Соопштение на Европската Асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост (ЕАСПД),
ЕАСПД ја обновува својата заложба за спроведување на процесот на деинституционализација
Членовите на Управниот одбор на ЕАСПД на 30-ти мај 2013 година расправаа за деинституционализацијата и за промоција на сервисните служби во местото на живеење со цел да се преземат акции за актуелната состојба во Европа.
Очигледно е дека инклузијата на лица со попреченост не е постиглива цел доколку сегрегацијата и исклучувањето од заедницата се уште се случуваат. Деинституционализацијата треба да биде пропратена со соодветно воспоставување на сервисни служби во местото на живеење вклучително и редовни и специјализирани сервиси.
ЕАСПД ја изразува својата солидарност со лицата со попреченост и со оние кои ги поддржуваат, и истакнува дека мерките за штедење во Грција, како и во другите земји, директно ја кршат носечката структура на социјалните сервисни служби, со што се генерира сиромаштија и се поголема социјална исклученост, а една од најопасните последици од кризата е ризикот од повторна институционализација.
ЕАСПД повикува на стопирање на процесот на повторна институционализација кој во моментот се случува во некои држави членки на ЕУ. Негативните последици од институционализацијата се насекаде прикажани. Време е да се вклучи конкретно планирање за процесот на деинституционализација и сервиси во местото на живеење вклучувајќи ги и лицата со попреченост и сите чинители во овој процес.
Преговорите за буџетот на Европската унија ќе бидат завршени во следните недели со што ќе се даде важен сигнал за иднината на Унијата, бидејќи начинот на кој буџетот ќе се распредели ќе влијае на можноста за градење на посоцијална Европа која ќе биде поблиска до потребите на граѓаните.
ЕАСПД ги повикува европските институции да обезбедат соодветно финансирање за социјалната инклузија, пристап до квалитетно вработување и социјални сервисни служби. За тоа да се обезбеди, најмалку 25% од буџетот на политиката за кохезија мора да биде распределен за Европскиот социјален фонд, а од нив најмалку 20% да бидат резервирани за социјална инклузија и намалување на сиромаштијата.
Понатаму, повикуваме на целосно вклучување на претходните условувања релевантни за поддршката од Структурните фондови за алтернативите на институционалната грижа во местото на живеење, со цел да се спречи финансирање на институционална грижа и да се поддржи развојот на квалитетни сервисни служби кои ќе бидат достапни за сите оние на кои им се потребни.