Влада на Република Северна Македонија

Протокол за работа на дневните центри за деца и лица со попреченост

Владата на Република Северна Македонија на својата 74-та седница одржана на 7-ми јули 2020 година го утврди Протоколот за работа на Дневните центри за деца и лица со попреченост во услови на пандемија на заразната болест КОВИД-19. Протоколите беа објавени во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.208 од 26.8.2020 година.

Протокол за работа на дневните центри за деца/лица со попреченост

УПОТРЕБА НА ЗАШТИТНА ОПРЕМА

Секој вработен кој е директно вклучен во третманот и грижата за децата/лицата треба да ја носи следната заштитна опрема:
1. Визир
2. Маска
3. Ракавици
4. Обувки

1.    Визирот треба да се носи постојано, додека се спроведува индивидуалниот дефектолошкиот/логопедскиот/психо-лошкиот третман. По секоја употреба, истиот треба да се дезинфицира.
2.    Маската треба да се носи постојано под визирот, само во услови кога проценката бара демонстрирање на начинот на изговор, маската може да се извади. Маската треба да се менува на секои 2 часа.
3.    Заштитните ракавици треба да се носат постојано и да се менуваат после секое дете. Доколку се појави потреба (на пример контакт со плунка на детето) и во тек на проценката, ракавиците се натопуваат со дезинфекционо средство.
4.    Во просториите на Центарот при самиот почеток на работниот ден се облекуваат работни, заштитни обувки (кломпи или папучи), се носат само во Центарот и со нив не смее да се излегува надвор од просториите на Центарот. Истотото важи и за корисниците на Дневниот центар. При влезот во просторијата на Дневниот центар од страна на лица кои не се вработени во истиот задолжителна е употреба на навлаки за обувки (каљачи).

ОДРЖУВАЊЕ НА ЛИЧНА ХИГИЕНА И ХИГИЕНА НА РАБОТНИОТ ПРОСТОР ВО ТЕК НА АКТИВЕН РАБОТЕН ПРОЦЕС

1.    Редовно миење на раце согласно упатството на СЗО, (објавено во секоја работна просторија), пред и по завршен проценка/третман, или друга работна манипулација, како и секогаш кога вработениот ќе процени за потребно и дезинфицирање на рацете пред почеток и по завршување на секој контакт со детето или родителот и по потреба, пред ставање на заштитни ракавици и по вадење на истите. Секој родител и дете мора да ги дезинфицира рацете пред и по завршетокот на проценката/третманот.
2.    Редовно пребришување на работни површини по завршување на проценката/третманот. Задолжение на секој вработен е својот работен простор, работни и манипулативни површини да ги пребришува со дезинфекционо средство.
3.    Подот и заедничките простории, вклучително и просторијата за индивидуални третмани, како и јавните санитарни простори се одржуваат од страна на технички персонал, согласно пропишаните чекори од протоколот за одржување на хигиена во вонредни услови, наложена од комисијата за интрахоспитални инфекции.
4.    Заедничкиот паркинг простор, како и јавниот простор во и околу објектот е во надлежност на менаџментот на самиот објект и истиот треба да биде дезинфициран еднаш дневно во утринските часови и да биде забрането преоптеретување со многу возила на посетители, освен возила на вработени.
5.    Контрола и дополнување на средства за дезинфекција ќе бидат во надлежност на помошно-техничкиот персонал, а доколку нема од редот на стручните работници.

ПАТЕКА НА ДВИЖЕЊЕ НА РОДИТЕЛИТЕ И ДЕЦАТА ВО ВОНРЕДНИ УСЛОВИ НА ЕПИДЕМИЈА

Протокот на родители и деца во и надвор од дневниот центар се одвива по строго контролиран ред, со минимум време поминато во заедничките простории и ходниците на Центарот. Придружниците на децата/лицата исто така поминуваат минимално време движејќи се низ центарот, притоа самостојно обезбедувајќи си заштитна опрема за себе и за детето. Придружбата има право на престој во чекалната само доколку ги користи овие заштитни средства и при престојот има услови за да обезбеди физичка дистанца од 2 метри со другите лица. Во спротивно, се препорачува придружбата да го чека детето/лицето во јавниот простор на дневниот центар, но надвор од објектот.

