател на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип, ја претстави личната карта и целите и задачите на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Штип.
Добринка Веселинова го претстави концептот и целите на националната кампања која Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА ја спроведува со своите 20 локални организации.

Лилјана Крстевска, социјален работник и секретар на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип, во своето излагање говореше за Законот за вработување на инвалидни лица, правата и должностите што ги имаат лицата со интелектуална попреченост кои ќе се вработат согласно овој закон.

Благица Јованова, член на Извршниот одбор на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип ги прочита предлозите за измени и дополнување на Предлогот за донесување на закон за социјална заштита и социјална сигурност изготвен од Министерството за труд и социјална политика, кои ги донесе Извршниот одбор на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип.

Од излагањата и дискусиите на трибината се донесоа и заклучоци за кои сите ние во иднина ќе се залагаме да бидат остварени.
Трибината ја покриваше локалната телевизија “ИРИС” – Штип.

ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија

Во рамките на кампањата “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во општеството”, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Гевгелија дистрибуираше промотивен материјал на јавните места во општина Гевгелија и населените места. Исто така беа одржани предавања во ЦОУ и УЦ “Јосиф Јосифовски” на тема “Што е интелектуална попреченост?”, а јавноста преку медиумите беше запознаена со целите на кампањата.

На 14.11.2007 година во домот на Заедницата на инвалидски организации се одржа тркалезна маса на која се говореше за правата на лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија и нивно унапредување. Присутните на тркалезната маса ги поздрави претседателот, г-ѓа Жоржина Глигорова, која даде вовед за целите на кампањата. Потоа збор зема г-дин Филип Филиповски кој истакна дека кампањата има позитивен стил и е насочена кон пошироката јавност со особен фокус кон институциите кои ја креираат политиката и ги спроведуваат законите на национално и на локално ниво. Кампањата треба да даде голем придонес за подобрување и спроведување на законската рамка со која се уредуваат правата на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства, особено на законот за социјална заштита и социјална сигурност.

Претставникот од Центарот за вработување, г-дин Ангел Диновски, нагласи дека има десетина вработени лица со посебни потреби во заштитни работилници. Објасни за субвенциите кои ги дава државата преку посебниот фонд, а согласно Законот за вработување на инвалидни лица, за вработување, како за лицата кои се вработени така и за работодавецот.
На тркалезната маса учествуваа и две ученички кои ги интересираше зошто е укината специјалната паралелка при ЦОУ “Крсте Мисирков” од Гевгелија. Во образложувањето претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија и г-ѓа Руска Петрова, претставник од образованието, појаснија дека поради намалениот број на ученици, тие се прифатени во редовните паралелки.

На крајот од дискусиите се донесе заклучок: ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија ќе продолжи да делува за подобрување на законската рамка со кои се уредуваат правата на лицата со интелектуална попреченост; со позитивни акции, координирано заедничко дејствување меѓу локалните власти и невладините организации да се придонесе за надминување на дискриминацијата; признавање на можностите и потенцијалите на лицата со интелектуална попреченост; градење на добри односи и почит кон лицата со интелектуална попреченост.

ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка

На 25.10.2007 година Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Крива Паланка во просториите на локалната самоуправа одржа јавна трибина во рамките на кампањата “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во општеството”.

На јавната трибина учествуваа претставници од локалната самоуправа, од центарот за вработување, фондот за здравствено осигурување, центарот за социјална работа, од основно и средно образование, како и родители на лица со интелектуална попреченост.

Претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка ги претстави целите и задачите на ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка. Претставникот од Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА го претстави концептот на националната кампања за еднаквост на лицата со интелектуална попреченост, и целите и задачите на оваа кампања, како и активностите кои се преземаат на национално ниво. На ова повторно се надоврза претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка која ги презентираше преземените активности во рамките на кампањата на локално ниво. Претставниците на локалната самоуправа говореа за улогата која ја имаат во остварувањето на правата на лицата со попреченост, како и досега преземените активности за унапредување на состојбата на лицата со попреченост во општина Крива Паланка.

