Активности на РЦПЛИП - ПОРАКА

Активности на социјалните сервисни служби на РЦПЛИП – ПОРАКА

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш

Активностите на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш и во изминатиот период се спроведуваат согласно предвидената програма за работа.  На почетокот на 2025 година неколку од активностите беа поврзани со новогодишните и божиќните празници.

На почетокот на февруари, поточно 10-ти февруари, корисниците на дневниот центар беа поканети на прославување на роденденот на г-дин Николајчо Николов, поранешен директор на рудникот Бучим, кој остана верен на традицијата секоја година својот роденден да го прославува со нив. Роденденот се одбележа во ресторан „Амбасадор“, а корисниците беа почестени со ручек и торта, а за лични потреби им беа подарени финансиски средства за да си купат нешто за себе. Корисниците му возвратија со мал, но скромен и уникатен подарок, рачна изработка од камен за одгледување на домашно цвеќе. Корисниците беа навистина среќни што и оваа година не беа заборавени и што им беше навистина големо изненадување заедно да го прослават роденденот во пријатна атмосфера. Воедно, имаа можност да споделат за активностите во дневниот центар, но и да се израдуваат на пофалните зборови од г-дин Николов. Оваа година менаџерскиот тим на рудникот Бучим одлучиле да бидат присутни на одбележувањето на родендените на корисниците во Дневниот центар. На 24-ти февруари претставници на менаџерскиот тим присуствуваа на прославата за роденденот на еден од корисниците и ги изненадија со торта и подароци. Оваа идеја е за поздравување и претставува пример како општествено одговорна компанија наоѓа начини да посвети внимание на ранлива група на граѓани во општината за тие да се почувствуваат како дел од заедницата. На 28-ми февруари дел од корисниците на дневниот центар, заедно со нивните родители, реализираа продажба на мартинки по повод денот на пролетта во ООУ „Никола Карев“. Продажба на мартинки се реализираше и во СОУ „Коста Сусинов“. Корисниците беа особено радосни што се дел од овие активности на училиштата каде имаа можност да го претстават и да го вреднуваат својот труд. Средствата што се собраа од продажбата, ќе се наменат за потребите на дневниот центар.

Директорот на рудникот Бучим, по повод 8 Март, ги изненади девојките и мајките во дневниот центар со подароци и желби за многу здравје.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп

Покрај редовните активности кои се дел од секојдневието на корисниците во дневниот центар, во соработка со наставничката Вера Попоска еднаш неделно се одржуваат креативни работилници каде што се дава фокус на учењето на англиски називи на предмети и животни на сликовит начин со картички. Исто така, кон крајот на месец јануари, студентка од Ветеринарниот факултет во Скопје одржа кратко предавање и креативна работилница за важноста на грижата кон домашните миленици. Корисниците еднаш месечно го посетуваат фризерскиот салон во СОУ „Ѓорче Петров” каде што добиваат бесплатно пострижување, третман и фризура направена со користење на различни техники.

Кон крајот на месец февруари започнаа подготовките за претстојните празници за месец март. Се одржа работилница каде што се плетеа мартинки кои подоцна корисниците ги подарија за здравје на најблиските. Секој корисник засади по едно саксиско цвеќе во чест на претстојниот празник 8-ми Март за кое води еднонеделна грижа во дневниот центар пред да го подари на блиска личност при што со оваа активност се развива чувство за одговорност кај корисниците. Осмомартовските работилници се одржаа во дневниот центар во соработка со Интеракт клуб каде што се изработуваа фигури во форма на цвет и потоа се пакуваа во декоративни кутии, а со наставничката Вера Попоска се изработуваа осмомартовски честитки.

Дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје

Крајот на календарската година секогаш е наменет за сублимирање на сработеното и впечатоците од годината која заминува, но и согледување на новите можности кои ги нуди секој почеток. Така, во дневниот центар во населбата Аеродром на 30 декември се организира предновогодишна забава за корисниците на двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Покрај вообичаената забава корисниците беа посетени и од група ученици од училиштето „Јахаја Кемал“ кои на сопствена иницијатива средствата собрани од базарот организиран во нивното училиште ги наменија за потребите на корисниците во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје. Истите донираа две магнетни табли, две машини за пластифицирање, како и потребен прибор за користење на истите. Во дневните центри со заеднички активности корисниците ги одбележаа празниците Божиќ и Василица.

