Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА Спортско рекреативни активности за корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА

Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, во периодот од 27 јуни – 1 јули 2011 г. и од 19 – 22 септември 2011 г. во Центар за едукација на кадри “Солферино” на Црвен крст во Струга организираше и реализираше две спортско-рекреативни активности за корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА од Скопје, Радовиш и Охрид.

Спортско-рекреативните активности обезбедуваат голем број различни можности: развој на чувството и духот за натпреварување меѓу лицата со интелектуална попреченост; искуство да се биде дел од спортска екипа притоа чувствувајќи го единството во екипата; мотивација за натпреварување и победа, но истовремено и искусување и справување со пораз во спортските игри.

Од друга страна, овие активности претставуваат добра можност за персоналот од дневните центри да поминува 24 часа заедно со корисниците на дневните центри овозможувајќи им да го разберат ритамот на живеење и однесувањето на секое лице со интелектуална попреченост. Понатаму, набљудувањето на корисниците во нова средина, без родителското влијание, им нуди на персоналот нови сознанија во однос на можните подобрувања во самостојноста и самодовербата меѓу корисниците и несебичната поддршка и пријателство меѓу нив самите, што не може да се увиди во текот на активностите во дневните центри. Уште повеќе, ваквите активности обезбедуваат можности за подобрување на вештините за одржување на личната хигиена, вештините за социјални интеракции итн.

Спортските активности беа поделени во следните дисциплини: атлетика (натпревари во трчање и скок во далечина), натпревари во мал фудбал, натпревари во кошарка, натпревари во тегнење јаже.
Рекреативниот дел од програмата опфати разни креативни работилници, друштвени игри, прошетки покрај брегот на Охридското езеро и посети на градот Струга и неговите знаменитости, како и забави со музика и танцување во вечерните часови. Во попладневните часови, на плажата на Центарот “Солферино” се организираа рекреативни активности, кога времето тоа го дозволуваше. Важна придобивка од реализацијата на спортско – рекреативните активности е тоа што персоналот од дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА има можност да увиди важни информации за однесувањето на корисниците надвор од дневниот центар, а што е од огромно значење за нивната понатамошна работа во рамките на индивидуалната работа со корисниците и подобрувањето на вештините за самостојно живеење.

Scroll to Top
Skip to content