Активности на РЦПЛИП - ПОРАКА

Одржана работилница за разгледување на SWOT анализите и тековното оперативно работење на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА

Работилницата за SWOT анализи и оперативно работење има за цел консолидирање и унапредување на активностите и делувањето на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА.
РЦПЛИП – ПОРАКА години наназад организира и одржува работилници на кои се разгледуваат и дискутираат изготвените SWOT анализи на локалните организации. SWOT анализата е структуриран метод за планирање на идните стратегии на организацијата, а воедно е мошне корисна и за проценување на актуелната состојба внатре во организацијата, со сите нејзини предности и слаби страни, но и можностите и заканите кои доаѓаат од опкружувањето во кое таа организација делува. Оваа алатка, доколку реално и објективно се изготви, ќе користи за изнаоѓање на начини и модуси за подобрување и надминување на слабите страни на организацијата со цел уште поефективно да делува во својата област. Исто така, претставува солидна основа за подготвување на реални и ефективни акциони планови на организацијата, како и на повеќегодишни стратешки планови за развој на организацијата и на социјалните услуги кои ги нуди за своите членови.

Оваа година Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА одржа работилница за разгледување на SWOT анализите и тековното оперативно работење на локалните организации. На овие работилници им претходеа состаноци на управните одбори во проширен состав на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА на кои се дискутирало за актуелните состојби во самите организации, и врз основа на донесените заклучоци се изготвиле и SWOT анализите.
Работилницата која ја спроведе РЦПЛИП – ПОРАКА се одржа во периодот 15 – 17 ноември 2019 година во хотел Континентал, Скопје на која учествуваа по двајца претставници од локалните организации.

Првиот дел од работилницата беше целосно посветен на разгледување на SWOT анализите од локалните организации. Секој од учесниците имаше можност да ја презентира изготвената SWOT анализа и да ги прикаже реалните состојби во организацијата и во општината со кои таа се соочува, но истовремено и потешкотиите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во нивното опкружување. Понатаму, учесниците ги презентираа и активностите кои во моментот се актуелни во нивните организации, како и активностите кои планираат да ги преземат во наредниот период, а водат кон унапредување на квалитетот на живеење за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства.
Тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА, но и останатите учесници, по завршувањето на секоја презентација даваа забелешки и совети во однос на работењето на секоја од локалните организации, притоа истакнувајќи ги и позитивните примери на успешно работење. Она што како сублимат произлезе од анализата на работењето на секоја организација беше дека треба да се размислува за заземање на поинаков пристап во осмислувањето и реализирањето на активностите. Потребно е да се изнаоѓаат нови видови на активности со цел да се унапреди соработката како со локалните власти, така и со останатите чинители во општината.
Последниот ден беше искористен за презентација и дискусија за новините во Законот за социјална заштита кој беше донесен во мај 2019 година, како и за новините во новиот Закон за основно образование кој стапи на сила во август 2019 година. Потоа следеше презентација за канцелариско и архивско работење. Во последниот дел од работилницата, учесниците имаа можност да слушнат и за активностите кои РЦПЛИП – ПОРАКА ги реализираше во рамки на проектите и обуките во кои активно учествува. Претставниците на РЦПЛИП -ПОРАКА и на локалните организации кои зедоа учество во обуките ги презентираа своите стекната знаења и ги споделија нивните искуства и впечатоци.
Работилницата за SWOT анализи и оперативно работење има за цел консолидирање и унапредување на активностите и делувањето на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА. Тоа е од особено значење во градењето и одржувањето на партнерските односи со локалните власти, како би можеле активно да придонесуваат за унапредување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост во местото на живеење и подобрувањето на квалитетот на нивното живеење.

Scroll to Top
Skip to content