Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА

Активности на социјалните сервисни служби на РЦПЛИП – ПОРАКА

Дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје

Во изминатиов период во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје се реализираа низа активности кои се плод на возобновени соработки со еминентни институции од областа на здравството и образованието. Така во април и мај месец, двата дневни центри беа повеќепати посетени од студенти од Медицинскиот Факултет од Скопје, членови на „Европска Медицинска Студентска Асоцијација на Македонија“- ЕМСА. Во рамките на реализираните посети, студентите имаа можност да се запознаат и дружат со корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Оваа соработка е од особено значење бидејќи истата овозможува подигнување на свеста и подобрување на пристапот на идниот медицински кадар кон лицата со интелектуална попреченост. Според изјавите на студентите од трета година, оваа можност за вклучување во активностите на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје значително ја подобрила перцепцијата за лицата со интелектуална попреченост која тие претходно ја имале. Активностите од оваа соработка се објавени и на официјалната Фејсбук и Инстаграм страна на „ЕМСА“ и РЦПЛИП – ПОРАКА.

Студенти од Институтот за социјална работа и социјална политика во рамките на изборниот предмет од својата студиска програма „Работа со лица со попреченост“, во повеќе наврати во април и мај реализираа пракса во просториите на двата дневни центи на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Ова е добра можност студентите да се запознаат со начинот на работа и активностите во дневните центри, карактеристиките и пристапот во работата со оваа популација. Исто така споделени беа и информации во врска со правата и услугите кои се достапни за лицата со интелектуална попреченост. За нашите корисници ова, исто така, претставува добра можност за дружење и разбивање на постоечките предрасуди во поглед на можноста за нивна целосна интеграција во општеството.

Како плод на повеќегодишна соработка со аматерскиот театар „Театар Пи“ и актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска, во тек е подготовка на нов мултимедијален проект работен според романот „Ние, врапчињата“ од писателот Јордан Радичков. За потребите на овој проект во двата дневни центри по еднаш неделно во изминативе месеци се реализира работилница со актерите. На истите се читаа делови од споменатиот роман, се изработуваа птици со помош на различни материјали и техники и се црташе на хамер…

Во рамките на оваа соработка и со поддршка на Арт Бригада по идеја на актерите на 01.04.2023 година беше одржан целодневен хуманитарен настан во кафулето „Бруталиск“ во Скопје. Целта на овој настан беше да се соберат средства за нови тапани за нашиот корисник Дино Рамо и истата беше постигната. Покрај повеќе имиња од музичката сцена настапи и Дино. По повод успешно реализираниот проект на 03.04.2023 година, Дино и Златко беа гости во утринската програма на телевизија Телма.

На 12-ти април 2023 година во спортскиот центар Борис Трајковски се одржа првиот Инклузивен Саем „Спорт за сите“. На овој настан свое учество земаа претставници и корисници од дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Стана збор за можноста и потребата од обезбедување на еднакви можности за вклучување на лицата со попреченост како активни чинители во сите сегменти во спортот. Настанот е дел од проектот „Од знаење и образование до зајакнување и учество“ со цел зајакнување на учеството на лицата со попреченост во спортот, а вклучуваше панел дискусии, саем на кој се презентираа можностите за активно спортување на лицата со попреченост во неколку спортски федерации и клубови, како и практично демонстрирање на спортски дисциплини.

Во изминатиот период беа реализирани неколку работилници кои произлегоа од соработката на РЦПЛИП – ПОРАКА и организациите „На пола пута“ од Панчево, Р. Србија и „СУМЕРО“ од Сараево, Р. Босна и Херцеговина, а се однесуваа реализирање работилници на теми дискриминација, стереотипи и предрасуди за лицата со интелектуална попреченост. Исто така, во рамките на овој проект се реализираа и работилници на темите за културата, традицијата, обичаите и религијата.

Кон крајот на месец мај и почетокот на месец јуни во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, корисниците и едукаторите имаа можност да се запознаат и дружат со вработени лица од партнерската организација „Lebenshilfe Tirol“ од Австрија.

