Активности на РЦПЛИП – ПОРАКА

Активности на социјалните сервисни служби на РЦПЛИП – ПОРАКА

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп

Во изминатиов период со особена внимателност се започна нова практика каде корисниците со насока од одговорното лице имаат можност самостојно да користат  хемиски средства. Со помош на овие активности во континуитет се забележува подобро одредување количина, препознавање на средство според слика, внимателност при употреба. Преку овие активности корисниците секојдневно ја учат важноста од чистиот дом/простор за подобро лично здравје. Во месец март корисниците правеа мартинки со цел одбележување на доаѓањето на пролетта. По повод 8 Март, беше организирана креативна работилница за изработка на цветни декорации.  Во периодот од 20 – 23 март 2023 година корисници од дневниот центар учествуваа на студиска посета во Сараево, каде имаа можност да разменуваат искуства со учесниците од другите партнерски организации.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип

Корисниците на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Штип спроведоа неколку интересни активности и работилници во соработка со останати чинители во општина Штип. На 6-ти јануари, дел од корисниците учествуваа во Бадниковата поворка што традиционално се организира во Штип. На 13-ти јануари заедно со дел од техничкиот персонал на ООУ „Гоце Делчев“ подготвија лепче со паричка по повод празникот Василица.

На 3-ти февруари НУ-УБиблиотека „Гоце Делчев“ од Штип организираше книжевно-музички перформанс „Гоце Делчев – великанот роден за да нè учи и води. Учество зедоа и корисниците на дневниот центар, кои заедно со останатите слушаа и читаа творби за Гоце Делчев. Исто така, се реализираа и креативни работилници за изработка на мартинки, амајлии за здравје и среќа. Во периодот од 20 – 23.3.2023 година, дел од корисниците исто така учествува на студиска посета во Сараево, каде спроведоа заеднички активности со останатите учесници од партнерските организации.

Дневен центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш

Дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Радовиш во изминатиов период редовно ги спроведува своите програмски активности. Покрај нив, реализираше и низа активности со други организации и поединци на локално ниво. Традицијата на Николајчо Николов за прославување на својот роденден со корисниците на дневниот центар продолжи и оваа година. Продолжи и соработката со волонтерите на ОО на Црвен крст во Радовиш со кои на 28-ми февруари се одржа креативна работилница за изработка на мартинки. Во месец март се организираше средба во просториите на дневниот центар, на која волонтерите од Црвениот крст разговараа со корисниците околу нивното секојдневие. Исто така, со дел од волонтерите на Црвениот крст, преку креативна работилница, се одбележа и 21 Март, светскиот ден на Дауновиот синдром.

По повод 8 март, во посета на дневниот центар беа дел од раководниот тим на рудниците Боров Дол и Бучим, подарувајќи им на девојките прекрасно свежо цвеќе. Корисниците на дневниот центар заедно со проф. Катерина Јованова Диманова и ученици од СОУ „Коста Сусинов“, започнаа со подготовки на нова театарска претстава „Малата сирена“. Во овој период се реализираат проби во вид на работилници за добивање на чувство на припадност, кохезија во една група, за запознавање на сите учесници во драмата, поделба на улогите во драмата.

Дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје

Покрај редовните активности што се реализираат во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, во изминатиов период се реализираа и работилници на кои се одбележуваа значајни датуми и празници. На 13-ти јануари, испраќањето на Стара Нова година, корисниците од двата дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, симболично го одбележаа со кршење на Василичарско лепче со паричка и заедничка прослава. На 27-ми јануари, во посета на дневниот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје, населба Аеродром, беше Градоначалничката на Град Скопје, која имаше можност директно да се запознае со корисниците и со работата на дневниот центар.

Во просториите на дневниот центар во Аеродром се сними емисиија на серијалот „Петтиот ангел“ која се емитуваше на 18.3.2023 на МРТВ 1. Водител на емисијата беше новинарката Виолета Совкаровска, а во емисијата покрај корисниците, едукаторите и тимот од извршната канцеларија на РЦПЛИП – ПОРАКА, говореа и дел од родителите кои дадоа свои видувања за работата и потребата од постоење на дневните центри. Соработката со Театар Пи продолжи и во овој период. Почнувајќи од 14.3.2023 год., во просториите на двата дневни центри, се одржуваат работилници за новата мултимедијална кампања. Во периодот 20 – 23 март 2023 година корисник од дневниот центар учествуваше на студиска посета во Сараево заедно со едукатори и корисници од дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Прилеп и Штип.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Струмица

