Вработени во Македонски Телеком и Т-Мобиле Македонија учествуваа на Скопскиот Wizz Air маратон, што се одржа на 11 мај, 2014 година. Дваесет вработени во компании од Дојче Телеком од Македонија, Црна Гора и Унгарија трчаа со голема мотивација да ја завршат трката, зашто за секој истрчан километар на маратонците компанијата донираа по 1.500 денари за дневниот центар за лица со интелектуална попреченост.
Прес конференцијата која се одржа на 17.04. 2014 беше местото каде се објави веста за донесената одлука на Македонски Телеком и Т – Мобиле Македонија.
„Учеството на маратонот не е само лична сатисфакција, туку и голема одговорност, зошто од нашата решителност и издржливост ќе зависи висината на донацијата која ќе ја добијат лицата со интелектуална попреченост. Но, тоа е само мотив повеќе и тимот на Телеком и Т-Мобиле ќе даде се од себе да стигне до целта” – изјави Димитар Ковачевски, директор на комуникации во Македонски Телеком и учесник на маратонот на прес конференцијата која се одржа пред Скопскиот маратон. Деветнаесет од вработените ќе учествуваат во полумаратонот од 21 километар, а еден во маратонот од 42 километри и доколку сите ја завршат трката, вкупната донација за изградба на нов дневен центар во Капиштец, Скопје ќе изнесува 11.000 евра. Донацијата ќе се реализира преку Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Скопје, што ги застапува правата и интересите на овие лица на територијата на град Скопје.
ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје е активно вклучена во реформските процеси на социјалната политика и социјална заштита во нашата држава. Во рамките на ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје веќе 14 години успешно функционира дневен центар за адолесценти и возрасни лица со интелектуална попреченост, како социјална сервисна служба за поддршка на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства – изјави Владо Крстовски, претседател на ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје.
Капацитетот на опфаќање корисници во постојниот дневен центар е исполнет неколку години наназад, што јасно говори за потребата од отворање на нови дневни центри во Скопје. На наше задоволство, ваквата потреба беше увидена од страна на Министерството за труд и социјална политика и Градот Скопје, со кои беше постигнат договор за заедничко делување во оформување на нов дневен центар во Скопје. Во текот на 2013 година, Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Градот Скопје и РЦПЛИП – ПОРАКА, идентификуваше можни простории за новиот дневен центар, на кои им е потребен сериозен градежен зафат за адаптирање, реновирање и опремување, а со цел да се задоволат стандардите за ваков вид сервисна служба. За целиот овој процес да биде успешен, неопходна е поддршка од сите добронамерници, со заеднички сили да создадеме уште едно достоинствено катче за лицата со интелектуална попреченост во Скопје.
Македонски телеком е првата компанија која одлучи да се вклучи во оваа акција и да го поддржи оформувањето на новиот дневен центар за лица со интелектуална попреченост во Скопје. Средствата кои Македонски Телеком ќе ги донира се строго наменски средства кои ќе бидат искористени за адаптирање, реновирање и опремување на новата социјална сервисна служба. Изразуваме голема благодарност и потенцираме дека донацијата на Македонски телеком има големо значење за нас, поради неколку причини.
Првата причина е целта на донацијата. Со донацијата, Македонски телеком придонесува за подобрување на квалитетот на живот на група лица со интелектуална попреченост, кои во новиот дневен центар ќе добијат директна поддршка и можност за поквалитетен живот.
За лицата со интелектуална попреченост, новиот дневен центар ќе обезбеди поддршка на дневна основа, обука за усвојување и усовршување на вештини за самостојно живеење, работно окупациони програми, образовни програми и социјални активности. Истовремено, дневниот центар ќе обезбеди поддршка на семејствата, преку опфаќање на нивните членови со интелектуална попреченост во еден период од денот, давајќи им подобри услови на семејствата за поуспешно семејно функционирање и можност за вработување на родителите, а со тоа зголемување на скромните семејни буџети.
Втората причина е што ваквиот позитивен пример на Македонски Tелеком придонесува за активирање на целата заедница и поттикнува развивање на општествените вредности: солидарноста, хуманоста, почит кон различностите, како и подигнување на јавната свест и намалување на предрасудите кон лицата со интелектуална попреченост.
Третата причина е што оваа донација е иницијатива на вработените во Македонски Телеком, што говори за високото ниво на корпоративна општествена одговорност на оваа компанија. Тоа е за поздравување и се надеваме дека ќе биде инспирација и за други компании и бизниси.
Им се заблагодаруваме на вработените во Македонски Телеком, особено на оние кои ќе учествуваат на Скопскиот маратон и чија трка ќе биде посветена на лицата со интелектуална попреченост. Тие се позитивен пример за сите нас и потврда дека во Република Македонија постојат луѓе кои се подготвени да дадат свој придонес во процесот на изедначување на можностите за лицата со интелектуална попреченост.
Скопскиот Wizz Air маратон се одржа на 11 мај, 2014 година, а дваесет вработени во компании од Дојче Телеком од Македонија, Црна Гора и Унгарија трчаа со голема мотивација да ја завршат трката, зашто за секој истрчан километар на маратонците компанијата донираа по 1.500 денари за дневниот центар за лица со интелектуална попреченост.
„Предизвикот и мотивот за сите нас беше огромен успешно да ја завршиме трката. Иако на моменти не беше едноставно да се истрчаат потребните 21 км нашата решителност беше пресудна да издржиме до крај за да ја соберeме највисоката сума на донацијата која ќе ја добијат лицата со интелектуална попреченост. Се надеваме нашиот подвиг ќе биде пример и за останатите наши колеги бидејќи грижата за добробитта на граѓаните и заедницата е една од клучните филозофии на Македонски Телеком и Т-Мобиле “, изјави Димитар Ковачевски, директор на комуникации во Македонски Телеком и учесник на маратонот.