Веќе неколку години наназад, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА соработува со Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ. Од таа соработка произлезе и Прирачникот за заштита за права на пациенти со фокус на лица со интелектуална попреченост, кој беше подготвен и испечатен во рамки на проектот „Човекови права во здравствената заштита” спроведуван од ЕСЕ.
РЦПЛИП – ПОРАКА, на барање на ЕСЕ, се вклучи во подготовката на поднесок до Комитетот за економски, социјални и културни права во однос на Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права. Со овој поднесок се истакнуват проблемите поврзани со неостварувањето на Правото на здравје (член 12 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права и Генералниот коментар бр.14) на повеќе ранливи групи: Роми, лица кои живеаат со ХИВ/СИДА, лица кои користат дроги, жени, лица со ретки болести, лица со интелектуална попреченост и жртви на трговија со луѓе. Поднесокот, меѓу другото, има за цел да придонесе во разгледувањето и формулирањето на Листата на прашања за време на пред-сесијата на работната група на Комитетот во октомври 2015 година, и да се постават прашања до Владата на РМ поврзани со исполнувањето на правото на здравје како што е регулирано согласно Пактот. Во подготвувањето, покрај РЦПЛИП – ПОРАКА, учествуваа уште седум граѓански организации.
Деловите кои се однесуваат на правото на здравје за лицата со интелектуална попреченост, а се вклучени во поднесокот се следните:
Здравје на лица со интелектуална попреченост
Одредена возрасна група на лица со интелектуална попреченост се соочува со ограничен пристап до бесплатна здравствена грижа, третман и лекарства. Имено, Законот за здравствено осигурување предвидува ослободување од партиципација при користење на здравствени услуги само за деца т.е. лица со интелектуална попреченост до 26годишна возраст, но не и потоа. Специјализирани здравствени услуги, програми и капацитети за деца и лица со интелектуална попреченост се обезбедени само на национално ниво. Раното откривање, проценка и третманот за деца со интелектуална попреченост се врши во развојните советувалишта во Скопје и во Битола, и во Заводот за ментално здравје на деца и младинци „Младост” во Скопје. Заводот за медицинска рехабилитација во Скопје овозможува физичка рехабилитација за лица со интелектуална попреченост. Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас во Скопје и Битола спроведува рехабилитациони програми и за деца со интелектуална попреченост на предучилишна и училишна возраст.
Лицата со интелектуална попреченост и нивните родители честопати се соочуваат со неадекватни ставови од страна на медицинскиот персонал, особено во специјалистичко-советодавните услуги и болниците. 57% од интервјуирани лица со интелектуална попреченост и нивните родители не се задоволни од здравствените услуги.
Системот за процена на специфичните потреби на лица со пречки во физичкиот и психичкиот развој е недоволно развиен и застарен. Процената (категоризација) се спроведува во неколку регионални комисии, а освен тоа, наодот и мислењето од процената не вклучува листа на потреби и препораки за понатамошен третман на овие лица.
Правилникот за остварување на право на мобилност е неприменлив за лицата со интелектуална попреченост и истиот налага користење на „инвалидска количка” како услов за остварување на ова право. Имено, лицата со тешка и длабока интелектуална попреченост, како и лицата со комбинирани попречености, иако не користат количка, не се во состојба да се движат самостојно без придружник.
Поднесокот, како што е веќе споменато, има за цел да придонесе во разгледувањето и формулирањето на Листата на прашања за време на пред-сесијата на работната група на Комитетот во октомври 2015 година, и да се постават прашања до Владата на Република Македонија поврзани со исполнувањето на правото на здравје како што е регулирано согласно Пактот. Листата на прашања која се предлага да се постави до Владата на РМ, а се однесува на здравјето на лицата со интелектуална попреченост е следната:
– Зошто Владата на РМ ги ослободува од партиципација за остварување на права од здравствена заштита само децата/лицата со интелектуална попреченост до 26 годишна возраст и кои мерки ќе ги преземе за да го прошири остварувањето на ова право за сите останатите лица без оглед на нивната возраст.
– Кои мерки ги презема државата со цел да се надмине несоодветното постапување на здравствениот персонал кон лицата со интелектуална попреченост?
– Кои мерки ги презема државата во насока на надминување на недостатоците на сегашниот систем на категоризирање на попреченоста?
– Кои мерки ги презема државата во овозможување на правото на мобилност на лицата кои не користат „ инвалидска количка”?