Европскиот парламент ги одобри клучните приоритети од манифестот на ЕДФ

На 11-ти февруари 2014 година, ЕДФ го презентираше својот манифест во однос на ЕУ изборите во 2014 година во Европскиот парламент. Настанот беше организиран во соработка со Интергрупата за попреченост во Европскиот парламент, на кој присуствуваа голем број на членови на парламентот. Сите присутни го изразија своето целосно одобрување на клучните приоритети во манифестот на ЕДФ.

Адам Коса, член на парламентот, кој воедно е и претседател на Интергрупата за попреченост во Европскиот парламент, го отвори настанот заедно со заменик претседателот на групата, Ричард Ховит.

„Во следниот мандат на Европската комисија, потребен ни е полноправен директорат за прашања поврзани со попреченоста, и се надеваме дека тоа ќе го постигнеме. Време е да се направи промена во животите на лицата со попреченост”, рече Адам Коса.

„Не ги заштитивме лицата со попреченост за време на кризата и тоа претставува голема срамота за нашите земји и за Европа. Разочарани сме што Европската комисија не издаде предлог за Европскиот акт за пристапност, но се уште не е доцна!” рече Ричард Ховит, нагласувајќи дека „ратификацијата на Факултативниот протокол на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост е, исто така, во нашиот проект за следните 5 години.”

Претседателот на ЕДФ, Јанис Вардакастанис, го претстави манифестот, изразувајќи ги очекувањата на движењето за попреченост: „Постигнат е напредок на ниво на законодавството, но поради кризата, реалната ситуација на лицата со попреченост е влошена. Потребна ни е силна поддршка од Европскиот парламент и од сите кандидати за членови на парламентот за време на изборната кампања со цел да промовира драстична промена на политиките, при што, консолидирањето на јавните финансии не е на штета на основните права и социјална кохезија во ЕУ и не прави дополнително исклучување за оние кои се веќе исклучени. Ние сакаме лицата со попреченост во целост да учествуваат во демократските процеси и да бидат во можност да го практикуваат своето право на глас.”

Претседателот на групата Социјалисти и Демократи, Ханс Свобода, се обврза да врши притисок кај Европската комисија за Европскиот акт за пристапност: „Ќе им предложам на моите колеги, другите претседатели на политичките групи во Европскиот парламент, да напишат писмо до Европската комисија со цел Европскиот акт за пристапност да се издаде сега. Тоа е моето ветување.”

Јорго Шацимаркакис, член на парламентот, ја истакна важноста на вклучувањето на 80 милиони Европејци со попреченост, кои сочинуваат 16% од населението во ЕУ: „Лицата со попреченост се гласачко тело кое не смее да се игнорира.”

МАНИФЕСТ ЗА ЕВРОПСКИТЕ ИЗБОРИ 2014

ЕДФ ги повикува кандидатите за членови на Европскиот парламент и политичките партии да ги вклучат следните приоритети во нивните изборни програми за Европските избори 2014:

1. Промоција на визија за инклузивна, одржлива и демократска Европа

2. Реформа на економските и социјалните политики на Европа за да се обезбеди заштита и уживање на човековите права за европејците со попреченост

3. Добрата и сервисните служби да се направат пристапни за сите преку:

– Европскиот Акт за пристапност, долго очекуван закон на ЕУ за пристапноста до добра и сервисни служби во внатрешниот пазар на ЕУ
– Предложената Директива на ЕУ за пристапност на јавните веб страни, круцијален закон, дел од Дигиталната Агенда на ЕУ, за која во моментот се преговара, а ќе ги направи јавните веб страни пристапни за лицата со попреченост
– Пристапност до сервисните служби за транспорт и инфраструктура
– Отстранување на пречките за слободно движење на лицата со попреченост и нивните семејства
– ЕУ фондовите да бидат без бариери за лицата со попреченост

4. Усвојувањето на предложената општа директива за недискриминација, многу очекуваниот ЕУ закон наменет за заштита на лицата со попреченост (меѓу другите) од дискриминација во сите сфери на животот

5. Брза ратификација од страна на ЕУ и од сите држави членки на Факултативниот протокол на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост. ЕУ и некои држави членки, и покрај тоа што се потписнички на Конвенцијата се уште не го ратификувале Факултативниот протокол, кој носи значајни процедури за зајакнување на имплементацијата на Конвенцијата

6. Воспоставување на механизми во рамките на институциите на ЕУ за вклучување на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост во редовните текови, а со тоа и обезбедување на вклучувањето на лицата со попреченост.

Scroll to Top
Skip to content