Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА

Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА и неговите сервисни служби во услови на пандемијата со КОВИД-19

Во текот на 2021 година, во услови на пандемија со КОВИД-19, главен приоритет на РЦПЛИП – ПОРАКА е обезбедување на поддршка на корисниците на дневните центри за лица со интелектуална попреченост и нивните семејства, односно продолжување со реализација на адаптирани програмски активности на дневните центри.

РЦПЛИП – ПОРАКА ги спроведува сите неопходни подготовки за работа со физичко присуство на корисниците во дневните центри за лица со интелектуална попреченост: се врши дезинфекција на просториите и опремата, се набавува пропишаната заштитна опрема, направен е распоред за работа со корисниците во групи и доследно се следат протоколите за работа во дневни центри за деца/лица со попреченост.

Со оглед на тоа што дел од семејствата на корисниците во дневните центри, а земајќи ја предвид епидемиолошката состојба и ризиците за нивните деца, не се согласија да бидат опфатени во директна работа со физичко присуство, дневните центри продолжија со овие корисници да спроведуваат прилагодени индивидуални едукативни активности во домашни услови со употреба на телефонска, интернет и видео комуникација.

Адаптираната програма за психосоцијална поддршка и прилагодени индивидуални едукативни програми е унифицирана и се спроведува во сите дневни центри во мрежата на РЦПЛИП – ПОРАКА. Во рамките на реализирање на индивидуалните едукативни активности, продолжи секојдневната комуникација со корисниците и нивните родители. Притоа, приоритет и во изминатиов период беше да се ангажираат корисниците, односно да им се дадат насоки и задачи за реализација на активности со кои се одржуваат вештините и можностите на одредено ниво. Во рамките на психосоцијалната поддршка приоритетот е насочен кон поддршка, совети, смирување, вразумување, охрабрување за полесно разбирање, прифаќање и справување со состојбата во која се наоѓаме. Притоа се користат начини на комуникација кои одговараат на корисниците и нивните родители/старатели, вклучувајќи телефонски разговори и видео комуникација доколку корисникот/родителот/старателот користи Вибер, ФБ месинџер или друга апликација. Особено внимание се посветува на корисниците кои се посамостојни, кои се истовремено во поголем ризик за несоодветно однесување, односно на непочитување на официјалните препораки и ограничувања.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје

Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје се реализираат согласно предвидените програми за работа и согласно протоколот за работа во дневни центри за деца/лица со попреченост. Во изминатиот период се реализираа низа интересни активности покрај редовните. На 30.6.2021 година се одржа мултимедијален настан организиран од Театар Пи, РЦПЛИП – ПОРАКА и ЦПЛИП- ПОРАКА Скопје. Настанот содржеше изложба на фотографии изработени од корисници на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, а еден од корисниците учествуваше и во музичкиот дел од настанот.

Во периодот додека траеше европското првенство во фудбал 2020 паралелно беа обработувани теми поврзани со фудбалот. Така преку работилници корисниците изработуваа дресови од хартија за нашата репрезентација, ги пишуваа имињата на нашите репрезентативци, цртаа фудбалски терени и топки како и победнички пехар. Истите споделуваа фотографии од атмосферата од бодрењето на Македонија за време на настапот на првенството.

По година и половина поминати под притисокот кој го наметна појавата на корона вирус ова лето дел од корисниците со своите семејства успееја да ги реализираат своите годишни одмори покрај море, планина или езеро. Истите споделија фотографии од ова доживување. Секако летото како тема често се појавуваше и во нашите работилници и планирани активности почнувајќи од усвојување на бон тон за на плажа, цртежи на реквизити за летување, омилено место за летување и впечатоци од истото.

