Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА и неговите сервисни служби за време на пандемијата со КОВИД-19

Отворени дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА

Во текот на 2020 година, во услови на пандемија со КОВИД-19, еден од основните приоритети на РЦПЛИП – ПОРАКА беше обезбедување на поддршка на корисниците на дневните центри за лица со интелектуална попреченост и нивните семејства, односно продолжување со реализација на адаптирани програмски активности на дневните центри.

Како резултат на иницијативата на РЦПЛИП – ПОРАКА, на 29 септември, Владата на Република Северна Македонија го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести и донесе одлука дневните центри за лица со попреченост да отпочнат со работа со строго почитување на мерките и усвоениот протокол за работа на дневните центри за деца/лица со попреченост.

РЦПЛИП – ПОРАКА ги спроведе сите неопходни подготовки за отпочнување со работа со физичко присуство на корисниците во дневните центри за лица со интелектуална попреченост: извршена е дезинфекција на просториите и опремата, набавена е пропишаната заштитна опрема, направен е распоред за работа со корисниците во групи и информирани се сите родители на корисници. По извршените подготовки, сите дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА започнаа со работа со физичко присуство на корисници на 1 октомври 2020 година.

Со оглед на тоа што дел од семејствата на корисниците во дневните центри, а земајќи ја предвид епидемиолошката состојба и ризиците за нивните деца, не се согласија да бидат опфатени во директна работа со физичко присуство, дневните центри продолжија со овие корисници да спроведуваат прилагодени индивидуални едукативни активности во домашни услови со употреба на телефонска, интернет и видео комуникација.

Адаптираната програма за психосоцијална поддршка и прилагодени индивидуални едукативни програми е унифицирана и се спроведува во сите дневни центри во мрежата на РЦПЛИП – ПОРАКА. Во рамките на реализирање на индивидуалните едукативни активности, продолжи секојдневната комуникација со корисниците и нивните родители. Притоа, приоритет и во изминатиов период беше да се ангажираат корисниците, односно да им се дадат насоки и задачи за реализација на активности со кои се одржуваат вештините и можностите на одредено ниво. Во рамките на психосоцијалната поддршка приоритетот е насочен кон поддршка, совети, смирување, охрабрување за полесно разбирање, прифаќање и справување со состојбата во која се наоѓаме. Притоа се користат начини на комуникација кои одговараат на корисниците и нивните родители/старатели, вклучувајќи телефонски разговори и видео комуникација доколку корисникот/родителот/старателот користи Вибер, ФБ месинџер или друга апликација. Особено внимание се посветува на корисниците кои се посамостојни, кои се истовремено во поголем ризик за несоодветно однесување, односно непочитување на препораките и ограничувањата.

Scroll to Top
Skip to content