 

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип

Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип редовно се реализираат согласно предвидените програмски активности. Покрај овие секојдневни активности се реализираа и низа креативни работилници. Дел од нив беа посветени на теми кои се однесуваа на одбележување на позначајни верски и државни празници во нашата земја. На почетокот од месец април ре реализираа работилници по повод велигденските празници. Со корисниците се говореше за пост, неговото траење и разликување на храна од животинско и растително потекло. Се реализираа работилници во кои беа изработувани велигденски корпи, венци и бројни велигденски декорации изработени од комбинирани материјали. Традиционално на Велики Четврток корисниците самостојно бојадисуваа велигденски јајца. По повод празникот на Сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј, со корисниците се разговараше за значењето на овие двајца светители во ширењето на словенското писмо и култура. Исто така, како дел од активностите во рамки на проектот „Интеркултурно учење за сите“ кој РЦПЛИП – ПОРАКА го реализира во соработка со Здружението На Пола Пута од Србија, и Савез Сумеро од Босна и Херцеговина се реализираа неколку работилници на кои се разработуваа теми поврзани со дискриминација, предрасуди, стереотипи кои сè уште се присутни во нашето опкружување. Следеа и работилници на тема култура, традиција, обичаи и религија. Воедно, корисниците на 14-ти јуни беа во посета на Кадин Ана Џамија и црквата „Свети Никола“ во Штип, каде имаа можност да чујат нешто повеќе за муслиманската и православната религија од свештените лица.

Покрај редовните активности, корисниците на дневниот центар беа вклучени и реализираа активности во соработка со други чинители во општината. Една од тие активности беше и учество на првата градска трка на рамна патека во Штип која се одржа на 30-ти април. На покана на Здружението SUPERIOR RUNS, корисниците на дневниот центар заедно со нивните родители и едукаторите зедоа учество како волонтери поддржувачи, на првата градска трка на рамна патека во Штип. Трката се одржа под покровителство на Superior Dispatch Service, а под мотото „Супериор Ранс – Стани трчај!“. На 13-ти мај, здружението додели благодарници на поддржувачите на овој настан, меѓу кои и на корисниците на дневниот центар.  На крајот на месец мај во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип, корисниците и едукаторите имаа можност да се запознаат и дружат со вработени лица од партнерската организација „Lebenshilfe Tirol“ од Австрија.

 

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп

Покрај редовните активности кои се реализираат во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп, изминатиов период се реализираа и низа други активности и работилници. По повод големиот христијански празник Велигден се реализираа креативни работилници, а празникот симболично беше одбележан со традиционалното вапсување велигденски јајца. Во месец април и мај се реализираа и спортско рекреативни работилници кои имаа за цел стимулирање на натпреварувачкиот дух и поттикнување здрави навики кај корисниците. Од особена важност во изминатиов период е и обновената соработка со зумба студиото “Active Zone” каде што корисниците имаат можност двапати во неделата да вежбаат зумба со лиценциран тренер.

Почнувајќи од месец мај во дневниот центар се одржуваат и работилници на теми од дискриминација и видови дискриминација, како и теми од областа на културата, традицијата и обичаите во соработка со ученици од СОУ „Ѓорче Петров“,. Овие работилници се дел од проектните активности во рамките на „Интеркултурно учење за сите“ кои РЦПЛИП – ПОРАКА ги реализира со Здружението Na Pola Putaод Србија, и Savez Sumero од Босна и Херцеговина.

 

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш

Во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш редовно се спроведуваат сите предвидени програмски активности за развивање на вештините за самостојно живеење на корисниците. Покрај овие редовни активности, се реализираат и низа работилници и активности поврзани со значајни празници или датуми, како и активности со соработниците на дневниот центар. По повод велигденските празници, корисниците изработуваа различни велигденски декорации самостојно во дневниот центар, но се реализираа и две работилници на истата тема со волонтери од ОО на Црвен крст во Радовиш. Исто така, се одржаа и работилници со ученици од ООУ „Крсте Петков Мисирков“ кои заедно со наставник по македонски јазик изработуваа велигденски украси од колажна и крепон хартија. На 28.4.2023 година, по повод патронатот на ООУ „Никола Карев“, а на покана од директорот на училиштето, корисниците на дневниот центар заедно со нивните родители земаа учество на „Саем на готова храна“ како дел од програмата за одбележување на патрониот празник. На својот штанд корисниците и нивните родители се претставија со солени и благи специјалитети кои до крајот на настанот успешно се продадоа.

Редовно се реализираа и предвидените работилници за драмата „Малечката сирена“. Корисниците на дневниот центар заедно со учениците од СОУ „Коста Сусинов“ имаа неколку работилници на кои по поделба на улогите го вежбаа текстот на претставата.

