Кон европски вредности – лицата со попреченост како рамноправни граѓани

Препознатливоста на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА како лидер во областа на права за лица со интелектуална попреченост во Република Македонија континуирано резултира со нови партнерства и заеднички активности со организации и институции чии програмски активности имаат допирни точки со оние на РЦПЛИП – ПОРАКА, како на национално така и на меѓународно ниво.

„Кон европски вредности – лицата со попреченост како рамноправни граѓани” е насловот на новиот европски проект во кој учествува РЦПЛИП – ПОРАКА. Водечкиот партнер е Асоцијацијата за промовирање на инклузијата (АПИ) – Србија, која заедно со организации од 7 земји, меѓу кои и РЦПЛИП – ПОРАКА, ќе го реализираат во период од една година.

Целта на проектот е да се придонесе за целосна интеграција и граѓанско учество на лицата со попреченост, во согласност со европските вредности и начела. Специфичната цел е да се развие модел за сеопфатно зајакнување на лицата со попреченост, со особен фокус на лицата со интелектуална попреченост, за да можат да преземат активна улога во создавањето на инклузивно демократско општество и да влијаат на процесот на креирање на политики и донесување одлуки на национално и на европски ниво, а кои имаат влијание врз нивната добросостојба. Проектот црпи искуства и знаења од областа на инклузијата и граѓанското зајакнување на лицата со попреченост ширум земјите членки на ЕУ и земјите кандидати за членство, со цел јакнење на демократското учество на сите граѓани вклучително и оние кои се на маргините на општеството. Поточно, проектот ќе отвори простор за разгледување на клучните услуги и алатки за изедначување на можностите за најмаргинализираните слоеви на општеството да учествуваат во процесите на креирањето на јавите политики, имплементацијата, мониторингот и евалуацијата, на рамноправна основа со останатите граѓани. Всушност, проектот е фокусиран на организирање на едукативни работилници, дебати и дијалог за и меѓу лицата со попреченост во седум земји (Србија, Италија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Македонија и Босна и Херцеговина), вклучувајќи обезбедувачи на сервисни служби и здруженија на самозастапници т.е. лица со попреченост, во врска со прашања околу самозастапување, волонтирање, интеграција во вработувањето и социјалното претприемништво. Сите тематски области ќе бидат разработувани низ размена на примери на добра практика од сите земји учеснички, истражувајќи ги потребните предуслови и можни патишта за да се користат добрите практики од сите партнерски земји.

Иницијалната проектна активност, односно првиот координативен состанок на проектните партнери со кој официјално започна реализацијата на проектот се реализираше во Трст, Италија во периодот 4 – 6 септември 2015 година. На состанокот, водечкиот партнер АПИ – Србија детално го презентираше проектот, неговите цели, активности и очекувани резултати, а сите проектни партнери учествува во договорањето за практична реалзиација на предвидените модули во рамките на проектот.
Самозастапувањето е важна алатка за артикулирање на интересот и мислењата на лицата оспособувајќи ги да говорат во свое име и е клучен предуслов за демократско учество на лицата со интелектуална попреченост. Тоа оди над нивото на секојдневните потреби и успешно се шири на самозастапување во сложениот процес како што е јавното креирање на политики.
Со цел лицата со интелектуална попреченост да станат еднакви странки во политичкиот дијалог потребна е обука и едукација и за обезбедувачите на сервисни служби и за корисниците, што ќе биде опфатено со проектот преку методологија за самозастапување. Првата сесија од едукативните работилници за самозастапување се одржа во периодот од 18 – 20 септември во Сисевац, Србија на која учествуваа по двајца претставници од сите организации кои се партнери во проектот меѓу кои и претставници од РЦПЛИП – ПОРАКА. На работилницата се опфатија и темите од човековите права, со посебен осврт на човековите права на лицата со попреченост, како и Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Сепак, главниот акцент беше даден на самоопределувањето и самозастапувањето на лицата со попреченост, особено на лицата со интелектуална попреченост.

Scroll to Top
Skip to content