ПОСТАПКАТА ЗА ПРИЕМ СЕ ОДВИВА ПО СЛЕДНИОТ РЕДОСЛЕД:
1.    Родителот покренува барање за прием со јавување на службените телефони на центрите за социјална работа или Дневниот центар. Вработените стручни лица ги прибираат основните податоци за детето и семејството и врши прием на документи. Документите се предаваат на стручните работници од страна на родителите или старателот електронски (секогаш кога родителот има услови за тоа) или директно се испраќаат (на хартија) адресата на центрите за социјална работа.
2.    Два дена пред терминот за прием родителот се контактира телефонски при што се прави интервју за здравствената состојба на детето и семејството и се потполнува прашалник за услови за ризик од заболување со Корона вирус. Доколку нема сомневање за зараза со COVID 19 родителот се информира за постапката за прием и условите за истата.
3.    На денот на приемот родителот/старателот и детето ги прима раководителот на Дневниот центар кој повторно прави анкета за здравствената состојба и ги предава на друг стручен работник кој ќе го врши третманот на детето/лицето. На детето/лицето задолжително му се мери температурата и тоа се повторува секој ден.
4.    Разговорот со родителот се води со задолжително почитување на мерките, а тоа е носење на заштитна маска и минимална дистанца од 2 метри. Во просторијата со родителот може да присуствува само едно стручно лице. Советувањето на родителот во врска со спроведената проценка/третман да се извршува исклучиво по телефон.
5.    Вежбите и третманите во дневните центри се спроведуваат исклучиво со потрошен и дидактички материјал кој може лесно да се дезинфицира.
6.    Задолжително е  редовно проветрување на просторијата на секои два часа, помеѓу секоја проценка/третман и секогаш кога е неопходно во тек на работата.
7.    Забрана за користење на уреди и дидактички материјали кои тешко се дезинфицираат за време на проценката/третманот во вонредни услови.

РАСПОРЕД ЗА РАБОТА
1.    Сите лица кои се вклучени во работењето во Центарот, ќе бидат поделени во  тимови од страна на раководителот на Дневниот центар, заради обезбедување на физичко дистанцирање и заштита од физички контакт помеѓу корисници и вработенитe.
2.    Се забранува групирање на вработените за време на пауза во простор (кабинети, канцеларии) кој што не обезбедува физичка дистанца од 2 метра.
3.    Се забранува движење и престој на вработените надвор од својот кабинет, во работните простории на објектот и во јавните простории без оправдани потреби. Движењето по ходници треба да биде само кога е тоа неодложно и крајно неопходно.
4.    Комуникацијата помеѓу персоналот со надворешните соработници и родителите на децата да се одвива по телефон.

ПРЕВЕНТИВНИ АКТИВНОСТИ КОИ ТРЕБА ДА СЕ ПРЕЗЕМАТ ВО ДНЕВНИТЕ ЦЕНТРИ

За Дневниот центар

•    Да се исчистат и дезинфицираат сите простории во објектот, да се направи чистење и дезинфекција на  целата опремата и инвентарот (во заедничките простории, просториите за третман, кујните, собата за изолација, административните простори и другите простори во објектите);
•    После извршената дезинфекција да се направи проветрување на просториите;
•    Дневните центри да обезбедат доволна лична заштитна опрема (маски и ракавици) за вработените;
•    Дневниот центар да обезбеди безконтактен термометар за секој влез на центарот;
•    Дневниот центар да обезбеди  доволно материјали и додатоци за чистење и дезинфекција;
•    На влезните врати во објектите да има поставено бариера за дезинфекција;
•    Хронично болните да бидат ослободени од работа  (ХОББ – Хронична опструктивна белодробна болест – J44, Астма – J45, Интестицијална фиброза – Ј84, Срцева слабост со EF<40, Акутен миокарден инфаркт до 3 месеци, Срцеви заболувања со тешка пулмонална хипертензија, Тешка аортна и митрална стеноза, Воспалителни заболувања на срце (миокардит, ендокардит) < 6 месеци, Инплантиран пејсмејкер или срцев дивајс до 3 месеци, Длабока венска тромбоза до 3 месеци, Диајабетес тип I, Диајабетес тип II на инсулинска терапија со коморбидитети: Миокарден инфаркт, церброваскуларен инсулт, стеноза на периферна циркулација и ХБИ, Сите малигни заболувања – C00-C97, Состојба по трансплантација на бубрег – Z94., Хроничен нефротичен синдром – N04, Интермитентна хемодијализа – Z99.2, Состојби со биолошка или комбинирана имуномодулирана терапија – M05, M06, M45.00, Некротизирачки васкулопатии, системски еритематозен лупус, дерматополимиозит, системска склероза – M31-M34);
•    Да им се  укажете  на вработените за обврската да го следат сопственото здравје и состојбата на децата/лицата и да се придржуваат кон процедури во согласност со препораките поврзани со превенцијата на КОВИД-19 (вклучително и почитување на социјалната оддалеченост и употреба на лична заштитна опрема);
•    Веднаш  да се отстранат вработените од своето работно место доколку имаат било какви симптоми на болест;
•    Да се дезинфицираат прекинувачите, кваки на вратите, умивалници, масите, столови;
•    Да се дезинфицираат играчките и дидактичката опрема;
•    Да се направи распоред за прием на децата за да нема групирање на влезот на центарот;
•    Да се одбележи  пред  секој влез на објектите растојание од два метра за родители при предавање на деца/лицата;
•    Воведување на задолжително миење на рацете или дезинфекција, како и мерење  температура со безконтактен термометар на вработените и децата/лицата при влегување во центарот;
•    Обезбедете можност децата/лицата да седат на масите на растојание од 2 метри;
•    Да се стават едукативни постери со препораки за превентивни активности на истакнати места;
•    Да се врши секојдневна дезинфекција на превозните средства со кои се превезуваат децата (ако е организиран превозот);
•    Групите на деца/лица да имаат максимум по 10 деца/лица во една смена;
•    Секој родител/старател да достави лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на своето дете не постара од два дена;
•    Организирајте го престојот на децата на таков начин што ќе се избегне меѓусебен контакт, активностите се препорачува да се организираат што е можно повеќе на отворено во мали групи доколку центарот поседува двор;
•    Не дозволувајте собирање и меѓусебни контакти на вработените;

