Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА

Активности на сервисните служби во мрежата на РЦПЛИП – ПОРАКА

 Дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје

Програмските активности во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје се спроведуваат согласно предвидената програма доследно следејќи ги протоколите за работа во дневните центри за деца/лица со попреченост. Како и секогаш, акцентот на работата во дневните центри се става на усвојување на нови и унапредување на постојните вештини за самостојно живеење кај корисниците. Во пресрет на летниот период се работеше на усвојување на соодветно однесување додека сме на базен, плажа, планина, излет во парк. Стана збор и за усвојување на мерки/начини за обезбедување на сигурноста на домот додека подолго отсуствуваме од истиот и грижа за цвеќињата додека сме на летување. Исто така, се работеше и на подготовка на неопходни предмети и облека за патување согласно деновите и местото на престојување, како и почитување на препораките за заштита од штетните сончеви зрачења.

Корисниците кои во овој период заминаа на летен одмор споделуваа фотографии и впечатоци од различни дестинации. Истите по доаѓањето во дневните центри ги пресликаа на хартија и впечатливи цртежи. Усвоените вештини за време на онлајн психосоцијалната поддршка од периодот на пандемијата за користење на електронските медиуми и апликации за комуникација овој пат тие ги користеа за да ги поздрават своите пријатели во дневниот центар додека се на летување. Секојдневно се работеше на подготовка на освежителни овошни салати и напитоци. Како активност може да ја издвоиме и подготовката на компоти од сезонско овошје. Корисниците самостојно ги проследија сите чекори неопходни за финиширање на еден завршен производ. Неизоставен дел од летото се и летните игри и дружба на отворено за што дел од корисниците самостојно се договараа и реализираа еднодневни излети.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш

Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш се реализираат според предвидените програмски активности. Исто така и соработката во рамки на проектот „Волонтерска Порака 2022“ со ОО Црвен Крст во Радовиш се спроведува во согласност со временската рамка. Како дел од овој проект, корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш заедно со волонтерите на Црвен крст спроведоа поголем број на активности. На крајот од јуни месец, корисниците на дневниот центар заедно со дел од волонтерите на Црвениот крст излегоа во блиската околина на дневниот центар. Покрај прошетката, спроведоа и работилница за изработка на летала од хартија. Потоа, низ игра и забава, се натпреваруваа кој повисоко ќе го лета леталото. Целодневната активност ја завршија со посета на блискиот супермаркет, во кој корисниците имаа можност да ја испазарат својата ужина.

На 12.07.2022 година дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш се вклучи во активностите на Црвениот крст за заштита од топлотен бран на населението. Активностите се спроведуваа на одредени локации во градот, каде на случајните минувачи се делеа шишиња вода и флаери со препораки како да се заштитат од топлото време. Игор и Матилда, корисници на дневниот центар, активно се вклучија и одлично одговорија на оваа работна задача заедно со другите волонтери од ОО Црвен крст во Радовиш.

По повод денот на младите, дневниот центар се вклучи во испраќањето порака за меѓугенерациска солидарност, па на таа тема заедно со волонтерите на ОО на Црвен крст испратија порака преку цртање на неколку човечиња во вид на саксии со цвеќе секое од нив на различна возраст како си помагаат меѓу себе во вид на мурал на ѕидот на Пензионерскиот дом во Радовиш.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип

Секојдневните активности во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип и во изминатиов период се реализираа според предвидената програма за работа. Корисниците на дневниот центар во изминатиот период ги вежбаа вештините за манипулација со пари и платежни картички во секојдневното живеење. За таа цел се запознаа и вежбаа како да ја користат платежната картичка за подигнување готовина од банкоматите.

Во пресрет на празникот Успение на Пресвета Богородица корисниците на дневниот центар посетија православна црква. Во текот на посетата отецот низ разговор и прошетка ги запозна корисниците со значењето на овој празник, како и со обичаите кои се изведуваат за негово прославување.

На почетокот на септември корисниците на дневниот центар се запознаваа со дел од институциите во градот каде можат да остварат некои од нивните права, но и обврски како граѓани на општината. На 9-ти септември беа во посета на подрачната служба на Фондот за здравствено осигурување на Македонија во Штип, а на 11-ти септември го посетија МВР – Штип. Во текот на двете посети, корисниците се запознаа со дел од работата на овие институции, правата кои можат да ги остварат таму, но и начинот и потребните документи за да ги остварат тие права. Воедно овие посети, всушност излегувањето од просториите на дневниот центар, корисниците го искористија за стекнување вештини за побезбедно и посамостојно снаоѓање во сообраќајот, односно, движење по улица, крстосница, пешачки премин и ориентација во простор.

Покрај редовните активности, во изминатиот период продолжија активностите во рамки на проектот „Спорт и рекреација за сите“. Во рамките на овој проект, секој четврток се одржуваат фитнес тренинзи, кои во зависност од можностите се реализираат во спортска сала, на отворено или во просториите на дневниот центар.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп

Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – Порака во Прилеп се реализираат според предвидените месечни програми за работа. Се реализираат активности со акцент на развивање и унапредување на можностите, потенцијалите и можноста за изразување на личните потреби кај корисниците. Со оглед на потребата од подобро одржување на лична хигиена во летен период, корисниците беа поттикнувани да започнат самостојно да ја одржуваат хигиената на одредени делови од телото. Корисниците кои во поголема мера ги имаа усвоено овие вештини, научија како полесно да ги прават истите.

Во склоп на когнитивните можности беа организирани практични работилници со примена на банкноти и монети со различна вредност со цел стекнување вештини за манипулација со пари. Преку сеопфатни работилници се прикажуваа секојдневни ситуации  поврзани со парите во кои корисниците имаа можност сами да ги користат. Од ова, како ново искуство за сите, произлезе можноста за меѓусебно позајмување на пари и одговорноста за враќање на истите.

