Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА во рамките на програмата “Активни граѓани”

Конференција “Зајакнување на капацитетот за заеднички апликации за финансирање и развивање на програма како оставина на Активни граѓани”

На Конференцијата учество зедоа 60-тина претставници од 15 земји, кои застапуваат широк опсег на организации кои работат со различни предизвици во општеството. Целта на настанот беше да се направи мрежа на организации, да се истражат можности за партнерство и заедничко развивање на проектни концепти, со што би се овозможило градење на иден конзорциум за заеднички предлози за финансирање.

Активни граѓани е програма на Британскиот совет во областа на интеркултурниот дијалог и глобалното граѓанство која започна да се спроведува во 2009 година. Оваа програма се спроведува во 20 земји од Европа и во 8 земји во Африка и Азија. Програмата има за цел да придонесе за социјалната промена и одржлив развој и ги поддржува локалните иницијативи, а воедно промовира и кохезија во заедницата и меѓукултурно разбирање.

Во Македонија програмата Активни граѓани се реализираше преку обуки на наставниот кадар во основните училишта, претставници од граѓанскиот сектор и претставници од општините со цел запознавање со концептот Активно граѓанство, поттикнување на духот на активни граѓани кај жителите во општината и нивното делување во истата. Фокусот на темите беше ставен на еднаквоста и разноликоста, односно доближување на концептот за еднакви можности и разноликост. Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА учествуваше во оваа програма и заедно со здружението “Отворете ги прозорците” и Општина Карпош реализираа низа активности под мотото “ПОРАКА: Отворете ги прозорците за општина без дискриминација”. Но, иако во Македонија програмата заврши со реализација во 2012 година, во дел од останатите земји таа се уште се спроведува.

Поради тоа, Британскиот совет повторно го покани РЦПЛИП – ПОРАКА да учествува на настан кој се одржа во Лвив, Украина. Настанот се одржа во периодот од 17-ти до 20-ти февруари 2013 година на тема Активни граѓани за меѓународно партнерско вмрежување: Зајакнување на капацитетот за развивање на заеднички апликации за финансирање и за развивање на програма која е оставина од Активни граѓани. На настанот учество зедоа 60-тина претставници од 15 земји, кои застапуваат широк опсег на организации кои работат со различни предизвици во општеството. Целта на настанот беше да се направи мрежа на организации, да се истражат можности за партнерство и заедничко развивање на проектни концепти, со што би се овозможило градење на иден конзорциум за заеднички предлози за финансирање.

Работната програма на настанот започна со претставување на организациите кои учествуваа на конференцијата. Секоја организација имаше можност да се претстави преку флаери, брошури, видео презентации на сопствени активности, кои ги поставуваше на сопствен штанд, а сите учесници пак можеа меѓусебно да разменат информации за работата и активностите на организациите, да споделат искуства, најдобри практики. Следеа активности кои придонесоа за меѓусебно истражување на полиња на заеднички интерес за дејствување и споделување на искуства и знаења, за денот да заврши со првично идентификување на проектни идеи кои би можеле да прераснат во заедничка апликација за финансирање.
Вториот ден започна со презентација на програмите и фондовите со кои располага Европската унија. Воедно се искористи презентацијата да се прикаже кои земји можат да учествуваат во различните програми. Презентацијата заврши со кратко објаснување за начинот на аплицирање за европските фондови. По оваа презентација се започна со развивање на предлог идеи за евентуални потенцијални партнерства за заеднички проекти. Денот заврши со интеркултурен пазар, на кој учесниците имаа можност да ги претстават земјите од кои доаѓаат. Оваа активност претставуваше уште ден дел од интерактивниот пристап во целиот настан, а имаше за цел запознавање на различните култури и традиции на нашите земји.
На последниот ден од настанот се презентираа различните проектни идеи на формираните групи и можностите за евентуално понатамошно развивање на проектните идеите.

Во завршниот дел од програмата, учесниците потврдија дека Конференцијата во целост ги постигна очекуваните резултати, односно се идентификуваа различни можности за ЕУ финансирање, и се истражија одреден број на теми за заеднички понатамошни активности, а истовремено се зголеми и нивото на меѓународното вмрежување и партнерство меѓу организациите.

Scroll to Top
Skip to content