Кампања “Животот како безбедна авантура

Извештај од спроведено истражување за состојбата на лицата со интелектуална попреченост во Македонија

Во рамките на кампањата за превенција од малтретирање и насилство на деца/лица со интелектуална попреченост “Животот како безбедна авантура”, во периодот септември – ноември 2010 година, РЦПЛИП – ПОРАКА во соработка со своите локални организации спроведе истражување за состојбата на лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија.

Целта на истражувањето беше да се согледа положбата на лицата со интелектуална попреченост на територијата на цела држава, поради што истражувањето беше спроведено во 14 општини: Гевгелија, Кавадарци, Виница, Охрид, Битола, Прилеп, Тетово, Велес, Штип, Демир Хисар, Струмица, Радовиш, Крива Паланка и Градот Скопје.

Заради добивање на унифицирани податоци и информации од истражувањето на состојбите на локално ниво, РЦПЛИП – ПОРАКА изготви прашалник, а претставници на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА користејќи го прашалникот извршија интервју на родители на лица со интелектуална попреченост.

Вкупниот број на опфатени родители на лица со интелектуална попреченост во истражувањето во 14 општини изнесува 266. При изборот на родителите на лица со интелектуална попреченост, водено е сметка за рамномерна застапеност според степен на интелектуална попреченост на нивните деца, пол, возраст, етничка припадност и социјален статус. При обработката на добиените податоци користени се статистички методи, како и квалитативни анализи.

Истражувањето имаше за цел да ја согледа состојбата и условите во кои живеат лицата со попреченост и нивните семејства во Република Македонија. Преку анализа на собраните податоци и информации, добиени се следните основни заклучоци:

1. Грижата за лицата со интелектуална попреченост е основна задача за родителите и семејството, ограничувајќи ги можностите за засновање на работен однос и учество во јавниот, општествениот и политичкиот живот.

93% од интервјуираните родители посочиле дека секојдневно водат целосна грижа за своето дете, што опфаќа голем број различни активности, почнувајќи од задоволување на основни физиолошки потреби, постојана придружба и надзор, до развивање на социјални вештини. Притоа, 79% од интервјуираните родители посочиле дека обврските ги споделуваат со брачниот другар и другите членови на семејството.

81% од интервјуираните родители на лица со интелектуална попреченост укажале дека секојдневно се соочуваат со разновидни проблеми и потешкотии во голем број области, а најголемиот дел од нив ја потенцирале неповолната финансиска состојба. Водењето грижа за лице со интелектуална попреченост се одразува врз работниот ангажман и градењето на кариера на 73% од интервјуираните родители. Исто така, 73% од интервјуираните родители одговориле дека поради грижата за своето дете со интелектуална попреченост воопшто немаат слободно време, 58% од интервјуираните родители на лица со интелектуална попреченост посочиле дека водењето грижа за лице со интелектуална попреченост го ограничува нивниот општествен, јавен или политички ангажман, вклучувајќи и членување во граѓански организации кои се занимаваат со правата на лица со попреченост.

2. Лицата со интелектуална попреченост се третираат со почит и достоинство од страна на членовите на семејството, но забележани се и поединечни случаи на злоупотреба, малтретирање и несоодветен однос во рамките на семејството.

94% од интервјуираните родители на лица со интелектуална попреченост одговорија дека нивните деца со интелектуална попреченост се третирани со почит и достоинство од страна на останатите членови на семејството.

3. Лицата со интелектуална попреченост сеуште не се доволно прифатени во локалната заедница и не се целосно вклучени во општествениот живот, изложени се на предрасуди кои во изминатитот период имаат тенденција на намалување.

64% од интервјуираните родители на лица со попреченост укажале дека лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства секојдневно се соочуваат со предрасуди од најразличен вид: неприфаќање и одбегнување (поради страв или срам), потсмев и презир, негативни односи и ставови, сожалување, исмејување, третман на лица со пониска вредност (неспособни, невредни, агресивни, заразни) итн. 94 % од интервјуираните родители одговориле дека лицата со интелектуална попреченост воопшто не се рамноправни граѓани и не се вклучени во општеството.