Изминатиот период редовно со реализираа и работилниците на темите од дискриминација, стереотипи и предрасуди за лицата со интелектуална попреченост, како и работилниците на темите од култура, обичаи, традиции и религија кои се дел од проектните активности што РЦПЛИП – ПОРАКА ги спроведува заедно со Здружението Na Pola Putaод Србија, и Savez Sumero од Босна и Херцеговина во рамките на проектот „Интеркултурно учење за сите“.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола непречено ги реализираше предвидените програмски активности. Во почетокот на месец април, голем дел од активностите беа насочени кон одбележувањето на христијанскиот празник Велигден. Се реализираше работилница за запознавање на религијата, традицијата и обичаите кои македонскиот народ ги практикува за време на Велигденските празници. Со  практична работа – цртање и боење на хартија и гумирана креативна хартија,  сечење, лепење на декорации на истите, корисниците покажаа голем интерес, дисциплина и упорност да дојдат до краен резултат, односно Велигденски декорации, од кои дел беа подарени, а со дел самите корисници ги украсија своите домови. Во пресрет на Велигден во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола се одржа инклузивна забавно-креативна работилница „Боите и радоста на Велигден“ со повеќегодишните соработници, учениците од ООУ „Тодор Ангелевски“ заедно со нивниот наставник Весна Гагалевска, и практикантите, студенти од Педагошкиот факултет од Битола. Пред големиот христијански празник, претставници на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола беа во посета на Општина Битола во која се одржа средба со Градоначалникот др. Тони Коњановски, со кој разговаравме за проблемите и потребите на лицата со интелектуална попреченост, со што беше потврдена досегашната и понатамошната соработката на Општина Битола и ЦПЛИП – ПОРАКА Битола. На Велики Четврток корисниците на социјалниот клуб, на покана од Старскиот дом „Сју Рајдер – Битола“ учествуваа во заедничка активност со корисниците од старскиот дом. Нашите корисници покажаа одговорност и соработка со старите лица, на кои им помогнаа да направат и декорираат разнобојни украсни Велигденски јајца. На почетокот од месец мај, поточно за одбележување на првомајскиот празник, корисниците прошетаа по ливадите во околината на Битола, а убавото време во текот на месец мај, исто така го искористија за спортско рекреативни активности на отворено.

Воспоставената соработка со Педагошкиот Факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“ продолжи и во изминатиот период. Студенти од студиската програма за Социјална и рехабилитациска педагогија учествуваат во директна работа со корисниците во социјалниот клуб во рамки на изведувањето на програмските активности во истиот. На 23.5.2023 година се потврди долгогодишната соработка со ООУ „Трифун Пановски“ со потпишување на меморандум за соработка.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица редовно ги реализира и спроведува планираните програмски активности пропратени со низа креативни работилници. Во текот на месец март корисниците беа активирани преку неколку креативни работилници на кои со помош од едукаторите и родителите изработуваа ракотворби со велигденска тематика по повод претстојниот христијански празник Велигден: велигденски кошници, зајачиња, пилиња, велигденски декоративни јајца, велигденски сувенири и разни украси.

Под мотото „Да ги отфрлиме стереотипите, а да ја подигнеме свеста за нашите потенцијали и можности“, социјалниот клуб спроведе Велигденски базар на 08.04.2023 година во малиот парк спроти трговскиот центар „Глобал“ во Струмица на којшто беа презентирани ракотворби на корисниците и продавани по симболични цени. Воедно корисниците на социјалниот клуб беа присутни со своите ракотворби со велигденска тематика и на Велигденскиот хепенинг кој се одржа на 15.04.2023 на плоштадот „Гоце Делчев“ пред Културниот дом „Антон Панов“ во Струмица, спроведен во организација на персоналот и штитениците од Заводот за заштита и рехабилитација „Бања Банско“ на кој присуствуваше и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.

Во доменот на надворешните дружења, на големо задоволство корисниците беа поканети во новиот дом на корисничката Александра Паскова, а по повод вселувањето во новиот дом. Корисниците, родителите, едукаторот и волонтерките го поминаа времето во прекрасна заедничка забава и дружење, каде со песни и ора го прославија овој среќен настан.