Покрај редовните активности во изминатиов период како активност спроведовме посета на локалниот фестивал Пивофест кој традиционално се организира во Прилеп. За време на големиот христијански празник Преображение корисниците го посетија црковниот храм св.Преображение. За време на посетата имаа можност да прошетаат низ црковниот храм, да разговараат и да се запознаат со традициите поврзани со овој празник

Во изминатиов период добивме донација проектор од членовите на Интеракт клубот од Прилеп. Голема благодарност до овие млади лица и нивниот ентузијазам.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица

Во Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица, освен редовните активности пропратени со креативни работилници во кои доминираат меѓусебна социјализација, дружење и комуникација меѓу корисниците, во изминатиот период се реализираа низа активности за поголемо унапредување на можностите за самостојно живеење на корисниците, како во домот: активности за подготовка на полесни оброци за појадок, ручек и вечера, одржување на хигиената, така и во пошироката околина на живеење: пазарење во маркет и пазар, наплата на каса и манипулација со пари. Се реализираа низа на активности за водење на грижа за здравјето: посета на лекар и набавка на лекови од аптека-пазарење и наплата во аптека, како и активности за оспособување на корисниците како да си пружат самопомош во домот при мали повреди со средства за прва помош кои ги имаат во своите домови.

ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица од јуни 2022 година започна со имплементација на проектот „Лицата со попреченост – еднакви учесници во сообраќајот“, финансиски поддржан од Општина Струмица. Севкупна цел на проектот е придонес во зголемување на степенот на независно и самостојно живеење на лицата со интелектуална попреченост и активно и рамноправно учество во заедницата. Преку проектните активности, во следните седум месеци, кај лицата со интелектуална попреченост ќе бидат проширени нивните знаења за основните сообраќајни знаци и правила на однесување во сообраќајот, како пешаци, но исто така и како корисници на различни превозни средства, како велосипед, автомобил (такси возило), автобус и сл.

Активностите кои се реализираа во рамки на проектот во изминатиов период имаа за цел да ги оспособат корисниците на социјалниот клуб за што е можно побезбед-но и посамостојно снаоѓање на улица, крстосница, пешачки премин, при користење на превоз сами или со придружба. Индивидуалната поддршка се одвива преку демонстрација, симулација и вежби директно на надворешен терен, во сообраќајот. Акцентот е ставен на стекнување самостојност во движењето и зголемување на  самодовербата на корисниците за вклучување во сите општествени и јавни настани во локалната заедница. Со овие надворешни активности на корисниците им се пружа пријатна атмосфера, нови пријателства, дружења, соработка, осамостојување и градење на позитивна слика за себе и околината, а чекор напред е и за родителите, бидејќи се пружа можност за минување на одредено време со друго лице, како и вклучување во организирани активности и движење со индивидуална поддршка во локалната заедница.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола во изминатиов период согласно планираната програма ги реализираше своите предвидени активности. Континуирано се одржуваа активности за стекнување на практични вештини, како одржување лична хигиена, хигиена во просторот на социјалниот клуб, одржување на тревните површини во дворот на социјалниот клуб. Се реализираа и неколку работилници за плетење, како и за приготвување на домашно лепче. Спортско – рекреативните активности, односно одржување и унапредување на физичкото здравје, користејќи ги справите во социјалниот клуб и вежби во дворот на социјалниот клуб, исто така, редовно се реализираа.

Во месец јуни корисниците на социјалниот клуб во соработка со наставничката Весна Гагалевска и учениците од ООУ „Тодор Ангелевски“ се вклучија во одбележувањето на Европска зелена недела, со цел развивање на свеста кај лицата и децата за заштита и унапредување на животната средина, со експериментални активности, односно работилници каде што беа изработувани различни ракотворби – украси и саксии за цвеќиња од рециклирачки материјали. Изминатиов период, Павел Талевски, волонтер во ЦПЛИП – ПОРАКА Битола, еднаш неделно реализираше музички работилници преку кои корисниците се запознаваа со ударните музички инструменти. Исто така, корисниците имаа можност да посетат и неколку концерти кои се одржаа во Битола во рамки на БИТ Фест – Битола.

Во втората половина на јули месец, социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола организираше и реализираше посета на Националниот Парк Пелистер. Оваа целодневна активност беше корисна од многу аспекти. За време на прошетката по патеката од Првата светска војна и по патеката кон врвот Пелистер, корисниците на социјалниот клуб се запознаваа со флората и фауната на Пелистер, а притоа го посетија и Музејот на флора и фауна и Инфоцентарот Пелистер. За време на прошетката собираа и планински чај кој потоа ќе го приготвуваат во социјалниот клуб. Правилното движење и однесување во природа, ориентација во отворен простор, исто така, беа дел од активностите кои се реализираа тој ден.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница

Согласно планираната програма за работа социјалниот клуб на РЦПЛИП-ПОРАКА во Виница во изминатиот период редовно ги спроведуваше своите предвидени активности. Се реализираа активности за стекнување на вештини за самостојно живеење и низа активности за унапредување на когнитивните и социјалните можности на корисниците на социјалниот клуб.

На тематските работилници посветени на летното време, корисниците од различни материјали изработуваа ракотворби, а исто така се разговараше и за различните начини за заштита од топлото време во текот на летните горештини. Корисниците учествуваа и во активности за унапредување на физичкото здравје преку спортско рекреативни вежби. Покрај когнитивно едукативните активности се реализираа и активности од забавен карактер како слушање музика, играње друштвени игри, итн. 

Scroll to Top
Skip to content