Како и сите граѓани така и лицата со интелектуална попреченост беа засегнати од појавата на Корона вирусот. Разорното дејство кој истиот го имаше како по здравјето така и по светската економија остави свои белези и врз оваа популација. Следејќи ги препораките на Светската здравствена организација и препораките на Министерството за здравство, дел од корисниците на услугите на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје заедно со своите родители самоиницијативно се пријавија во системот за вакцинација. На почетокот срамежливо и со неколку изолирани случаи, но подоцна, повеќе се зголемуваше бројот на вакцинираните членови. Ова секако се должи на меѓусебно споделување на позитивни искуства од имунизацијата меѓу членството. Некои од корисниците своите вакцини ги добија надвор од рамките на нашата држава. Со уважување на препораките за вакцинација како оптимален начин за спечување на ширењето на вирусот, лицата со попреченост го дадоа својот придонес во зачувувањето на личното и јавното здравје. Ова секако отвара нови можности за побезбедна работа во дневните центри во услови на пандемија.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип

Редовно и согласно протоколите за работа се реализираат активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип. Покрај спроведувањето на предвидените индивидуални програми за работа за стекнување на вештините за самостојно живеење, се реализираа и неколку активности со партнерите на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип.

Така, на 9.7.2021 година во салата за промоции на НУ – У Библиотека „Гоце Делчев“ дел од корисниците на дневниот центар и нивните родители, заедно со ангажираните лица, присуствуваа на промоција на три книги на авторката Емилија Златковска – Анастасова. Делови од книгите читаа членови на книжевниот центар при Академијата „Еуроарт“, а со музички настап на виолина, настанот го збогати ученичка од ДМУЦ „Сергеј Михајлов.

На 12.7.2021 година, во соработка со здружението ЦИВИТАС се спроведе онлајн работилница со Др. Соња Р.Јовановски – Директор на институтот за култура и уметност при Меѓународниот Славјански Универзитет. Темите на кои се разговараше беа: „Комуникација како животна вештина“ и „Емоциите на лист хартија“. На 13.07.2021 година штипската фирма АДЕИНГ донираше медицински обувки со ортопедска потпора за корисниците на дневниот центар.

Ангажираните лица од дневниот центар на 14.07.2021 година зедоа учество во онлајн фокус група организирана од Коалиција на младински организации СЕГА, во партнерство со СОС Детско Село Северна Македонија, Волонтерски Центар Скопје и Женски Форум Тетово. Во фокус групата ангажираните лица во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип имаа можност да го споделат нивното мислење и да придонесат за подобрувањето на младинските политики соодветно на потребите на младите преку дискусии на различни теми кои ги засегаат младите.

На 23.8.2021 година ММС Реален медиум за реални луѓе објави сторија за корисник на дневниот центар, Благица Паризова, со наслов „Кога го држам Аце за рака, целиот град го шетам“.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп

Активностите на Дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп и понатаму продолжуваат да се реализираат со почитување на протоколите за работа. Во овој период поголем дел од активностите се насочени кон зголемување на свесноста за сопственото здравје. Се разговара на теми поврзани со медицина и практично се применуваат медицински апарати и помагала. Корисниците имаа можност да се запознаат со дигитални апарати и да научат истите самостојно да ги користат на себе и на друг. Со помош на корисниците започнавме да изработуваме помагала по методот на  Монтесори кои воедно се покажаа како практични и корисни. Со помош на овие помагала се развива логичното мислење и помагање. Последните денови од летните месеци се користат да се реализираат активности надвор од дневниот центар како што се ориентирање во простор, односно самостојно барање и препознавање на одредени установи, објекти, имиња на локални угостителски објекти и препознавање на важни симболи. Паралелно, корисниците имаат можност да се запознаат со сообраќајната сигнализација и како примерно  да се  однесуваат во сообраќајот. Целта е преку овие активности корисниците да бидат самостојни,  да научат да се ориентираат според други објекти кои се во близина и да се однесуваат безбедно во сообраќајот.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш

Почитувајќи ги мерките за заштита и протоколите за работа, активностите во Дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш непречено се реализираат според предвидената програма за работа. Во изминатиот период се реализираа низа активности за стекнување на вештините за самостојно живеење. Редовно се реализираа работно-окупациони и спортско-рекреативни активности во дневниот центар, како и активности за одржување на дворот и берење на овошни плодови од градината.

