Кампања за промоција на еднаквост на лица со интелектуална попреченост “Преку различноста до еднаквост во општеството”

Јавна промоција во Скопје

ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје својата јавна промоција како активен учесник во спроведувањето на националната кампања “Преку различноста до еднаквост во општеството”, ја имаше со организирањето на трибина на 29-ти јуни во Советот на Град Скопје.
На трибината присуствуваа претставници од: администрацијата на Град Скопје при Секторот за јавни дејности, општините на Град Скопје, Меѓуопштински центар за социјална работа на Град Скопје, посебни и редовни основни училишта, средни училишта, невладини организации, родители на лица со интелектуална попреченост, како и другите релевантни институции кои делуваат на територија на Град Скопје.

Поддршка на трибината и свое излагање даде и Градоначалникот на Град Скопје г-н Трифун Костовски, во кое ја изрази и целосната поддршка за оваа кампања, како и подготвеноста на Град Скопје за излегување во пресрет на потребите на лицата со интелектуална попреченост на територија на Град Скопје.

Д-р. Василка Димоска, програм менаџер во РЦПЛИП – ПОРАКА, која воедно и ја водеше трибината, го претстави концептот и целите на националната кампања која Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА ја спроведува со своите 20 организации членки. Г-ѓа Елеонора Панчевска Николовска, раководител на Одделението за социјална, детска и здравствена заштита при Секторот за јавни дејности на Град Скопје, во своето излагање говореше за местото и улогата на локалната самоуправа во остварување на правата на лицата со интелектуална попреченост. Подетално ги информираше присутните за веќе преземените активности на градот Скопје во оваа област, како и за оние кои се планирани да се преземат во иднина, а кои се претставени во акциониот план на Град Скопје. Г-н Владо Крстовски – програм асистент во РЦПЛИП – ПОРАКА, во своето излагање се осврна на новиот предлог за донесување на закон за социјална заштита и социјална сигурност, изготвен од Министерството за труд и социјална политика, како и за предлозите за унапредување на овој закон кои ги изготви РЦПЛИП – ПОРАКА. Понатаму во своето излагање ги презентираше и приоритетите во полето на обезбедување социјални сервисни служби. Г-ѓа Ружица Калечак Марковска, претседател на ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје, ги информираше присутните за активностите кои ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје ќе ги преземе во рамките на оваа национална кампања.

Дел од националните електронски и пишани медиуми го проследија овој настан.

Во периодот кој претстои предвидени се активности во организирање на изложби во рамките на сите саеми кои ќе се организираат во Скопскиот Саем, како и во сите училишта каде ќе има и тематски предавања на тема: “Што е интелектуална попреченост?”

Презентација во Прилеп

Како следна активност во рамките на националната кампања “Преку РАЗЛИЧНОСТА до ЕДНАКВОСТ во општеството”, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Прилеп, на 27.07.2007 година, во соработка со Заедницата на инвалидските организации од Прилеп, одржа презентација на националната кампања.

На презентацијата учество зедоа претставници од локалната самоуправа од Прилеп, Центарот за социјална работа од Прилеп, и Медицинскиот центар од Прилеп.

Воведна презентацијата имаше претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Прилеп, г-ѓа Светлана Миоковиќ Томеска, која ја претстави кампањата и ги запозна присутните со активностите кои се планираат да се преземат. Потоа збор имаше претставникот од локалната самоуправа во Прилеп, г-дин Димитар Тавчиоски, кој во име на локалната самоуправа, ја поддржа оваа кампања, и истакна дека во иднина во рамките на своите можности општината ќе помага во реализација на активностите за остварување на правата на лицата со интелектуална попреченост.

За правата на лицата со интелектуална попреченост, во рамките на социјалното осигурување, говореше директорката на Центарот за социјална работа, г-ѓа Снежана Јовановска.

Потоа следеа прашања од другите учесници и организации во интерес на кампањата и нивниот придонес во неa.

Активности на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница

Во период од последните три месеци ЦПЛИП – ПОРАКА Виница имаше неколку активности.
Во месец јуни организираше предавање во две основни училишта во нашата општина и тоа во О.У. “Славчо Стојменски” во Виница и во О.У. “Кочо Рацин” во с.Блатец во однос на правата и можностите на лицата со интелектуална попреченост. На предавањата присуствуваа ученици од повисоките одделенија кои поставуваа прашања од темата. Се забележа дека има интерес кај децата за можностите на лицата со интелектуална попреченост. Предавањата беа следени од новинарка на локалното списание Винеам во кое следеше статија за одржаните предавања.

Во почетокот на месец јули, се отвори нова спортска сала во Виница во која имаше тренинзи и натпревар на македонската кошаркарска репрезентација. На еден од тренинзите на репрезентацијата се оствари средба и дружење со помладите членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница кои беа придружувани од нивните родители. Децата беа презадоволни бидејќи имаа можност да играат кошарка. На крај се направи една заедничка фотографија за спомен.

По повод патрониот ден на Виница на Петровден се одржа прослава организирана од Домот на културата во Виница, на плоштадот пред зградата на Собранието, на која учествуваа ученици од основните училишта во Виница. Членовите на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница организирано ја следеа прославата и за спомен се сликаа со некои од учесницитe.

По повод патрониот ден на Виница се отвори ликовна изложба во фоајето на зградата на Собранието и истата беше посетена од страна на членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Виница, кои се восхитуваа на изложените ликовни творби. На крајот се сликаа за спомен од средбата и посетата.

Scroll to Top
Skip to content