Кон живеење во заедницата: актуелни состојби – идни предизвици”
Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА беше ко-организатор на европската конференција на ЕАСПД, која се одржа во периодот 7-9 Октомври 2010 во Скопје, на тема “Кон живеење во заедницата: актуелни состојби – идни предизвици”. Конференцијата е едно од најважните случувања од таков тип во изминатата деценија во Република Македонија.
“КОН ЖИВЕЕЊЕ ВО ЗАЕДНИЦАТА: актуелни состојби – идни предизвици” е мотото под кое во Скопје, на 7-ми и 8-ми октомври 2010 година, се одржа Европска конференција, организирана од ЕАСПД, РЦПЛИП – ПОРАКА, Отворете ги прозорците и Македонско научно здружение за аутизам. На конференцијата учествуваа над 200 учесници, претставници од невладини организации, обезбедувачи на сервисни служби, лица со попреченост и членови на нивните семејства, владини и образовни институции од цела Европа.
Целта за одржување на оваа конференција беше градење мостови од знаења и добри практики за подобрување на социјалните услови на лицата со попреченост, како и да се олесни целосното вклучување на лицата со попреченост во општеството, во духот на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.
Програмата на конференцијата беше поделена во два дела. Првиот дел беа пленарните сесии кои вкупно, во двата дена, беа шест, а вториот дел беа работилниците кои во двата дена опфатија голем број различни теми.
Првиот работен ден од конференцијата започна со официјално отворање кога свои обраќања имаа д-р Василка Димоска, Програм Менаџер во РЦПЛИП – ПОРАКА, која воедно и претседаваше со отворањето. Понатаму, на учесниците им се обратија Министерот за труд и социјална политика на РМ, г-дин Џељаљ Бајрами, г-дин Јан Јараб, регионален претставник за Европа од Високиот комесаријат за човекови права на ОН, г-динот Хелмут Хеинен, Претседавач на Европскиот координативен форум за Акциониот план за попреченост 2006 – 2015 на Советот на Европа, г-динот Геро Стуллер, аташе за социјални политики во амбасадите на Австрија во Загреб и Скопје, и г-дин Франз Њолфмаѕер, претседател на ЕАСПД. Работниот дел од првиот ден беше фокусиран на системите за квалитет кои служат како алатка за олеснување на развојот на социјалните сервисни служби во заедницата. На првата пленарна сесија се говореше за тешкиот пат на лицата со попреченост од институциите до животот во заедницата. Втората пленарна сесија со која заседаваше претседателот на ЕАСПД, отвори интересна дебата за системите за квалитет и како тие ги зајакнуваат специјализираните социјални сервисни служби за лицата со попреченост.
Попладневниот дел од првиот работен дел беше наменет за работилниците во кои учесниците имаа можност да разменат искуства и практики од нивните земји. Првата работилница на тема деинституци-онализација потврди дека лицата со попреченост имаат еднакви права да живеат во заедницата, да избираат како и сите други, но дека е потребно и да се преземат соодветни мерки за лицата со попреченост да можат во целост да ги практикуваат своите права за целосно вклучување во заедницата. На втората работилница се разговараше за системите за квалитет. Главната нишка која провејуваше низ сите дискусии беше дека услугите што им се обезбедуваат на лицата со попреченост треба да им овозможат да остварат и да одржат максимална самостојност, целосно физичко, ментално, социјално и професионално оспособување и целосна вклученост во сите аспекти на животот. Следната работилница се однесуваше на обуката на професионалците и персоналот кој работи со лицата со попреченост. Во духот на Конвенцијата на ОН и тука учесниците се согласија дека треба да се промовира обука на персоналот кој работи со лицата со попреченост во однос на правата кои ги имаат лицата со попреченост, но и правата признаени во Конвенцијата на ОН, со цел тие успешно да се практикуваат. На четвртата работилница се дискутираше за вклученоста на лицата со попреченост во процесот на донесување одлуки за политиките и програмите кои директно се однесуваат на нив. Сите учесници се сложија дека тоа се процеси што навистина треба да се применуваат доколку искрено сакаме да говориме за вклучување на лицата со попреченост во општеството. На следната работилница која се однесуваше на вмрежувањето, овој процес се разгледуваше како заеднички предизвик за сервисните служби за лицата со попреченост. Се смета дека тоа е клучот со кој ќе им се овозможи да ги застапуваат нивните специфични потреби и потешкотии со цел да се постигне капацитетот за обезбедување на сервисни служби кои се во согласност со Конвенцијата на ОН. Третата пленарна сесија беше последна за првиот работен ден, на која се презентираа заклучоците од секоја од работилниците.