Во однос на изложеноста на лицата со инте-лектуална попреченост на некаков вид злоупотреба, малтретирање или насилство во локалната заедница, 74% од интервјуираните родители на лица со интелектуална попреченост одговориле дека не се соочуваат со такви појави во местото на живеење, односно состојбата е значително подобрена во изминатитете години.

4. Поддршката од државата на семејствата кои имаат член со интелектуална попреченост е крајно ограничена.

90% проценти од интервјуираните родители изјавиле дека не се задоволни и дека државата не презема мерки за олеснување на положбата.

5. Можностите за соодветно образование и ефективно вработување за лицата со интелектуална попреченост се ограничени.

Во однос на дискриминацијата во процесот на образование на лицата со интелектуална попреченост, 38% од родителите одговориле дека се соочиле и сеуште се соочуваат со дискриминација во образовниот процес, вклучувајќи несоодветен однос од страна на просветните работници, родителите на децата без попреченост, како и од самите деца без попреченост. 18% од родителите одговориле дека нивните деца никогаш не биле опфатени во образовен процес, т.е. немале можност да го вклучат своето дете во образование токму поради состојбата на детето, што исто така претставува еден вид на дискриминација.

96 % од интервјуираните родители тврдат дека, иако постојат законски можности, вработувањето на лицата со интелектуална попреченост е пропратено со многубројни проблеми и тешкотии, вклучувајќи различни злоупотреби, работење на несоодветни работни места, минимални плати, неисплаќање на плати итн.

6. Услугите од здравствена заштита не ги задоволуваат потребите на лицата со интелектуална попреченост во делот на набавка на потребните лекарства, а надоместоците од социјалната заштита се минимални и не обезбедуваат социјална сигурност за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства.

54% од интервјуираните родители одговориле дека не се задовлни од услугите од здравствена заштита, додавајќи притоа дека потешкотии им претставуваат набавката на потребните лекови, постапката за рефундирање на средства од Фондот за здравствено осигурување, како и несоодветниот однос на дел од медицинскиот персонал.

81% од интервјуираните родители на лица со интелектуална попреченост одговориле дека остваруваат права од социјална заштита (посебен додаток или надоместок за нега и грижа од друго лице), а 24 % имаат потешкотии со административната процедура и документацијата која е потребна за остварување на правата.

7. Поддршката на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства која ја пружаат граѓанските организации е позитивно вреднувана.

Сите интервјуирани родители (100% од одговорите) укажуваат дека е неопходна итна конкретна акција за подоборување на состојбата во која живеат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во Република Македонија. Изјавите и предлозите од родителите се групирани во следните приоритети:

  • Подигнување на јавната свест во однос на правата и потребите на лицата со интелектуална попреченост;
  • Подобрување на законските можности во однос на правата на лицата со попреченост;
  • Обезбедување на поддршка на семејствата во грижата за своите деца со интелектуална попреченост;
  • Обезбедување на социјална сигурност за лицата со попреченост, преку зголемување на постоечките надоместоци од социјална заштита и воведување нови – лични права, како и изедначување на биолошките семејства со згрижувачките семејства;
  • Развивање на мрежа од социјални сервисни служби за поддршка на лица со интелектуална попреченост и нивните семејства на локално ниво, вклучувајќи дневни центри, мали групни домови, персонални асистенти, центри за времено опфаќање итн;
  • Подобрување на состојбата во полето на вработување на лица со интелектуална попреченост, преку зајакнување на контролните механизми кои ќе спречат злоупотреба и несоодветен однос кон вработените лица;
  • Подобрување на здравствените услуги и изнаоѓање на модели за непречена набавка на потребните лекарства;
  • Обезбедување на подобри услови за образование и ефективно спроведување на реформата за инклузивно образование;
  • Партнерски однос помеѓу државата и граѓанските организации кои обезбедуваат сервисни служби за лицата со интелектуална попреченост, и прифаќање на предлозите од граѓанските организации како релевантни насоки за унапредување на правата и севкупната положба на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во Република Македонија.

Извештајот од спроведеното истражување беше презентиран на 2-ри Декември 2010 година, во рамките на програмата на РЦПЛИП – ПОРАКА за одбележување на 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Целосниот извештај од истражувањето можете да го преземете тука.

Scroll to Top
Skip to content