Традиционално, во дневниот центар во Аеродром се изврши кршењето на василичарската погача со паричка. На 21 јануари 2025 година во просториите на дневниот центар во Аеродром во посета беа претставници од организацијата ХЕРА и нивни соработници. На оваа средба уште еднаш беше истакната потребата од обезбедување на соодветно адаптирани програми за сексуално образование на лицата со попреченост.

Како продолжување на остварената соработка со О.О.У „Киро Глигоров“ во општина Центар по повод празникот 8 Март во просториите на дневниот центар во населбата Капиштец беа реализирани работилници со ученици од VII б одделение. Тие на 5.3.2025 заедно со училишниот психолог Дијана и наставничката Катерина изработуваа осмомартовски честитки, цртаа, плетеа цветови од волница и хартија. По истиот повод, на 6.3.2025 година, работилница со слична тематска поставеност се реализира и во дневниот центар во населбата Аеродром,  овој пат со ученици од деветто одделение. Истите зедоа учество и во активностите за засејување на различни семиња и подготовка на цветен расад. Посебен интерес учениците покажаа за работилницата за изработка на накит каде заедно со корисниците на дневниот центар изработува обетки и нараквици од различни видови  на монистра.  Сончевите денови во изминатиов период беа искористени за посета на парцелата во општествената градина Зелена Арка, „Бостание“. Исто така, во дневните центри корисниците самостојно засејува расади со семенски материјал. Официјално со ова започна и новата градинарска сезона.

Како и во цела 2024 година така и во оваа година корисниците од двата дневни центри продолжија континуирано да рециклираат пластична амбалажа на вендинг машините на Пакомак. Иако временските услови не беа наклонети за реализирање на повеќе социјални активности во отворена социјална средина, корисниците во дневните центри секојдневно обработуваа теми и насоки за спроведување на дневна рутина во услови на самостојно живеење.

Во периодот од почетокот на декември 2024 и средината на јануари 2025 година во просториите на дневниот центар во населбата Аеродром и оваа година се спроведоа активности за продолжување на бесплатните годишни билети за ЈСП за членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје. Ова активност е овозможена во соработка  со секторот за детска, социјална и здравствена заштита  на Град Скопје.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип

Активностите во дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип редовно се реализираат согласно предвидените програмски активности. Покрај овие секојдневни активности се реализираа и низа креативни работилници. Дел од нив беа посветени на теми кои се однесуваа на одбележување на позначајни верски и државни празници во нашата земја. На 6-ти јануари дел од корисниците од дневниот центар зедоа учество во осмата по ред Божикна поворка која го навестува Христовото раѓање. На 8-ми јануари во посета на дневниот центар беа претставници на Евангелската црква во Штип, по повод Божикните празници, а воедно на корисниците им поделија Божикни подароци подготвени од деца и младинци од Република Германија. На крајот од јануари, волонтери од Клубот на млади при Црвен крст во Штип заедно со корисниците спроведоа работилница на која преку адаптирана презентација корисниците беа вклучени во интеракција и практично во дел од активностите со цел полесно совладување на вежбите за помош и самопомош при повреда.

Во текот на февруари се реализираа неколку креативни работилници. Една од нив беше организирана од страна на волонтерите од Клуб на млади при Црвен Крст – општинска организација Штип, а одржана во просториите на дневниот центар. На работилницата корисниците заедно со волонтерите изработуваа мартинки од засукани бели и црвени конци или волница украсени со монистри во боја. Секој од корисниците со помош на волонтерите изработија мартинки и меѓусебно си ги разменија со желби за здравје и среќа. Волонтерите преку кратки приказни ја споделија информација за симболиката и традицијата на мартинките. Последниот ден од февруари, корисниците на дневниот центар самостојно изработија мартинки со помош на бела и црвена волница, истите ги украсија со монистри и се упатија кон градскиот пазар со цел да ги поделат помеѓу луѓето.

Претставници од ЕУРОАРТ и оваа година ги посетија корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип, донесоа средства за хигиена за потребите на дневниот центар, а покрај тоа претставниците на ЕУРОАРТ одржаа кратка обука за познато македонско оро. Корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип добија понуда во слободното време да посетуваат некои од курсевите и обуките кои нуди академијата.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница редовно ги реализира предвидените програмски активности. Се реализираат когнитивно едукативни активности, практични активности и активности со семејствата на лицата со интелектуална попреченост. Во текот на месец јануари повеќе внимание се обрна на празниците во овој период. Со корисниците се разговараше за новогодишните и Божиќните празници и нивното значење, начините на кои се одбележуваат, а секој од нив имаше можност да истакне моменти кои им предизвикале некое посебно чувство или состојба. Се делеше и лепче со паричка, а тоа пак се искористи за да се разговара и за соодветно однесување за време на оброците, како во домот, така и во ресторани. Активностите продолжија и со работилници на тема зима, на кои се изработуваа цртежи, а се разговараше и за соодветна облека во зимно време, храна која е корисно да се јаде во овој период.

