Со донесувањето на новиот Закон за основно образование во 2019 година, како и со донесувањето на Концепцијата за инклузивно образование од страна на Министерството за образование и наука, државата направи голем исчекор кон признавање на правото на инклузивно образование на децата со попреченост и посебни образовни потреби и постави солидна рамка за претстојните реформски процеси.
Двете најзначајни иницијативи кои се спроведуваат во рамките на реформските процеси во образованието, а се однесуваат на учениците со попреченост се:
- Трансформацијата на посебните основни училишта во основни училишта со ресурсни центри кои добиваат исклучителна важна улога согласно нивните обврски за поддршка на реформскиот процес,
- Вработувањето на 500 образовани асистенти кои треба да пружат директна поддршка на децата со попреченост и наставниот кадар во редовниот образовен процес (според податоци на МОН во редовниот образовен процес се вклучени приближно 800 деца со попреченост). Ангажирањето на образовните асистенти треба во голема мера да ја олесни работата на наставниците и да ги ослободат семејствата од плаќање на асистенти.
Со тоа државата јасно ја поставува интенцијата за создавање на системски пристап во обезбедувањето на услови секое дете да добие еднаква можност за вклучување во редовниот образовен процес.
Но, и покрај позитивните промени во законската рамка и напредокот во образовните политики, истражува-њето кое РЦПЛИП – ПОРАКА го спроведе за напредокот во имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, покажува дека потребна е посериозна иницијатива за подобрување на образовната инклузија. Со оглед дека конкретните активности, како што е на пример ангажирањето на образовните асистенти, започнаа во втората половина на 2021 година, сè уште е рано да се процени успешноста на политиките и да се предвидат ефектите, но се очекуваат позитивни исходи.
Истражувањето исто така покажува дека е потребна силна политичка волја и посветеност на чинителите во реформата, со цел започнатите иницијативи да се реализираат, а постигнатото да се одржи во оптимални рамки. Останува фактот дека за постигнување на целосно инклузивно образование државата треба да преземе дополнителни мерки и инвестиции за подобрување на инфраструктурата, адаптирање на наставните програми, подигање на свеста, а особено внимание треба да се посвети на зајакнување и обука на наставниот кадар. Во таа насока, воочени се поединечни добри практики за подобрување на опфатот на деца со попреченост во предучилишно образование и обука на персоналот во детските градинки од страна на одредени организации но сепак ваквите практики најчесто се краткорочни проектни активности без континуитет.
Особено е важно е да се создадат услови за надминување на разликата која постои во однос на правото на образование, а зависи од степенот на попреченост. Според исказите на родителите, вклучувањето во редовниот образовен систем сè уште е можно само за децата со лесна интелектуална попреченост и за одреден мал број на деца со умерена интелектуална попреченост, додека другите деца, особено со тешка и со длабока интелектуална попреченост воопшто не се опфатени во образовниот систем.
Препораки:
- Обезбедување на сите потребни материјални, финансиски, инфраструктурни, човечки ресурси за целосно спроведување на позитивната законска рамка за инклузивно образование и целосно напуштање на досегашната практика на сегрегација на учениците со интелектуална попреченост во сегрегирани образовни средини.
- Обезбедување можности и поддршка за секое дете/лице со интелектуална попреченост да биде вклучено во воспитно-образовна програма, без разлика на степенот на попреченоста.
- Воведување на нови методологии за работа со децата со попреченост во образовниот систем и осовременување на наставните програми согласно барањата на пазарот на трудот.
- Обезбедување на соодветна поддршка, ресурси и квалификувана обука за наставниците и помошниот персонал, за да се поттикне инклузијата.
- Обезбедување на универзална пристапност до образовните објекти и простории, на сите образовни нивоа.
- Подигање на свеста кај наставниот кадар, училишните деца и нивните родители за потребите и правата на лицата со интелектуална попреченост.