Претставникот од Центарот за вработување накратко го образложи Законот за вработување на инвалидни лица, и информираше за бројот на вработени лица со попреченост согласно овој закон. Претставникот од Фондот за здравствено осигурување, пак, ги претстави законските можности согласно Законот за здравствено осигурување кои се однесуваат на лицата со интелектуална попреченост. Директорот на Центарот за социјална работа образложи делови од Законот за социјална заштита и информираше за бројот на лица со интелектуална попреченост кои добиваат надоместоци согласно овој закон.

По излагањата на претставниците од релевантните институцци во општина Крива Паланка, следеше дискусија на која тие одговараа на поставените прашања од страна на родителите на лица со интелектуална попреченост.

Јавната трибина заврши со најави за идните активности кои ќе се преземат на локално ниво во рамките на кампањата.

ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица

ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица започна со спроведување на националната кампања “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во општеството” во соработка и со поддршка од здружението на телесно-инвалидизирани лица, здружението на слепи лица, здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа и здружението на глуви и наглуви лица.

ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица изработи анкетен лист кој беше отпечатен во 4.000 примероци и дистрибуиран до трите средни училишта и четирите основни училишта во Струмица. Анкетирани беа по една – две паралелки од сите одделенија и класови и тоа по случаен избор. По извршената анализа, беа добиени следните резултаи: 90% од училишните деца ги забележуваат децата со попреченост; доколку имаат дете со попреченост во нивното одделение ќе го прифатат и ќе му помогнат; ако спомнат дома дека седат во иста клупа со дете со попреченост, родителите би ги советувале да им помагаат; ако сретнат на улица дете со попреченост нема да избегаат на другата страна од улицата, туку ќе му помогнат да ја помине улицата.

Од 11.09.2007 година започнаа активностите во “Клубот за деца и младинци со интелектуална попреченост” во простории на локалната самоуправа. Активностите се спроведуваат секој вторник и четврток од 16 – 18 часот. Има голема просторија која служи како работилница за работно оспособување и едукација; помала просторија која служи како училница за описменување; кујна која прво се користи како училница за едукација на аутистични деца и поттикнување на говор, а после служи како место за освежување.

По започнувањето со овие активностите, ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица и Собранието на Општина Струмица потпишаа меморандум за партнерство. Нашата активност и редовност ќе допринесат одговорните во локалната самоуправа да размислат, во што побрзо време, да отворат дневен центар за деца со интелектуална попреченост и дневна работилница за работно оспособување на младинци со интелектуална попреченост.

На завршната активност во рамките на оваа кампања, по повод 3-ти Декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, во Центарот за поддршка на граѓаните, со почеток во 17 часот, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Струмица одржа манифестација на која се истакнаа позитивните резултати од минатата година но, и препреките и проблемите на кои нашле во реализацијата на програмските активности.

На овој настан присуствуваа градоначалникот на Општина Струмица, г-дин Зоран Заев, претставници од локалната самоуправа, релевантни институции на локално ниво кои делуваат во областа на попреченоста, како и родители на лица со интелектуална попреченост.

Градоначалникот на Општина Струмица, г-дин Зоран Заев, изрази длабока поддршка и разбирање за секојдневните проблеми и потреби на лицата со интелектуална попреченост. Воедно даде ветување дека како и досега, така и во иднина ќе се грижи за овие лица, осмислувајќи нови, повисоки форми на нивно згрижување и делување, се разбира во рамките на општинските ингеренции и можности.

Децата со интелектуална попреченост, членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица, имаа можност пред бројните посетители и целата струмичка јавност рецитирајќи стихотворби и пеејќи песнички да покажат дека и тие се рамноправни членови на оваа заедница.

Манифестацијата заврши со упатување благодарност до сите оние кои на било каков начин ја потпомогнале ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица и нејзиното работење.

Потоа следеше отварање на продажна изложба на ракотворби изработени од децата со интелектуална попреченост кои го посетуваат Клубот за времено опфаќање на деца и младинци со интелектуална попреченост. Сите парични средства кои се собраа од продажбата ќе бидат наменети за обезбедување на нови материјали за активности.

ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Демир Хисар, во рамките на своите активности во националната кампања за промоција на еднаквост на лицата со интелектуална попреченост, на ден 27.09.2007 година во О.У. “Гоце Делчев” од Демир Хисар организираше тркалезна маса на тема: “И ние имаме право на образование”.