Редовните активности во социјалниот клуб непречено се реализираа во изминатиов период. За време на Божиќните празници се спроведе креативна работилница со „Операција Божиќно дете“ – Македонија на која се изработуваа декорации со Божиќни мотиви. На крајот од работилницата корисниците на социјалниот клуб добија Божиќни подароци. На 13-ти јануари во просториите на социјалниот клуб се организираше Бадников ручек, на кој уживаа и во караоке забава, со песни и ора. Во февруари се реализираа креативни работилници со тематика за претстојните празници Св.Трифун и Св.Валентин. Со посебна радост и интерес, корисниците на социјалниот клуб учествуваа во работилниците на кои се изработуваа карневалските маски за Струмичкиот карневал.

Во месец март пак следеа работилници за изработка на мартинки, осмомартовски честитки по повод Денот на жената и подготовки на рачни изработки со велигденска тематика. По повод 21 март, Светскиот ден на Даунов синдром, во социјалниот клуб се реализираше работилница со цел испраќање пораки до јавноста во однос на состојбите и дискриминацијата со која се соочуваат лицата со Даунов синдром, но и сите лица со попреченост во општеството.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола

Социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола редовно ги реализира активностите предвидени во својата програма за работа. На почетокот од месец јануари се спроведоа работилници за одбележување на празниците Божиќ и Василица. По повод Коледе, социјалниот клуб го посетија членки на УЖ на ВМРО – ДПМНЕ, Ветерани на ВМРО – ДПМНЕ, кои на корисниците им подарија капи, шалови и ракавици. Во соработка со постојаните поддржувачи, музичката група Оскар, се организираше забава за Стара Нова Година, на која корисниците имаа можност да се запознаат со разни музички инструменти. Исто така, за празниците се вртеше и мазник со париче, активност која беше спроведена на задоволство на сите корисници. Социјалниот клуб го посети писателот и планинар Љупчо Ѓоревски, кој им раскажуваше делови од книгата „Ловечки сказанија и записи“ и разните згоди и незгоди на ловџиите. Следеа креативни работилници посветени на 8 Март, на кои помагаа и волонтерите Гордана Димитровска, Мартин Димитровски и Лилјана Кузмановска. Во соработка со ООУ „Тодор Ангелевски“, корисниците на социјалниот клуб го посетија училиштето и заедно со дел од учениците се спроведе работилница на тема 8 Март на која се изработуваа најразлични украси и честитки.

Во одбележувањето на Светскиот ден на Даунов синдром, корисниците на социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Битола се вклучија со низа активности. Зедоа учество во хуманитарниот базар што го организираше ЛК СДММ на 19.3.2023 во Битола, под мотото „Плати си кафе со убав збор, поддржи ги лицата со Даунов синдром“, а со ученици од ООУ „Д-р. Трифун Пановски“ испратија пораки за инклузија и еднакви права на сите лица со попреченост.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница

Активностите во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Виница непречено се реализираа во изминатиот период. Во текот на јануари се спроведоа и креативни работилници на тема зима и божиќни празници. Се организираше и бадникова трпеза на која се делеше лепче со паричка. Во текот на месец февруари, се реализираа и неколку тематски работилници. По повод празникот Св.Трифун се реализираа активности за кроење растенија, се изработуваа декорации на тема лозје и вино. А пак за празникот Св.Валентин се изработуваа честитки со пораки за љубов, почит и меѓусебно разбирање. Во текот на месец февруари започнаа и креативните работилници за изработка на цвеќиња, букети, украси и честитки од различни материјали, а по повод денoт на жената, 8 Март.

Социјален клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија

Активностите во социјалниот клуб на РЦПЛИП – ПОРАКА во Гевгелија, по кратка пауза одново почнаа со редовна реализација. Во месецот јануари првите активности беа насочени кон работилници за одбележување на Божиќ. Се организираше и традиционалното одбележување на празникот Василица, кршење на лепче со паричка.

Во месец февруари беа реализирани низа различни активности, дел од нив беа наменети за забава и рекреација, дел за стекнување на нови знаења, вештини, соработка и меѓусебна помош и поддршка. Се организираше и натпревар во пикадо, активност која овозможи корисниците да го развиваат натпреварувачкиот дух,  меѓусебната помош, контрола на чувства кога освојуваат помалку поени од другиот и мотивација за подобрување во следниот круг. Исто така, се разговараше за значењето на 8 Март, а се изработуваа и декоративни предмети.

Scroll to Top
Skip to content