Во изминатите месеци мај и јуни активно се продолжи со реализирање на планираните активности пропратени преку соодветни креативни работилници на кои доаѓаат до израз практичните и рачни изработки на корисниците, а напоредно со сето тоа и усвојување и стекнување на социјалните вештини за поголема самостојност во секојдневното живеење во сите сфери на општественото живеење: како да се заштитуваме во случај на елементарни непогоди: пожар, поплава и земјотреси, како да реагираме и да пристапуваме, развој на еколошката свест за сортирање на отпадоците и заштита на животната средина преку сортирање на отпадокот на: стакло, пластика, хартија и друго.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница

Согласно планираната програма за работа социјалниот клуб на РЦПЛИП-ПОРАКА во Виница во изминатиот период редовно ги спроведуваше своите предвидени активности. Се реализираа активности за стекнување на вештини за самостојно живеење и низа активности за унапредување на когнитивните и социјалните можности на корисниците на социјалниот клуб.

Во текот на месец април поголемиот дел од активностите на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница беа во знакот на одбележувањето на големите верски празници Велигден и Рамазан Бајрам. По повод Велигденските празници се реализираа креативни работилници во соработка со ученици од СОУ „Ванчо Прќе“. Се изработуваа најразлични ракотворби и украси со Велигденски мотиви. Овие велигденски украси потоа беа претставени на Велигденски хуманитарен базар и се продаваа по симболични цени. Собраните средства се наменети за потребите на социјалниот клуб. Исто така, во социјалниот клуб се реализираше и бојадисување на велигденски јајца. По повод Рамазан Бајрам, пак во социјалниот клуб се разговараше за значењето на овој празник за лицата од муслиманска вероисповед, а се послужија и традиционалната баклава и алва. Денот на планетата земја, корисниците на социјалниот клуб го одбележаа со садење цвеќиња кои воедно го разубавуваат и просторот за работа во социјалниот клуб.

Во текот на месец мај социјалниот клуб се вклучи во одбележување на месецот на психолошко здравје. Се реализираше работилница на која со корисниците се разговараше за сопствените чувства при разни навреди, однесувањето на другите лица кон нас, како да се реагира кога некој ќе нè навреди и како сакаме да се однесуваат другите луѓе кон нас. Корисниците раскажуваа и за различни пријатни или непријатни случки кои лично ги доживеале. Исто така, се одбележа и 15-ти мај, денот на семејството. Во социјалниот клуб со корисниците се разговараше за важноста на семејството во животот на секој човек, а воедно секој корисник ги црташе сопствените членови на семејството. Се реализираше и работилница за одбележување на 24-ти мај, денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј во која корисниците согласно нивните можности ги препознаваа буквите од азбуката, ги пишуваа истите и читаа текстови. Се реализираа и неколку забавни активности како на пример, склопување на коцки и редење на сложувалки, а се обрна и внимание на активностите за одржување на хигиената, како личната така и на просторот во социјалниот клуб.

 

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија непречено ги реализира предвидените програмски активности во изминатиов период. Првата работилница во месец април беше посветена на Меѓународниот ден на лицата со аутизам. Следните неколку работилници беа посветени на христијанскиот празник Велигден, при што се разговараше како се празнува овој празник, кои се обичаите поврзани за празникот, а се изработуваа и различни изработки на тема Велигден. Се реализираа и две работилници за рекреација. Првата беше „Пронајди го скриеното богатство“ при што секој корисник имаше задача да сокрие одреден предмет во просторијата, а другите треба да го пронајдат. Работилницата беше наменета за развивање на способностите за ориентација во просторот, а втората беше меморија со картички на ликови од цртани филмови, при што корисниците требаше да ги препознаваат ликовите од цртаните филмови и да ги именуваат.

Во месец мај во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА се реализираа работилници за изработка на гипсени фигури со пролетни мотиви. Една работилница беше посветена на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј. На оваа работилница корисниците се обидуваа да ги именуваат и препознаваат буквите од нашата азбука, го пишуваа своето име, формираа букви од пластелин. Не се заборавија нити практичните активности, па една од работилниците беше наменета за подготовка на топли напитоци т.е. чај и кафе.

Изминатиот период продолжи и соработката со другите чинители во општина Гевгелија. На покана на ОО на Црвен крст во општина Гевгелија, ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија присуствуваше на трибина „Секое дете со својата автентичност“ која беше наменета за рана дијагностика и препознавање на нетипичниот развој кај децата од помала возраст. На трибината учестуваа стручни лица од оваа област и родители на деца со попреченост.

На покана на Општина Гевгелија, ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија учествуваше на трибина со наслов „Мапирање на лицата со попреченост над 15 годишна возраст во општина Гевгелија“ во организација на општина Гевгелија, ЈУ МЦСР Гевгелија, ЗИО – Гевгелија и Центарот Мајка Тереза.

      

Scroll to Top
Skip to content