На тркалезната маса присуствуваа претставници од локалната самоуправа, претставници од образовните институции во општината и членовите на Извршниот одбор на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар.
Тркалезната маса ја отвори г-дин Љубе Димчевски, претседател на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар и ги претстави активностите на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар во поддршката за образованието на лицата со интелектуална попреченост.

За правата од Законот за основно образование говореше г-ѓа Жана Јосифовска, а за искуствата во образованието на децата со интелектуална попреченост говореше г-ѓа Маре Стојменовска Мицевска.
По дискусијата на оваа тема се донесоа следните заклучоци:

  • Обезбедување на образование за сите деца/лица без разлика на степенот на попреченост, како основа за нивна успешна интеграција во сите области од животот;
  • Локалната самоуправа да ги преземе сите мерки и активности предвидени во Законот за локална самоуправа (одредбите за образование) за целосен опфат на децата со лесна интелектуална попреченост во паралелки од редовната настава и обезбедување услови за образование на децата со умерена интелектуална попреченост во посебна паралелка;
  • Едукација на наставен кадар (учители, наставници, професори) кои во своите одделенија можат да се сретнат со деца со интелектуална попреченост како да ги вклопат во редовната настава со цел да се здобијат со подобри знаења.

Друга активност на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Демир Хисар во областа на образованието, а во рамките на националната кампања за промоција на еднаквост за лицата со интелектуална попреченост, беше одржувањето на работилница на тема: “Можноста за опфат на лицата со лесна интелектуална попреченост во средното образование”, на ден 07.11.2007 година во С.О.У. “Крсте П. Мисирков”.

На работилницата учествуваа: Градоначалникот на Општина Демир Хисар, претставници од локалната самоуправа, невладини организации, професори од С.О.У. “Крсте П. Мисирков”, членови на Извршниот одбор и Комисијата за образование на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, и родители на лица со интелектуална попреченост.

Работилницата ја отвори г-дин Љубе Димчевски, претседател на ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар, при што истакна дека оваа работилница ја организира ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар под покровителство на директорот на С.О.У. “Крсте П. Мисирков”, г-дин Виктор Митревски, под мотото: “И ние имаме право на глас, дајте ни ги нашите можности да бидеме со вас, тоа се Вашите должности”, а на тема: “Можноста за опфат на лицата со лесна интелектуална попреченост во средното образование”. Воедно, ја презентираше Конвенцијата на Обединети нации за правата на лицата со попреченост.

Во името на покровителот присутните ги поздрави г-дин Ванѓелко Лозановски, професор во С.О.У. “Крсте П. Мисирков”, кој ги истакна активностите на ова училиште и соработката со ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар во областа на опфатот на лицата со лесна интелектуална попреченост во средното образование сега и во наредниот период, кога со Законот за средно образование донесен од Собранието на Р. Македонија, средното образование ќе биде задолжително.

За приоритетите при донесувањето на Законот за задолжително средно образование зборуваше г-дин Роберт Петревски, професор во С.О.У. “Крсте П. Мисирков” кој истакна дека треба и во помалите општини да се создадат услови за опфат на овие лица во средното образование при што во предвид да биде земено нивно обучување во стручни насоки заради понатамошно усовршување и вработување.

За улогата на локалната самоуправа зборуваше г-ѓа Валентина Павловска, помлад соработник за здравствена и социјална заштита во општина Демир Хисар која ги истакна активностите на локалната самоуправа во изнаоѓањето на финансиски средства и простор за образование на овие лица.

За искуствата во образованието на децата со интелектуална попреченост зборуваше г-ѓа Маре Стојменовска Мицевска, активен волонтер во ЦПЛИП – ПОРАКА Демир Хисар.

На крајот од работилницата се донесоа следните заклучоци:

  • Собранието на РМ да ја ратификува Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лица со попреченост за да може да се применува и во нашата земја;
  • Локалната самоуправа да ги преземе сите мерки и активности од нејзина надлежност за поголем опфат на лицата со интелектуална попреченост во редовното задолжително средно образование за лицата со лесна интелектуална попреченост и средните училишта за работно оспособување на лицата со умерена интелектуална попреченост;
  • Едукација на професорите кои во своите класови можат да се сретнат со децата со интелектуална попреченост како да ги вклопат во редовната настава со цел да се здобијат со подобри знаења;
    Вработување на психолози, дефектолози и педагози кои ќе бидат ангажирани во образованието на овие лица.

ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Скопје во рамките на националната кампања “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во општеството” организирана од страна на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во изминатиов период реализираше неколку активности.

На 07.11.2007 година со почеток во 12:30 часот во ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје организираше тркалезна маса на тема: “Социјална заштита и социјална сигурност на лицата со интелектуална попреченост”. На тркалезната маса учествуваа претставници од ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, Одделенијата за социјална заштита на подрачјата на општините на град Скопје, Одделението за социјална, детска и здравствена заштита при Секторот за јавни дејности на Град Скопје, РЦПЛИП – ПОРАКА, ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје, дневни центри и родители.

Воведничари на оваа тркалезна маса беа: Владо Крстовски – програм асистент во РЦПЛИП – ПОРАКА и Јасмина Блажовска – ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје, Одделение за лица со пречки во психичкиот или физичкиот развој. Добиените заклучоци од тркалезната маса беа дистрибуирани до сите надлежни институции.

Се реализираа околу 40-тина тематски предавања на тема: “Што е интелектуална попреченост?” во основни, средни и високообразовни институции во Скопје, во кои беа вклучени родители – членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје.

Се поставија продажни изложби на изработки од корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје на Скопскиот Саем, на саемите “Алтравита”, “ИНФОКОМ” и Саемот на НВОи. Покрај ова, изложба беше поставена и во ДХО “Даре Џамбаз” во рамките на одбележувањето на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје врши постојана дистрибуција на информативниот материјал (леток, постер) кој е изработен за потребите на кампањата.

ЦПЛИП – ПОРАКА Велес

Активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Велес во рамките на кампањата, беа првенствено насочени кон реализација на тематските часови “Што е интелектуална попреченост?” на територијата на општина Велес.
Во јуни, како и во септември и октомври се опфатија сите училишта во градот Велес и општините Чашка и Градско. И таму кампањата беше многу успешна и промовирана и пред некои од родителите, при родителските средби.

Локалната радиостаница “Радио Голди” известуваше за кампањата која ја спроведуваше ЦПЛИП – ПОРАКА Велес во училиштата со пренесување на делови од излагањата на наставници или другите стручни лица, но и делови од кажувањата на учениците и нивните родители, со коментар на нивни репортер за поддршка на кампањата.

Изминатите три месеци ЦПЛИП – ПОРАКА Велес постојано вршеше притосоци врз советниците на Општина Велес за усвојување на Локален акционен план за хендикеп, и истиот на посебна седница на 3.12.2007 година беше донесен едногласно. Локалниот акционен план за хендикеп на Општина Велес 2008 – 2010 година или познат како Агенда 22, претставува стратешки документ за идентификување на потребите, цели и приоритети кои Општина Велес си ги поставува пред себе во наредните три години со цел да се унапреди квалитетот на животот и работењето на лицата со хендикеп.

На 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, имавме програма и изложба подготвена од децата кои се наши членови, но и една заедничка активност со децата од дневниот центар за деца со посебни потреби и ОУ “Ордан Хаџи – Конастантинов Џинот” од Велес.

ЦПЛИП – ПОРАКА Охрид и ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово

Локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА во Куманово и во Охрид, како завршна манифестација во рамките на кампањата “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во општеството”на локално ниво, а по повод 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, организираа јавни настани на кои беше промовиран документарниот филм за дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА.

Во Куманово документарниот филм беше промовиран на 6-ти Декември 2007 година во преполната сала на Младинскиот културен центар. Манифестацијата опфати читање на поезија, доделување на благодарници и продажна изложба на изработки од корисниците на дневниот центар во Куманово.

Во Охрид, трибината на која беше промовиран документарниот филм се одржа на 13-ти Декември 2007 година, во салата на Советот на Општина Охрид, под покровителство на Градоначалникот на Охрид, г-дин Александар Петрески. По промоцијата на филмот, на трибината се разви дискусија за правата и потребите на лицата со интелектуална попреченост.

ЦПЛИП – ПОРАКА Кочани

По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, а во рамките на кампањата “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во општеството” Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Кочани на 04.12.2007 година, во 14:00 часот, во фоајето на Центарот за култура “Бели Мугри” во Кочани одржа продажна изложба. На изложбата “Презентација на можностите на лицата со интелектуална попреченост” беа изложени ракотворби, цртежи и изработки на украсен накит од корисниците на дневниот центар ПОРАКА – Кочани. Средствата од продажната изложба се наменети за награда на корисниците и за набавка на материјали за работа во дневниот центар.

