ексуално, репродуктивно здравје и права на лицата со попреченост
Лицата со попреченост како и другите луѓе имаат подеднакви очекувања за живот, образование и работа. Тие сакаат да работат, да имаат сопствен дом, да се социјализират и сами да одржуваат социјални и сексуални врски. Возрасните лица со попреченост сакаат се она што и секој друг возрасен го сака во животот: да имаат приватен живот, да одлучуваат и да си го организираат начинот на живеење по сопствен избор.
Она што е потребно е да се обезбеди поинаков пристап и начин на давање на информации за да лицата со попреченост ги реализираат сопствените аспирации. Затоа е потребно да се обрне внимание на расположливи-те информации, образованието и емотивната и практичната помош соодветна на идентификуваните потреби на лицата со попреченост, што директно ќе има влијание на нивниот стадиум од животот, нивните искуства, сексуалноста, степенот на попреченост и сето тоа базирано на нивните верувања и вредности. (Политика за Сексуално, репродуктивно здравје и лица со попреченост).
Водени од нашата секојдневна пракса и идентификуваните потреби на лицата со попреченост, како и потребите на родителите и вработените во институциите кои работат/згрижуваат различни категории на лица со попреченост, одлучивме гласно да проговориме и поструктурирано да започнеме да работиме на темата сексуално, репродуктивно здравје и права на лицата со попреченост.
Како започнавме?
Во октомври 2009, двајца претставници (социјален работник и психолог) од Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување Х.Е.Р.А., посетија тренинг за работа со лица со попреченост на темата сексуално, ре-продуктивно здравје и права. Тренингот беше реализиран според стандардите на Меѓународната Федерација за Планирано Родителство (МФПР), каде што Х.Е.Р.А. е полноправна членка. После овој тренинг, се мапираа институции и организации кои работат со лица со попреченост и се идентификуваа нивните целни групи и потребите кои ги имаат за работа на темата “Сексуално и репродуктивно здравје и права”. При тоа, забележано е дека сите ја имаат истата потреба од здобивање на стандарди и вештини за работа со лица со попреченост на темата.
Преку проект финансиран од страна на МФПР и Град Скопје Х.Е.Р.А. во октомври 2010 организираше тренинг за директори/ заменици директори и вработени во институции кои работат со лица со попреченост, претставници од невладин сектор и претставници од Министерството за труд и социјална политика. Целта беше да се сензитивизираат и да поттикнат активности во рамки на своите институции и организации за оваа тема.
Тренингот беше реализиран во Охрид, во октомври 2010 година. Беа присутни: претставник на Министерството за труд и социјална политика, претставници од ДСУ Партенија Зографски – Скопје, ДСУ Искра – Штип, ДСУ Наум Охридски – Скопје, Завод за рехабилитација на деца и младинци Топанско Поле – Скопје, невладин сектор: “Младински центар Сакам да знам – Х.Е.Р.А”, РЦПЛИП – ПОРАКА, “Порака Наша – Куманово”, “Порака Нова – Струга”, “Подај рака – Скопје”. Како тренери беа повикани Марк Бреслин и Роисин Фланаган од Северна Ирска, експерти во областа кои работат повеќе од десет години и се позитивен модел и во МФПР во однос на реализација. По овој тренинг, се формираше Консултативна група која започна со работа за изготвување на политика за сексуално, репродуктивно здравје и права и лицата со попреченост.
По изготвувањето на политиката, во февруари 2011 година, се одржа јавен настан за промоција на истата. На промоцијата во својство на излагачи беа присутни професор Ристо Петров (Институт за дефектологија), Роберт Величковски (Министерство за здравство), Слободанка Лазова Здравковска (Министерство за труд и социјална политика), Владо Крстовски (РЦПЛИП – ПОРАКА) и Мила Царовска (Х.Е.Р.А.).
Јавниот настан беше посетен од голем број на родители, стручни лица (дефектолози, социјални работници, психолози, педагози) од институции и невладини организации кои работат со различни категории на лица со попреченост и на наша голема радост лица со различен тип на попреченост. Беше обезбеден и толкувач на знаковен јазик за да се овозможи следење на презентациите и дискусиите и на лицата со оштетен слух. Презентациите и дискусиите се одвиваа во очекуваната насока и сите за-едно се согласивме дека сексуалното и репродуктивното здравје е право кое секој треба да го ужива, но треба да се обезбедат и соодветни услови и соодветна поддршка за да тоа биде реалност и за лицата со попреченост.
Што е следно?
Во оваа насока е и нашата понатамошна работа, обука на кадар и родители за работа на темата сексуално и репродуктивно здравје и лица со попреченост.
Во следниве неколку месеци, одредена група на професионалци ќе бидат обучени за директна работа со клиенти според стандардите на Х.Е.Р.А. за советувања и едукации.