Почетокот на февруари, исто така, го обележија активности поврзани со празници. По повод Св. Трифун се разговараше за грозјето, за кроењето на виновата лоза и правење вино. Се изработуваа цртежи и се разговараше на темата љубов за да се обележи Св. Валентин. Понатаму, се реализираа и активности за повторна употреба на отпад и изработка на вазни од отпаден материјал. Се одржаа и креативни работилници за изработка на цвеќиња, букети и украси од различни материјали по повод меѓународниот ден на жената. Се читаа и учеа едноставни стихови за мајката, и се изработуваа цртежи. Се одржа и работилница на која корисниците на социјалниот клуб изработуваа мартинки.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци

Во изминатиот период во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Кавадарци се реализираа когнитивно – едукативни активности, практични активности, рекреативни  активности и активности со семејствата на лицата со интелектуална попреченост. Во почетокот на јануари се спроведоа активности на кои се креираше и се разговараше за семејните и христијанските празници. Во текот на јануари се започна и со спортско рекреативни активности во спортската сала на средното земјоделско шумарско училиште „Ѓорче Петров“ кои се реализираат два пати неделно. За спортските активности ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци обезбеди превоз за корисниците на социјалниот клуб преку ЈП Градски превоз. На 31-ви јануари се одржа фудбалски натпревар помеѓу корисниците на социјалниот клуб и членови на здружение од Неготино.

Во текот на февруари програмските активности во социјалниот клуб редовно се реализираа, а беа организирани и посети на кошаркарскиот натпревар на КК Тиквеш Голден Игл и Шкупи, и фудбалскиот натпревар на ГФК Тиквеш и Пелистер.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија

Активностите во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија непречено се спроведуваа во изминатиот период. По повод новогодишните празници беа подготвени и поделени скромни пакетчиња со одредени неопходни намирници за дома од страна на локални фирми. На една од работилниците беа подготвени бадникови гранчиња од дабово дрво и украсно декорирани. Истите беа донирани од наша страна во црквата по повод големиот христијански празник Бадник. Дел од нашите членови и нивните родители учествуваа во Бадниковата поворка на 6 јануари најавувајќи го големиот христијански празник Христовото рождество Божиќ. По повод православната Нова Година во просториите на социјалниот клуб се организираше традиционално кршење лепче со паричка. На настанот беа поканети и присуствуваа претставници од неколку граѓански здруженија кои ги поддржуваат активностите на социјалниот клуб. Во знак на благодарност се доделија благодарници и тоа на: Фондација „Ице Бегов“, Точак клуб Гевгелија, Актив на жени пензионерки Гевгелија и Здружение на граѓани ChangeMakers4All.

На секоја креативна работилница се учат и се повторуваат вештини неопходни за секојдневно самостојно функционирање на секој корисник како што се: варење кафе, чај, употреба на прибор за јадење, послужување, миење садови, одржување на хигиена во работна просторија и кујна. На две работилници во изминатиов период корисниците приготвуваа едноставни рецепти од пудинг и исто така учеа послужување на овошје, а со тоа и како се користи приборот за јадење, миење садови и сл. На последните работилници од месец февруари се започна со изработка на честитки и други скромни подароци изработени од украсна самолеплива хартија и картон, по повод денот на жената 8 Март.

Исто така, дел од времето на работилниците е наменето за заеднички друштвени игри како што се пикадо, куглање во импровизирани услови, редење слагалица самостојно или со помош,  играње карти, „не лути се човече“.

На почетокот од јануари беше подготвено и испратено писмено известување до г-ѓа Ангелина Петкова, пратеник во Собранието на РСМ, согласно остварената средба со родителите и членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија организирана по повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Беше подготвено и испратено писмено барање до Градоначалникот и Совет на општина Гевгелија за овозможување превоз на членовите до просториите на Социјалниот клуб од Негорци. Исто така, беше побарано решавање на проблемот со паркинг просторот пред просториите на Социјалниот клуб во периодот кога се одржуваат креативните работилници и овозможување на две одбележани паркинг – места во центарот на градот кои би ги користеле родителните на членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица редовно ги реализира и спроведува планираните програмски активности пропратени со низа креативни работилници. Почетокот на јануари го одбележаа активностите околу Божиќните празници, па се реализираа неколку креативни работилници на оваа тема.

