Почнувајќи од 2000 година, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА е активно вклучен во создавањето на услови за спроведување на реформскиот процес на деинституционализација во нашата држава, односно превенција од институционализација преку оформување на социјални сервисни служби за поддршка на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во местото на живеење.
РЦПЛИП – ПОРАКА е првата организација на лица со попреченост која започнува со креирање на социјални услуги за своите членови и во моментов има развиено мрежа од 4 социјални клубови и 5 дневни центри за адолесценти и возрасни лица со интелектуална попреченост. Дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА обезбедуваат поддршка на дневна основа, обука за усвојување и усовршување на вештини за самостојно живеење, работно-окупациони програми, образовни програми и социјални активности за лицата со интелектуална попреченост. Истовремено, дневните центри обезбедуваат поддршка на семејствата, преку опфаќање на нивните членови со интелектуална попреченост во еден период од денот, овозможувајќи на семејствата поуспешно семејно функционирање и можност за вработување на родителите, за зголемување на скромниот семеен буџет.
Во целиот процес на давање социјални услуги, РЦПЛИП – ПОРАКА се стекнува со значајни искуства и постигнување позитивни резултати кои се препознаени од меѓународни и домашни организации и институции, и за тоа е добитник на повеќе награди и признанија за квалитет на своите социјални услуги. Но, исто така, РЦПЛИП – ПОРАКА се соочува со големи предизвици во однос на одржливоста на својата мрежа на дневни центри и скоро четврт век ја застапува неопходноста од воспоставувањето на партнерски односи со државата во процесот на обезбедување сервисни служби, преку креирање на ефикасни механизми за плурализација на секторот на социјални услуги (вклучувајќи лиценцирање и финансирање на здруженијата кои нудат социјални услуги).
Во таа насока, во 2019 година, РЦПЛИП – ПОРАКА го поддржа носењето на Законот за социјална заштита, кој воведе позитивни новини и можности за вклучување на здруженијата како даватели на социјални услуги. Но за жал, подзаконските акти (конкретно правилникот за социјални услуги на дневен престој за лица со попреченост) кои ги регулираат нормативите и стандардите за добивање лиценца за дневен центар за возрасни лица со интелектуална попреченост, наместо да ги поттикнат и охрабрат здруженијата, истите го ограничуваат процесот на лиценцирање. Ова особено се однесува за условите кои се поставени во однос на просторните можности, опремата и кадрите кои се потребни за дневен центар за возрасни лица со интелектуална попреченост.
1. Во однос на просторните можности, би сакале да напоменеме дека дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА најчесто се оформени во општински простории кои се доделени на РЦПЛИП – ПОРАКА на долгорочно користење, и истите се реновирани и адаптирани со цел да одговорат на потребите за успешно функционирање на услугата. Но, некои објекти на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА не можат да исполнат дел од условите кои се зададени во правилникот. Дел од примерите за тоа се:
– Правилникот во член 29 предвидува дека дневниот центар треба да располага со сопствен паркинг простор, што едноставно не е можно, бидејќи како што напоменавме, РЦПЛИП – ПОРАКА просториите ги добива од општините и некои објекти немаат техничка можност за паркинг.
– Во член 31, правилникот ја одредува големината на просториите во фиксни квадратни метри, што не е соодветно, бидејќи големината треба да зависи од бројот на корисниците. Исто така, техничките карактеристики ограничуваат (на пр., подот да биде со еластична подлога, а во повеќето дневни центри на РЦПЛИП – ПОРАКА подот е со гранитни плочки кои се лесни за одржување).
– Правилникот одредува дека административните и економско-техничките простории мора да бидат одвоени простории (член 35 и член 36), што едноставно не е технички изводливо во некои од постоечките објекти на дневните центри.
2. Во однос на потребната опрема (член 37 во правилникот), фиксното одредување на видот и бројот на опремата во дневните центри не е соодветно, бидејќи истото зависи од програмските содржини и од бројот на корисници (на пр., за различни работно-окупациони активности потребна е различна опрема. Исто така, одредувањето дека во трпезаријата треба да има 12 столици не е соодветно доколку има 20 корисници).
3. Во однос на условот за бројот на кадри кој е пропишан во правилникот, постои голема загриженост дека било кое здружение на граѓани би можел да го исполни. Причините за ова се следните:
– Во член 39, одредбата дека на секои шест корисници треба да се обезбеди еден стручен работник и еден негувател е несоодветна кога станува збор за дневни центри за возрасни лица со интелектуална попреченост, кои во дневните центри се стекнуваат со вештини за самостојно живеење (можеби за детска возраст се потребни негуватели). Во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА не се ангажирани негуватели, туку само стручни работници кои одговараат за група од 5 до 8 корисници, а бројот на корисници во една група зависи од можностите и потенцијалите на корисниците. Дополнително, обврската да се обезбедат негуватели, непотребно ја оптоварува буџетската рамка, односно речиси двојно ги зголемува финансиските средства кои се потребни за редовно функционирање на еден дневен центар.
– Во член 40, одредбата дека во центар за дневен престој за лица со попреченост треба да има и лице за чистење на просториите, како и дека во центар за дневен престој, во кој самостојно се приготвува храна за корисниците, треба да има и готвач, не соодветствува со целта на програмските активности на дневните центри за возрасни лица со интелектуална попреченост чија основна функција е осамостојување на корисниците. Во дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА, корисниците се обучуваат како да одржуваат хигиена во просториите и самостојно да подготвуваат оброци и да ракуваат со кујнски апарати.
РЦПЛИП – ПОРАКА предлага да се спроведе ревизија на правилникот со вклучување на здруженија кои имаат искуство во давањето на дневни услуги, со цел истиот да овозможи:
– Минимум реално остварливи стандарди кои ќе бидат неопходни да се исполнат од страна на секое здружение.
– Поголема флексибилност на критериумите и можност за диференцијација според целни групи, особено кога станува збор за дневни центри за различни групи на лица со попреченост, бидејќи не е соодветно истите стандарди да важат за различни групи (на пример, за возрасни лица со интелектуална попреченост и за деца со церебрална парализа).
– Поголема насоченост кон квалитетот на процесот на давање на услугата, согласно современите рамки за квалитет на социјални услуги, преку воведување на одредби кои ќе го регулираат индивидуалниот пристап и личното планирање, употреба на современи методи и техники за работа, како и вклучувањето на корисниците во процесот на планирање и давање на услугата.