Активности на социјалниот клуб за лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Прилеп

Со отворањето и започнувањето на работата на социјалниот клуб се зголемија и проширија активностите на ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп. Една од редовните активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп е одбележувањето на верскиот празник Василица. Традиционално празникот се одбележа со вртење на бурек со паричка, а воедно имаше и прослава на роденден на еден од корисниците на социјалниот клуб.
ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп годинава учествуваше на карневалот „Прочка” кој го организира општината. Членовите на организацијата се претставија со своја заедничка маска и со транспаренти на кои ја пренесоа пораката „Да си подадеме рака за поддршка”.
Друга активност што членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп кои учествуваат во работата на социјалниот клуб ја спроведуваа во изминатиот период беше и засадување цвеќиња. Активноста се реализираше на 29 јануари во која учестуваа и родителите на корисниците. Саксиите во кои ги садеа цвеќињата се направени од пластична амбалажа, а членовите ги изработиле дома заедно со своите родители. Откако ги засадија цвеќињата лицата со интелектуална попреченост заеднички ја исчистија просторијата на социјалниот клуб, што е исто така една од редовните активности.
Социјалниот клуб на ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп беше посетен од преставници на касарната „Мирче Ацев”. Тие имаа можност да се запознаат со работата на организацијата и на социјалниот клуб, и да се дружат со корисниците. На крајот од посетата преставниците од касарната донираа средства кои ќе се наменат за работата на социјалниот клуб. Поточно, тие купија честитки и цвеќиња кои се изработени од лицата со интелектуална попреченост, а ќе бидат подароци за нивните колешки по повод 8 Март.
На 20 Март 2015 година по повод светскиот ден на Дауновиот синдром во социјалниот клуб на ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп имаше работна активност со членовите од социјалниот клуб и учениците од ООУ „Страшо Пинџур” од с.Мало Коњари. Децата заедно цртаа шарени чорапи кои го симболизираат 21 хромозом со присуство на наставник по ликовно образование. Потоа сите заедно се забавуваа, играа и се дружеа. Учениците преку разговор со стручни лица се запознаа со Дауновиот синдром и која е причината за настанување на истиот.
Додека децата се дружеа во другата просторија имаше трибина на која присуствуваа со родители кои имаат дете со Даунов синдром, дефектолози, патронажната служба, психолог од ООУ “Страшо Пинџур” и социолог. Трибината започна со размена на искуствата на родителите и збор зедоа и членките од патронажната служба при Здравствениот дом – Прилеп со нивни согледувања и дискусии во врска со ризично родените деца и нивно понатамошно следење. Тие истакнаа дека неминовна е потребата од постоење на развојно советувалиште кое ќе потпомогне за детекција, следење и третирање на ризично родени деца.

Scroll to Top
Skip to content