Активности на Сојуз на стопански комори

Признание „Македонски квалитет 2021“ за РЦПЛИП – ПОРАКА

Десет национални претпријатија кои се претставници и промотори на македонските успешни бизниси го добија престижното Признание „Македонски квалитет 2021“, кое традиционално го доделува Сојузот на стопански комори на Македонија под покровителство на Претседателот на PCM, Н.Е. д-р Стево Пендаровски. Свечениот настан оваа година се одржа во претседателската резиденција „Вила Водно“ на 27.12.2021 година. Признанието се доделува на национални претпријатија кои придонесуваат кон развојот на македонската економија и го афирмираат македонскиот квалитет во земјата и пошироко.

Признанијата ги доделија Претседателот на Република Северна Македонија, д-р Пендаровски и претседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија г. Трајан Ангелоски. Добитници на Признанието за 2021 година се „Бонивес“, ПЗУ „Аптеки Виола“, „Агенс Камини“, „Каса Италија“, КМГ ЕОЛ „Квазар“, „Винарија Венец“, „Компјунет Инженеринг“, „Хотел Тимс“, „Еко логистик сервис“, Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА.

Претседателот на Сојузот, г. Ангелоски изјави дека успехот на секоја домашна компанија, во границите на нашата држава и интернационално има широк импакт.    „Сојузот на стопански комори, години наназад го промовира квалитетот на домашните компании преку доделувањето на традиционалното признание за квалитет. Ова признание е потврда дека одлуките кои овие бизнисмени и претприемачи ги носеле во годините наназад биле вистински, а нивниот ангажман и посветеноста се препознати и вреднувани. Ова секако е и поттик да се продолжи со успешната работа и да се претставува државата со квалитет, доверба, добра пракса“, истакна г. Ангелоски.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање ги нагласи предизвиците со коишто се соочува домашната економија како последица на светската пандемија. Во тој контекст изрази уверување дека компаниите имаат соодветен одговор на кризата и дека ќе продолжат со успешната работа надградувајќи го квалитетот на производите и на услугите што ги испорачуваат.
„Имајќи ја предвид целата ситуација, носителите на Признанието заслужуваат особена почит затоа што во нималку лесни времиња го развиваат својот потенцијал и постигнуваат извонредни резултати задржувајќи висок квалитет на производите и на услугите“, рече Претседателот Пендаровски. Тој понатаму продолжи:

„Почитувани, навистина е неблагодарно добитниците да ги споредуваме или да ги оценуваме, особено имајќи предвид дека доаѓаат од различни области. Во секој случај, имаме лепеза од компании кои се од различни стопански гранки, почнувајќи од производство, продажба, трговија, услужна и здравствена дејност, па се до невладина организација која нуди социјални услуги на нашите граѓани. Се надевам дека нема да ми замерат останатите девет ако издвојам еден од добитниците на признанието за Македонски квалитет, а тоа е непрофитната организација којашто се грижи за посебна категорија на наши граѓани. Станува збор за Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, застапувајќи ги правата и интересите на повеќе од 20.000 лица со интелектуална попреченост во Република Северна Македонија. Преку различни активности и програми, ПОРАКА суштински придонесува за подигнувањето на квалитетот на нивниот живот. Благодарение на ПОРАКА лицата со интелектуална попреченост имаат поголеми можности за вклученост во социјалниот живот и олеснет пристап до сервисни служби, дневни центри и социјални клубови“.

Претседателот на РЦПЛИП – ПОРАКА, г. Чедомир Трајковски, истакна дека е огромна чест и задоволство да се добие едно вакво Признание, Признание за Македонски квалитет. Но, во исто време, поттикот што го носи ваквото признание, носи и голема обврска за понатамошно посветено работење на РЦПЛИП – ПОРАКА во унапредувањето на социјалните услуги за лицата со интелектуална попреченост, како остварување на нивните човекови права и целосна инклузија во општественото живеење.

Scroll to Top
Skip to content