На 9-ти јануари корисниците на социјалниот клуб, заедно со родителите, беа повикани на Божиќен ручек во етно ресторанот „Кај Виктор“ Босилово со уште неколку други невладини организации. Корисниците и родителите два часа се дружеа и забавуваа со убава македонска музика. Во просториите на Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица се подготви заеднички Бадников ручек со корисниците и нивните родители, едукаторот и волонтерките. Корисниците се забавуваа со караоке забава, играа ора и песни во празнична божиќна атмосфера.

По завршувањето на празниците, корисниците реализираа активности за расчистување на просториите. Ја раскитија новогодишната елка, ги собраа новогодишните украси и лампиони и сортирајќи ги  според боја ги ставија во посебни кутии. На крајот од месец јануари се одржа средба со родителите на корисниците на социјалниот клуб на кој што беа разгледани постигнатите резултати од изминатата година и се дискутираше за  нови  идеи, предлози, барања и забелешки, кои воедно ќе бидат вметнати во планирањето на Годишната програма на активности за претстојната  2025 година и ќе бидат опфатени и реализирани во месечните активности.

Во текот на февруари, покрај редовните когнитивно-едукативни активности, практични активности и активности со семејствата се реализираа и неколку креативни работилници за рачни изработки. Една од работилниците беше посветена на празникот Св. Трифун и се изработуваа гроздови од најразлични материјали, а се разговараше и за значењето на овој празник, Се реализираше и работилница по повод Св. Валентин, на која пак се изработуваа срциња од најразлични материјали и се декорираа со светкава хартија и фломастери. Се украсија и стаклени чаши за чај со љубовна тематика. На 14-ти февруари, корисниците на социјалниот клуб беа во посета на општина Струмица, Градоначалникот на општина Струмица, библиотеката „Благој Јанков – Мучето“, приватната здравствена установа „Александар“, НЛБ Тутунска Банка и ги подарија изработените украси по повод СВ. Валентин.  Една од работилниците беше посветена на Струмичкиот карневал, па корисниците изработуваа најразлични карневалски маски.

На почетокот на месец март, корисниците изработуваа рачни изработки и честитки по повод меѓународниот ден на жената, кои потоа ги поделија во Центарот за активно стареење во с. Турново, заедно со организацијата „Говорот на срцето“ од с. Босилово и во општинската организација на Црвениот крст во Струмица.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола, согласно програмата за работа  редовно ги реализира своите активности. Во текот на месец јануари покрај активностите за стекнување когнитивни, социјални и практични вештини се реализираа и активности за одбележување на новогодишните и Божиќните празници.

Дел од корисниците учествуваа на Бадниковите поворки – Бадник низ Широк Сокак, со свои изработени бадникови ѕвезди. Бадниковите поворки беа и ден за дружење и посета на црквата Св. Димитрија, каде што се пееја и Божикни песни. Во пресрет на големиот христијански празник Божиќ, во социјалниот клуб се одржа и Божиќна едукативна работилница со професорот по етика, Драги Анастасовски, и членови од хуманитарната организација Утешител. На работилницата тие поблиску ни ја доловија и раскажаа Божиќната радост за Христовото раѓање. Многу прашања беа поставени од корисниците, кои трпеливо и со голем интерес слушаа, одговараа и соработуваа во работилницата.

По повод верскиот празник Божиќ, социјалниот клуб го посетија членки од УЖ на ВМРО, Ветерани и млади од ВМРО, кои за корисниците и социјалниот клуб, подарија пригодни подароци. Среќни Божиќни празници, со желби за здравје, нашите корисници им посакаа на сите гости, со кои разговараа, се дружеа и споделија многу убави моменти од претходните активности, односно раскажуваа за активностите, нивното творештво на ракотворби во социјалниот клуб. Останатите работилници во месец јануари се реализираа со друштвени игри, креативност и одржување на хигиената во клубот.

Во февруари се реализираа неколку креативни работилници насочени кон изработка на осмо мартовски ракотворби, односно цветни букети и честитки кои корисниците потоа ги подарија на дел од соработниците на ЦПЛИП – ПОРАКА Битола и на социјалниот клуб.

Една од работилниците во месец март беше за расадување и садење на пролетни цвеќиња кои ќе ги украсуваат просториите на социјалниот клуб, а идната задача не корисниците ќе биде и да се грижат за посадените цвеќиња.

Scroll to Top
Skip to content