За Стручниот кадар
•    Секој вработен мора да носи задолжително заштитна опрема (маска, ракавици) кога е на работно место и дополнително визир кога дава индивидуален третман;
•    Посебно внимание треба да се посвети на потребата од засилени хигиенски мерки во случај на миење, хранење и слично;
•    При јадење не дозволувајте децата/лицата да споделуваат храна едни со други;
•    Не користете дидактички материјали што не се мијат и дезинфицираат;
•    Воспоставете јасна постапка за миење, дезинфекција и отстранување на чиста и „валкана“ – користена опрема за да го спречите вкрстувањето;
•    Воведете  задолжително миење на рацете на децата/лицата при прием  и почести миење во тек на денот, а задолжително, особено после кивање, кашлање, плачење, пред и после консумирање храна и одење во тоалет;
•    Воведете задолжителен надзор при миење на рацете на децата/лицата;
•    Кога користите средства за дезинфекција, земете ја во предвид правилната примена во согласност со упатствата на производителот во врска со целта, концентрацијата, начинот на употреба и потребното време за контакт;
•    Редовно, во согласност со временските услови  отворајте ги  прозорците, особено во просториите за групна работа. Не користете вештачка вентилација;
•    Спроведувајте засилени воспитни активности со децата/лицата, со цел да се олесни разбирањето и усвојувањето на новите правила за заштита од вирусите и создавајте навики кај децата/лицата за лична хигиена за важноста на често и правилно миење на рацете (минимум 20 секунди – на пример со песна), кашлање и кивање во подлактицата, за просторна дистанца, да избегнуваат  да го допираат лицето и друго;
•    Контролирајте ги причините за отсуство на децата/лицата, контактирајте со родителите, а доколку е потребно и со матичниот лекар од надлежниот здравствен центар;
•    Не спроведувајте организирани групни активности во објектот (настани, итн.), како и организирана посета на места каде што се очекува да се соберат голем број на луѓе (кина, театри и слично);
•    Во случај на здравствени промени кај згрижените деца/лица, треба да се преземе следново:
o    во случај на  промена во здравствената состојба – изолирајте го детето во просторијата за изолација, веднаш известете го родителот/старателот,  доколку детето/лицето има температура се препорачува мерењето на температурата да биде со безконтактен термометар;
o    по интервенција во вакви случаи што е можно побрзо задолжително да се  јавите кај матичен лекар;
•    Проверете го здравјето на другите деца/лица во групата и објектот и изолирајте ги сите сомнителни случаи;
•    Во случај на потврда на инфекција COVID 19, не користете го местото каде што престојувалo лицето. Отворете ги надворешните врати и прозорци за да го проветрите просторот. Почекајте најмалку 24 часа пред да го исчистите просторот. Детално измијте и дезинфицирајте го просторот, површините, додатоците, опремата и слично со средства за дезинфекција во согласност со упатствата на производителот, со употреба на опрема за лична заштита;

За Родителите
•    Родителите при носење на децата во дневните центри задолжително да имаат заштитна маска и ракавици;
•    Да го  почитуваат  утврденото време за носење на детето во центарот, како и  просторната дистанца при предавање и земање на детето;
•    Носење  и земање на  детето од дневните центри да го врши само родителот, освен во исклучителни ситуации со најава да биде друго лице
•    Доколку детето има симптоми на заболување – респираторни, цревни инфекции, треска итн. или со сомнителен почеток на болест (замор, губење на апетит, итн.), родителите да не ги носат децата/лицата во дневните центри;
•    Родителот/старателот да обезбеди лекарска потврда од матичен лекар за здравствената состојба на своето дете не постара од два дена;

НАПОМЕНА:
Протоколот има важност и за сите останати вработени кои имаат редовна комуникација со корисници на дневно ниво.
За сите дополнителни тековни и вонредни потреби за постапување во рамки на Центарот, продолжуваат да важат пропишаните одредби од државните органи, како и интерните акти на установата. Доколку има неопходна потреба за разрешување на конкретна ситуација во вонредна состојба, се задолжува работникот да се обрати на непосредниот раководител, а потоа тој на раководителот на Центарот.
Постапувањето по овој протокол е задолжително и секое непостапување по истиот подразбира неисполнување на работна задача и ќе следат санкции согласно Законот за јавни службеници и Законот за здравствена заштита.

Scroll to Top
Skip to content