Вработените од Комерцијална банка АД Скопје во посета на дневниот центар – ПОРАКА Скопје

Како живеат лицата со интелектуална попреченост?

Одговор на ова прашање вработените во Комерцијална банка АД Скопје добија на 4.12.2013 година во дневниот центар за лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Скопје.

„ПОРАКА е присутна меѓу нас веќе 50 години и ова е јубилејна година, кога почувствувавме дека малку знаеме за овие лица, посакавме да бидеме меѓу нив, да слушнеме како го поминуваат своето време, што најмногу сакаат да прават во дневните центри, да ги видиме нивните ракотворби и да слушнеме како се дружат, кои песни ги сакаат, со еден збор како им поминува денот” велат вработените во Банката.

По добиените информации од персоналот и раководството на ПОРАКА и претставник на невладината организација ХЕРА, корисниците на дневниот центар ги примија подароците кои Комерцијална банка ги подготви за нив.

„Самостојното функционирање на лицата со попреченост, како и совладувањето на што повеќе вештини за индивидуално вршење на сите дневни потреби, како готвење, подготвување на домот, пазарење, располагање со средства и други вештини, за овие лица е од суштинска важност. Нашите подароци во таа смисла се поддршка на совладувањето на што поголем број вештини за независно извршување на дневните активности”, изјави Наташа Брова, Директор на Секторот за човечки ресурси и општи работи во Комерцијална банка АД Скопје.

Со дружење во работните простории, каде со многу внимание беа разменети пораки за потребата од решавање на нивните проблеми, прашања за тоа каков третман добиваат од банките, дали лицата со интелектуална попреченост знаат да работат со картички и да користат банкомати и др., беше одбележан 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во просториите на Порака Скопје во населбата Аеродром.

Вработените од Комерцијална банка ветија дека повторно ќе дојдат, со цел обука на лицата со попреченост за користење на услугите на Банката.

преземено од www.kb.com.mk

Scroll to Top
Skip to content