Активности на Меѓународното училиште НОВА

Хуманитарен концерт “Teenage Riot”

Македонските бендови „Ареа”, „ПМГ колектив”, „Фанк шуи”, „Кара” и „Линколн летер” на 12 април 2017 година настапија на хуманитарниот концерт Теенаге Риот кој се одржа во Младинскиот културен центар во Скопје. Парите собрани од продажбата на влезници беа наменети за Центарот на поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака” – Скопје. Концертот беше во организација на средношколците од меѓународното училиште „Нова” и е во рамки на програмата „Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности”.Станува збор за национална програма која се имплементира во сите општински организации на Црвениот крст и на годишно ниво обучува околу 1200 младинци, потенцијални волонтери во организацијата и 40 десиминатори кои работат со младинците. Како дел од неа, младите добиваат обука за вредностите на Црвениот крст, учат за културата како систем од вредности, за културата на дијалог како основен предуслов за градење на интеркултурно општество. Воедно добиваат и практични знаења како да изработуваат мали проекти за доброто на заедницата во која што живеат, проекти преку кои помагаат на ранливото население. На годишно ниво се изработуваат од 150 до 200 мали проекти преку кои им се помага на околу 3000 лица во нашата земја, на некои краткорочно додека за некои помошта е долгорочна.

Имплементацијата на програмата „Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности” (ЦКА-ПХВ) оваа година е овозможена со поддршка на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвена полумесечина. Се прави во соработка со учениците од „Нова” кои веќе реализираа повеќе проекти за помош на заедницата со цел да се помогне на одредени социјално загрозени или маргинализирани групи во општеството. Насловот на концертот произлегува од песна на култниот американски бенд „Соник јут”, а бендовите кои настапија се едни од најактивните на домашната сцена.

Скопскиот бенд „Фанк шуи” на концертот настапи заедно со корисници на дневните центри на ЦПЛИП -ПОРАКА Скопје. На настапот му претходеа проби во просториите на дневните центри, а публиката на концертот може да посведочи за прекрасната енергија и неповторливите емоции кои ги примија од лицата со интелектуална попреченост.

Scroll to Top
Skip to content