Измени и дополнувања на Законот за социјалната заштита Се враќаат поволностите при набавка на патнички возила за лица со попреченост

По предлог на Министерството за труд и социјална политика, Собранието на Република Македонија усвои нов Закон за изменување и дополнување во Законот за социјалната заштита, со кој се воведува ново право – рефундирање на средства за набавка на патнички возила.
Во првичниот предлог на Министерството за труд и социјална политика лицата со интелектуална попреченост не беа предвидени со овие законски измени. Но, по реакцијата на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА до Министерството за труд и социјална политика и членовите на Комисијата за труд и социјална политика при Собранието на РМ, во измените беа вклучени и лицата со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост.

Законот за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита излезе во Службен весник на РМ бр.33/05.03.2015 и веќе е во сила, а новата глава гласи:

“РЕФУНДИРАЊЕ НА СРЕДСТВА ЗА НАБАВКА НА ПАТНИЧКИ ВОЗИЛА

Член 213-а

Лице со најмалку 80% инвалидност на долните екстремитети, лице со умерена, тешка и длабока интелектуална попреченост, потполно слепо лице со придружник и потполно глуво лице може да поднесе барање за рефундирање на средства платени како царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил, со кој ќе управува подносителот на барањето или неговиот брачен другар, родител, дете или друг роднина кој живее со лицето и помеѓу нив постои должност за издржување согласно со Законот за семејството, односно старател, а ќе се користи исклучиво за потребите на лицето за превоз и полесна социјална интеграција во заедницата.
Барањето од ставот 1 на овој член може да се поднесе еднаш во период од пет години за набавка на патнички автомобил со купопродажна вредност до 10.000 евра во денарска противвредност.
Барањето од ставот 1 на овој член со потребната документација со поднесува до Комисија за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил, преку надлежниот центар за социјална работа.
Министерот формира Комисија за рефундирање на средства за набавка на патнички автомобил, составена од пет члена од кои по двајца претставници од Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии и еден претставник од Заводот за социјални дејности, со мандат од две години”.

Понатаму следат уште четири члена од оваа глава на Законот во кои се објаснува целата постапка и процедурите кои се однесуваат на ова ново право.

Понатаму, со новите измени и дополнувања, згрижувачките семејства добиваат зголемување на висината на надоместокот за трошоците за сместеното лице и надоместокот за згрижување за 25%, со што дополнително се зголемува нееднаквиот третман на државата кон згрижувачките и био-лошките семејства на деца/лица со интелектуална попреченост.
Згрижувачките семејства добија зголемување на двата надоместоци: месечниот надоместок за трошоците за сместеното дете изнесува 7.500 денари и месечниот надоместок за згрижување изнесува 3.125 денари. Дополнително, згрижувачките семејства користат и посебен додаток за сместеното дете во износ од 4.300 денари, како и еднократна парична помош. Исто така, Законот за социјална заштита предвидува згрижувачот кој во своето семејство згрижувал лице најмалку пет години, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 годишна возраст да добие право на парична помош во износ од 8.000 денари. Од друга страна, биолошките родителите заради потребата од 24-часовна грижа за своето дете/лице со умерена, тешка или длабока интелектуална попреченост не се во можност да остварат работен однос и се наоѓаат во состојба на социјален ризик. Ваквата состојба се продлабочува, бидејќи покрај неможноста да засноваат работен однос, родителите не добиваат соодветна поддршка од државата и се дискриминирани во однос на згрижувачките семејства. Ваквиот нерамноправен третман предизвикува големо незадоволство и револт кај биолошките семејства.
Поради тоа, РЦПЛИП – ПОРАКА побара од МТСП и Собранието на РМ да овозможат надоместоците кои ги користат згрижувачките семејства да бидат достапни и за биолошките семејства, со што ќе се овозможи зајакнување на биолошките семејства со цел да се спречи институционализација на нивните деца. Особено ранливи се невработените родители и самохраните родители кои не можат да обезбедат основна егзистенција, како за себе така и за своето дете со интелектуална попреченост (околу 2000 семејства). Но, ова барање не беше прифатено, а беше добиено ветување дека во идниот период државата ќе работи на решавање на ова прашање.
Потсетуваме дека лошиот социјален статус на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства, покрај горенаведеното, се должи и на фактот што единствено лицата со интелектуална попреченост не добиваат никаква поддршка како надоместок по основ на интелектуална попреченост. Сите други групи на лица со попреченост користат посебни надоместоци по основ на нивната попреченост – лицата со телесна инвалидност користат додаток за мобилност (7.000 денари), слепите лица користат додаток за слепило (7.000 денари) и глувите лица користат додаток за глувост (4.000 денари).

Scroll to Top
Skip to content