Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА Одржани работилници за SWOT анализа на локалните организации и сервисните служби на РЦПЛИП – ПОРАКА

Една од програмските цели и задачи на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА е координација и стручно-методолошка поддршка на локалните организации и сервисните служби. Од тие причини, и оваа година, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА побара од локалните организации, како и од сервисните служби што ги менаџира, да изготват SWOT анализи за организациите и сервисните служби (дневните центри). SWOT анализата е алатка која е мошне корисна за проценување на актуелната состојба внатре во организацијата, со сите нејзини предности и слаби страни, но и можностите и заканите кои доаѓаат од опкружувањето во кое таа организација делува. Оваа алатка, доколку реално и објективно се изготви, претставува солидна основа за подготвување на реални и ефективни акциони планови на организацијата, како и изнаоѓање на начини за подобрување и надминување на слабите страни на организацијата.

Локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА, на состаноци на управни одбори детално ги разгледаа и дискутираа за состојбите во нивните организации, па врз основа на донесените заклучоци ги изготвија SWOT анализите.
По изготвувањето на овие SWOT анализи се одржаа три работилници за нивно детално разработување. Работилниците се одржаа во текот на три дена во просториите на РЦПЛИП – ПОРАКА, при што локалните организации беа поделени во три различни групи. Ваквиот начин на водење на работилниците даде доволно време за презентирање на реалните состојби, а истовремено овозможи и да се разговара за понатамошните активности на секоја локална организација и сервисна служба.

На работилниците секој од учесниците имаше можност да ја презентира SWOT анализата, но и да презентира активности кои во моментот се актуелни во нивните организации, како и активности кои треба да се преземат но наредниот период. Тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА, како и останатите учесници, по завршувањето на секоја презентација, даваа забелешки и совети во однос на работењето на секоја од локалните организации и сервисните служби, притоа истакнувајќи ги и позитивните примери на успешно работење. Овие работилници имаа за цел консолидирање на активностите и работата на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА и дневните центри кои ги менаџира. Тоа е од особено значење токму во овој период бидејќи ќе треба сами да се изборат за соработката односно партнерски односи со локалните власти и активно да придонесуваат за унапредување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост во местото на живеење.

Scroll to Top
Skip to content