ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица од месец септември 2020 година започна со реализација на проектот „Транспарентна ПОРАКА“, финансиски помогнат од Општина Струмица преку Програмата G1 од Буџетот на Општина Струмица за 2020 г.
Општата цел на проектот е зајакнување на организациските капацитети за транспарентно работење и приспособено информирање за справување со предизвиците на лицата со попреченост. Конкретна цел на проектот е за седум месеци да се развијат девет алатки за транспарентно, отчетно и приспособено информирање за програмските активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица и предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост.
Првиот пакет активности опфаќа публикување и печатење инфографици со информации од наративен и финансиски годишен извештај за 2019 година и годишна програма за 2020 година, а во насока да се подобрат практиките за транспарентно известување за програмските активности и реализираните активности и финансиски средства на ЦПЛИП – ПОРАКА Струмица.
Централно место во проектот заземаат креативните работилници за креирање инфографици со приспособени и лесно читливи информации, совети и чекори за грижа за општото здравје и остварување на правата на лицата со попреченост. Соочени со новите глобални предизвици, а кои го вклучија алармот за поголема грижа за општото здравје, а соочени и со ризикот од погрешната, нецелосна и неприспособена информација, целта на оваа активност е да се креираат инфографици кои ќе нудат приспособени и лесно читливи информации, совети и чекори за поголема заштита и спречување на ширење на COVID-19 и други вируси и грипови и грижа за општото здравје.
Исто така, во рамки на проектот ќе се изработи и публикува брошура со наслов: „ПОРАКА во изминатата деценија: постигнати резултати“, а ќе се креираат и нови платформи на социјалните медиуми (Instagram и Twitter).
Особен акцент ќе се стави на креирање на веб-страна, која ќе има изглед и функционалности кои ќе им помогнат на лицата со попреченост (интелектуална, дислексија, аутизам, глуви, слепи) лесно и едноставно да ги читаат веб содржините, совети за превенција и заштита, информации за остварувања на правата на лицата со попреченост од областа на социјалната заштита и информации и совети за заштита и спречување на ширење на COVID-19 и други вируси и грипови и грижа за општото здравје.