Активности на РЦПЛИП - ПОРАКА

Спортско – рекреативни активности за корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА

Во согласност со својата Програма за работа за 2017 година, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во периодот од 11-ти до 15-ти септември 2017 година ги организираше и ги спроведе спортско-рекреативните активности за корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА.

Како резултат на позитивните ефекти од спроведувањето на спортско-рекреативните активности во изминатите години, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА и во 2017 година предвиде организирање и реализирање на две вакви манифестации во својата програма за работа. Главната цел на овие активности е промоција на формата на вклучување на лицата со интелектуална попреченост во општеството преку спорт и рекреација и придонес во развојот на вештините за самостојно живеење кај овие лица. Ваквите активности нудат можности за подобрување на психофизичката состојба на лицата со интелектуална попреченост.
Спортско – рекреативните активности во 2017 година се одржаа во периодот од 11-ти до 15-ти септември во Маврово, во хотел Бистра кој е дел од спортскиот центар – Маврово и располага со сопствена спортска сала и терени. Во спортско – рекреативните активности беа вклучени лица со интелектуална попреченост, корис-ници на дневните центри кои ги менаџира РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје и во Радовиш. Во реализацијата на овие активности беа вклучени водичи на тимовите (персонал од дневните центри) и одговорни лица од РЦПЛИП – ПОРАКА.

Спортско – рекреативните активности обезбедуваат голем број на можности: развој на чувството и духот на натпреварување меѓу лицата со интелектуална попреченост; искуството да се биде дел од спортска екипа, притоа чувствувајќи го единството во екипата; мотивација за натпреварување и победа, но истовремено и искусување и справување со пораз во спортските игри.
Од друга страна, овие активности претставуваат добра можност за персоналот од дневните центри да поминува 24 часа заедно со корисниците на дневните центри овозможувајќи им да го разберат ритамот на живеење и однесување на секое лице со интелектуална попреченост.
Понатаму, набљудувањето на корисниците во нова средина, без родителско влијание, им нуди на персоналот нови сознанија во однос на можните подоб-рувања во самостојноста и самодовербата меѓу корисниците и несебичната поддршка и пријателство меѓу нив самите, што не може да се увиди во текот на активностите во дневните центри. Уште повеќе, ваквите активности обезбедуваат можности за подобрување на вештините за одржување на личната хигиена, веш-тините за социјални интеракции итн.
Спортските активности беа поделени во следните дисциплини:
– Атлетика (натпревари во трчање и скок во далечина);
– Натпревари во мал фудбал;
– Натпревари во кошарка;
– Натпревари во тегнење на јаже.
Рекреативниот дел од програмата опфати прошетки по блиските шумски патеки, разни друштвени игри, цртање, како и забави со музика и танцување во вечерните часови.

Може да се заклучи дека целите на спортско – рекреативните активности беа во целост реализирани. Корисниците на дневните центри беа активно вклучени во спортско – рекреативните содржини, персоналот од дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА имаше можност да увиди важни информации во однос на однесувањето на корисниците надвор од дневниот центар. Тоа ќе биде од огромно значење за нивната понатамошна работа во рамките на индивидуалната работа со корисниците и подобрувањето на вештините за самостојно живеење.

Scroll to Top
Skip to content