Вториот работен ден од конференцијата се однесуваше на обезбедувањето достапност на сервисните служби, како и пристапноста на општеството воопшто. Во таа насока, четвртата пленарна сесија се однесуваше на достапноста на сервисните служби за лицата со попреченост низ цела Европа. Дискусиите водеа во насока дека потребни се широк спектар на сервисни служби за лицата со попреченост кои ќе ги оспособуваат и зајакнуваат овие лица со цел да стекнат контрола врз сопствените животи и дека е потребно да се соработува со сите чинители во општеството. Петата пленарна сесија овозможи дебата за постигнување на пристапност, со посебен осврт на е-пристапноста во општеството. Во попладневниот дел повторно следеа работилниците, а првата од нив се однесуваше на пристапноста на информациите и на општеството. Учесниците се согласија дека лицата со попреченост треба да имаат пристап до физичката средина, транспортот, информациите односно до сите сервисни служби на еднаква основа со другите, а кои се отворени и ставени на располагање на јавноста, како во урбаните така и во руралните средини. Фокусот на втората работилница беше образованието за лицата со попреченост. Тука се истакна дека е потребно да се признае правото на образование на лицата со попреченост со цел да се постигне целосен развој на потенцијалот на секој поединец без дискриминација и врз основа на еднакви можности, и дека ќе се обезбеди вклучен систем на образование за овие лица на сите нивоа. Следната работилница се однесуваше на вработувањето на лицата со попреченост. Дискусиите одеа во насока дека на лицата со попреченост треба да им се признае правото да работат на еднаква основа со другите. Тоа опфаќа право на можност да заработуваат за живот преку слободен избор на работа или прифатена на пазарот на трудот и работна средина која е отворена, вклучена и пристапна за лицата со попреченост. Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост ја потенцира потребата државите да преземат или промовираат истражување и развој на универзално дизајнирани производи, сервисни служби, опрема и капацитети. Токму затоа, во една од работилниците се говореше за универзалниот дизајн. Во дискусиите преовладуваше мислењето дека за тоа е потребно минимално можно прилагодување и минимални трошоци, а се задоволуваат специфичните потреби на лицето со попреченост. Петтата работилница на вториот работен ден се однесуваше на е-вклученоста на лицата со попреченост, односно се разговараше дека на лицата со попреченост треба да им биде овозможена достапноста и употребата на нови технологии, вклучително и информатички и комуникациски технологии, помагала за движење, уреди и помошна технологија. Работниот дел од европската конференција заврши со шестата пленарна сесија на која учесниците уште еднаш имаа можност да разменат мислења и да споделат искуства со цел да се оформат заклучоците од Конференцијата.
Во рамките на конференцијата, РЦПЛИП – ПОРАКА во соработка со НДИ – Национален демократски институт, организираше работна средба на раководството на ЕАСПД и претставниците на Советот на Европа и Обединетите нации со г-дин Томе Даневски и г-ѓа Зумрете Јакупи, пратеници во Собранието на Република Македонија и членови на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост. Тема на состанокот беше значењето на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Пратениците од Собранието на Република Македонија ги посочија заложбите кои се прават за што е можно поскоро ратификување на Конвенцијата и ветија дека истото ќе биде реализирано до 3-ти Декември 2010 година – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Конференцијата беше поддржана од Програмата ПРОГРЕС на Европската комисија, Генерален директорат за вработување и социјални работи, а потпомогната од страна на Град Скопје, потоа Советот на Европа, Аташето за социјални политики во амбасадите на Австрија во Загреб и Скопје, Сојузното министерство за труд, социјални работи и заштита на потрошувачите на Австрија, Програмата “Европа за граѓани” на Генералниот директорат за образование и култура при Европската комисија и Министерството за труд и социјална политика на Република Македонија.