Активности на РЦПЛИП - ПОРАКA

Работилница „Практични активности за унапредување на вештините за самостојно живеење на корисниците на дневните центри и социјалните клубови на РЦПЛИП – ПОРАКА“

Како од дел од програмските активности насочени кон стручно-методолошка поддршка за унапредување на работата на своите сервисни служби за лица со интелектуална попреченост, РЦПЛИП – ПОРАКА на 25.02.2022 година организираше работилница со работен наслов „Практични активности за унапредување на вештините за самостојно живеење на корисниците на дневните центри и социјалните клубови на РЦПЛИП – ПОРАКА“. Истата се одржа во просториите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во населба Аеродром, Скопје, а учествуваа вработените лица во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА од Скопје, Радовиш, Прилеп и Штип, како и ангажираните лица од социјалните клубови на РЦПЛИП – ПОРАКА од Виница, Битола и Струмица.

Работилницата ја отвори Генералниот секретар на РЦПЛИП – ПОРАКА Д-р Василка Димоска Де Јонг, која во своето воведно излагање ја истакна потребата од преструктуирање на програмите за работа во сервисните служби на РЦПЛИП – ПОРАКА, пред се со поголем акцент околу развивањето и задржувањето на практичните вештини и вештините за самостоен живот на корисниците. Зајакнувањето на практичните вештини е особено важно за корисниците кои во изминатиот  период останаа без своите родители, со цел да се овозможи нивно посамостојно функционирање во својот дом, со поддршка од поширокото семејство. Исто така, кај дел од корисниците на сервисните служби, како последица од пандемијата и останувањето дома, се воочува уназадување на практичните вештини.

Потоа следуваше презентација на искуствата од спроведувањето на модифицираната програма за практичните активности од страна на персоналот на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Едукаторите конкретно ги објаснија сите предвидени подрачја од програмата поделени на дневно ниво – претпладневни активности, попладневни активности, вечерни активности и останати активности за самостојно живеење.

Понатаму беа формирани четири работни групи кои практично разработуваа одредено подрачје од програмата, а потоа секој од учесниците на работилницата презентираше предлог активности кои ќе бидат опфатени во преструктуираната програма и реализирани во сервисните служби.

Работилницата заврши со дискусија во која сите учесници се согласија дека новата структура на програмата за работа во сервисните служби на РЦПЛИП – ПОРАКА ќе понуди подобри можности за усвојување на практичните вештини кај корисниците на сервисните служби на РЦПЛИП – ПОРАКА.

Scroll to Top
Skip to content