На изложбата присуствуваа претставници од локалната самоуправа на Општина Кочани, градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево, претставници на Општина Зрновци, претставници од Советот на Општина Кочани, претставници и соработници од областа на здравството, Центарот за социјална работа, Центарот за вработување, од Фондот за здравствено и пензиско осигурување, подрачната единица на Министерството за труд и социјална политика, ученици и директори од основни училишта, од невладини организации, досегашни и потенцијални спонзори, родители и лица со интелектуална попреченост.

Присутните со пригоден говор ги поздрави претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Кочани, г-ѓа Светлана Трнинкова, со особен акцент на правата на лицата со интелектуална попреченост, нивните проблеми, потреби, а најмногу на нивните потенцијали. Го стави фокусот врз признавањето на можностите и способностите, а не врз попреченоста. Лицата со интелектуална попреченост имаат капацитети и потенцијали кои доколку правилно и навремено се насочат и развиваат, во голема мера може да се овозможи поголема самостојност на лицата во секојдневниот живот и нивно вклучување во општествениот живот.
По отварањето на изложбата, за кратко време се продадоа голем дел од изложените ракотворби, со видлива почит кон изработките на лицата со интелектуална попреченост. Додека едни купуваа, други разгледуваа, претставник од конфекцијата “Делта холдинг”, покрај тоа што купи изработки, им подари облека на вредните корисници на дневниот центар.

Иако изложбата сeуште траеше, во соседната просторија започна трибината на тема: “Преку различноста до еднаквост во општеството”.
Претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Кочани даде воведна презентација на трибината во рамките на националната кампања организирана од Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, а ги запозна присутните и со реализираните и идните активности на локално ниво.

Претставниците на локалната самоуправа на Општина Кочани и на Општина Зрновци, како и Градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево дадоа свои излагања за местото и улогата на локалната самоуправа во остварувањето на правата на лицата со интелектуална попреченост.

Г-дин Бојан Максимов, претставник од Центарот за социјална работа во Кочани и долгогодишен член на Извршниот одбор на ЦПЛИП – ПОРАКА Кочани ги презентираше предлозите изготвени од страна на РЦПЛИП – ПОРАКА за подобрување на законската рамка во новиот предлог за Закон за социјална заштита и социјална сигурност,

Настанот беше проследен од локалните пишани медиуми и изготвувачи на интернет страницата за општина Кочани.

ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар

Во рамките на Националната кампања за промоција на еднаквост за лицата со интелектуална попреченост “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во општеството”, ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар одржа јавна трибина на 17.11.2007 година, под мотото: “И ние имаме право на глас, дајте ни ги нашите можности да бидеме со вас, тоа се вашите должности”.

Г-дин Буран Бала, претседател на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар, ја отвори трибината и ги претстави целите и задачите на ЦПЛИП – ПОРАКА Дебар. Тој исто така говореше за концептот на националната кампања и целите и задачите кои се поставени во рамките на истата, а ја презентираше и Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост.

Во својата дискусија, Градоначалникот на Општина Дебар, д-р Аргетим Фида, зборуваше за приоритетите за изменување и дополнување на законите за здравствена заштита и здравствено осигурување, како и за остварувањето на правата на лицата со интелектуална попреченост. Г-дин Атиф Бајрамовски ги презентрише приодритетите во однос на процесот на деинституционализацијата и неговото значење за лицата со интелектуална попреченост. Г-дин Ресул Толуми, директор на основното училиште “Братство и единство” говореше за вклучувањето на лицата со интелектуална попреченост во редовниот образовен систем, како и за проблемите кои се појавуваат во спроведувањето на овој процес.

Интересот за оваа трибина беше огромен. Тоа беше потврдено со учеството на голем број родители, претставници на релевантни институции и на локалната самоуправа. Градоначалникот и Претседателот на Советот на Оштина Дебар ветија поголема соработка во инднина, со цел подобрување на состојбата во која се наоѓаат лицата со интелектуална попреченoст во Општина Дебар.

Scroll to Top
Skip to content