Периодот на спроведување на последната Национална стратегија за лица со попреченост (2010-2018) одамна заврши. Од 2018 година, координацијата на националните политики насочени кон потребите на лицата со попреченост се спроведува во форма на годишни акциски планови (2019, 2021 г.) каде се вклучени неколку клучни ресорни министерства со воведување конкретни мерки во рамки на своите институционални стратегии.
Оваа година започна процес на подготовка на новата стратегија кој e инициран и фацилитиран од Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Северна Македонија преку Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост (НКТ), во соработка со Министерството за труд и социјална политика како носител на Стратегијата. Канцеларијата на GIZ, како и Агенциите на ОН во нашата земја кои ќе дадат поддршка во целиот процес на изработка на овој значаен стратешки документ.
Водечкиот мотив за оваа стратегија се темели на потребата да се посвети подеднакво внимание како на услугите кои треба да поддржат самостојно живеење така и на потребата да се препознаат правата на лицата со попреченост како човекови права и соодветно да се вградат во секторските стратегии на министерствата.
За таа цел, Владата, Министерството за труд и социјална политика и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и во соработка со тимот на Агенциите на Обединетите Нации во земјата организираа работилница за подготовка на „Национална стратегија за правата на лицата со попреченост“. Работилницата се одржа на 28-ми и 29-ти јуни 2022 во Хотел Холидеј Ин, Скопје. Целта на работилницата беше да овозможи сите актери кои работат на ова поле заеднички да дискутираат и споделат потенцијални решенија кои ќе се рефлектираат во новата Национална Стратегија за правата на лицата со попреченост.
На работилницата учествуваа претставници на ресорните министерства и членови на НКТ, организации на лицата со попреченост и родителски организации, Здружение на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), Канцеларијата на Народниот правобранител и развојните агенции.
Во првиот дел од работилницата присуствуваа и Премиерот на РСМ Димитар Ковачевски, Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, Заменик Амбасадорот на Сојузна Република Германија Ото Граф и Директорот на ГИЗ Канцеларијата на Северна Македонија Давид Оберхаубер.
Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во своето излагање рече дека процесот на подготовка на Национална стратегија за правата на лицата со попреченост, како и досега останува максимално инклузивен во кој главниот збор го имаат директно засегнатите.
„Оваа работилница е дел од остварувањето на нашите приоритети за поддршка на лицата со попреченост. Ве уверувам дека ги движиме работите во вистинска насока, и дека како одговорни носители на политики, ќе продолжиме да правиме сѐ за лицата со попреченост и сме секогаш заедно со нив“, надополни Ковачевски.
Министерката Тренчевска ја започна изјавата со мотото на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост „Ништо за нас, без нас“ со кое што ја истакна инклузивноста на процесот на формирање на Националната Стратегија.
„Јавните политики ќе бидат креирани и спроведени со активно учество на лицата со попреченост. Подготовката на новата Национална стратегија ќе биде согласно обврските и начелата преземени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и комплементарна со Европската стратегија за правата на лицата со попреченост, врз основа на податоци и анализи направени за моменталната состојба со почитувањето и остварувањето на правата на лицата со попреченост“, рече Тренчевска.
Таа истакна дека позитивната атмосфера создава услови за изработка на сеопфатна и реална стратегија која ќе биде одржлива, спроведлива и во која ќе бидат вклучени централните и локалните власти, Националните инвалидски организации, граѓанските организации, лицата со попреченост, организациите на ООН.
„Она што е многу важно е дека ја менуваме перцепцијата кон попреченоста, го напуштаме стариот медицински модел на гледање на попреченоста, односно го заменуваме со немедицинско гледање кое ги поттикнува јаките страни и способности на децата и лицата со попреченост, ја обезбедува потребната поддршка што треба да ја добијат за да уживаат еднакви можности да го развијат својот потенцијал“, изјави министерката.
Тренчевска се осврна и на модернизацијата на политиките кои го овозможуваат вработувањето на лицата со попреченост, особено вработувањето во отворениот пазар на трудот каде што со новите предлог решенија се воведува професионална рехабилитација и работно оспособување со цел лицата со попреченост да станат конкуренти на пазарот и со тоа да се вработат, но и да го задржат своето вработување.
Во понатамошниот тек на работилницата се презентираа наодите од евалуацијата проследени со интерактивни дискусии преку кои чинителите од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор ги споделија своите гледишта по однос на истата. На оваа панел дискусија на која учество зеде и м-р Владо Крстовски, Програмски менаџер на РЦПЛИП – ПОРАКА исто така се разговараше и за потребата од поставување на реално остварливи цели и задачи како одговор на сите предизвици кои се веќе идентификувани или ќе се идентификуваат во текот на процесот на изработка на националната стратегија. Владо Крстовски истакна дека сегашните стандарди на постојните сервисни служби треба да се ревидираат со цел да се подобрат стандардите за квалитет. Овој процес на ревизија треба да ги вклучи ставовите и мислењата на лицата со попреченост и соодветно да ги одрази нивните барања во конечната одлука. Во овој поглед треба да се посвети должно внимание на процесот на лиценцирање со кој се бара од непрофитните даватели на сервисни служби да бидат лиценцирани за специфично обезбедување услуги, меѓутоа, ова барање не се однесува на државните/јавните даватели на услуги.
Дискусиите на присутните продолжија во мали групи поделени по релевантните тематски области каде фокусот беше ставен на заедничката визија за стратегијата, принципите на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост кои треба да се одразат во стратегијата, како и целите и областите на интервенција во секоја тематска област.
Во рамките на работните групи беа предложени следните визии:
- Општество засновано на инклузивни заедници каде што лицата со попреченост ги уживаат човековите права на еднаква основа
- Општество засновано на еднакви можности каде што лицата со попреченост активно учествуваат во политичкиот живот и во одлуките за креирање политики и уживаат непречен пристап до правдата
- Праведно и правично општество кое обезбедува еднакви можности за сите граѓани вклучително и граѓаните со попреченост постигнати во единство
- Транспарентно општество со високо развиена институционална и општествена свест каде што сите лица со попреченост уживаат еднакви права и можности, еднаков пристап до информации и се вклучени во политичките одлуки во сите сфери на живеење на правична основа.
- Општество засновано на принципите на инклузија
Врз основа на дискусијата во групите се предложија следните стратешки приоритети:
- Лицата со попреченост живеат независно во инклузивни заедници каде што услугите што се обезбедуваат преку социјалната заштита, образовниот и здравствениот систем се достапни за сите граѓани на правична основа
- Свесност за човековите права на лицата со попреченост и нивните специфични потреби и создавање позитивна слика во општеството
- Пристап до правна заштита и недискриминација за лицата со попреченост
- Развиени центри за испорака на услуги за деца и возрасни со попреченост во социјалната заштита, образованието и здравствената сфера
- Развиен механизам за координација и комуникација помеѓу носителите на должност (одговорни министерства и институции) на национално и локално ниво и носителите на правата (корисници на права и услуги/деца и лица со попреченост и родители на деца со попреченост) со цел подобро образование и информации во врска со нивното право на права и услуги
- Создадени модалитети за системски развој и унапредување на капацитетите во релевантните институции, давателите на услуги и сите релевантни чинители
Дополнително работилницата послужи како платформа за размена на искуства помеѓу претставниците на организации на лица со попреченост од Германија, германското министерство за труд и социјална политика и претставници од македонските институции и невладиниот сектор.