Заменик генералниот директор на рудникот Бучим, Николајчо Николов, кој замина во пензија во август, и своето пензионирање го одбележа со хуман гест. Имено, во замена на подарок по повод неговото пензионирање и пензионирањето на уште двајца директори, Василиј Боруцкиј и Илија Филипов, паричните средства се донираа во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш.             Дел од тие средства се донирани лично на корисниците за да ги искористат за лични потреби, а дел од средствата се донираа за да се набави нешто што ќе биде практично и наменско за потребите на дневниот центар, а ќе остави личен печат на Николајчо Николов, како еден од долгогодишните поддржувачи на работата на Дневниот центар и искрен пријател на корисниците. Како знак на благодарност за овој хуман гест, од името на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Радовиш, претседателката на организацијата, Виолета Србакова, му врачи плакета на г-дин Николов за личен придонес и континуирана поддршка на дневниот центар за лица со интелектуална попреченост. Со искрени емоции Николајчо Николов вети дека и понатаму ќе биде верен пријател и поддржувач на дневниот центар и повторно убавите случувања во неговиот живот ќе ги споделува со корисниците.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица во изминатиот период редовно ги реализираше планираните активности според планираната програма за работа и согласно Протоколот за работа на дневните центри за деца/лица со попреченост. Во изминатиот период се реализираа низа активности за унапредување на можностите на корисниците на социјалниот клуб. Редовно се користеа брошури за здравје од каде можеа лицата со интелектуална попреченост да се запознаат со зачувување и унапредување на сопственото здравје. За таа цел, користеа и едукативни видеа кои ги пребаруваа на интернет.

Интернетот се користеше и за гледање на видео клипови за изведување на рачни изработки, кои потоа самите ги правеа, како и за разновидни едукативни содржини, но и за забава т.е. слушање музика. Се реализираа и неколку тематски работилници каде се користеа најразлични материјали за креирање на рачни изработки.

Исто така, се спроведуваа активности за унапреду-вање на физичкото здравје на корисниците. Се реализираа редовни физичко-рекреативни активности користејќи ги справите за вежбање во социјалниот клуб, како и вежби за раздвижување и истегнување на телото.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола во изминатиот период реализираше низа креативни и музички работилници според предвидената програма. Дел од нив беа реализирани во просториите на социјалниот клуб, а дел на отворено, односно на градското шеталиште во Битола. Креативните работилници беа насочени кон можностите, потенцијалите и лични желби на самите корисници, од кои дел покажаа знаење, голем интерес и поттик да направат нешто повеќе и нешто поразлично од она што досега се работело. Изработените фигури, различните цртежи, друштвени игри, спортувањето и рекреацијата според можностите, како и работата на компјутер, како реализирани активности, уште еднаш покажаа дека постојаната работа, поголемото внимание, дружењето и поддршката, кај самите корисници даваат резултати за нивна подобра социјализација, подобар и поисполнет живот.

Дел од корисниците на социјалниот клуб присуствуваа на културната манифестација „Битолско културно лето“, односно на два концерти на отворено на кои настапија бројни познати музичари од Македонија и бившите Југословенски простори. Некои од корисниците за прв пат присуствуваа на ваков настан, па оттука на почетокот беше забележана збунетост, трема, но постепено и брзо се прилагодија на настанот и уживаа во концертите.

Музичката работилница со познатата кантавторка и пејачка Стефанија Милевска која работи со лица со попреченост се одржа во социјалниот клуб на 22.7.2021 година со присуство на девет корисници, кои покажаа умешност, воодушевеност, соработка и среќа. Заедно со музичарите изведоа неколку музички песни, а се обидоа и со свирење на музички инструменти – гитара и виолина.

Резултат на постојаната соработка со „Анастасија центар“- Стефанија Милевска  се и бесплатните часови по соло пеење за нашиот корисник Елена Петровска, соло пеење и свирење гитара на нашиот нов корисник Теодора Димова. Часовите веќе се одржуваат во „Центар Анастасија“ еднаш неделно.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница

Работата во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница се реализира во согласност со предвидената годишна програма за 2021 година. Изминатиов период се продолжи со редовните активности кои непречено се одвиваа. Се реализираа неколку работилници на тема лето, каде се изработуваа рачни изработки и декоративни фигури. Редовно се реализираа и когнитивно-едукативни активности за унапредување на можностите на корисниците, a oсобено внимание се посвети на стекнувањето на вештините за хигиена, како лична, така и хигиена во домот и во работните простории, како и на мерките за заштита од корона вирусот.

Scroll to Top
Skip to content