Малиот принц живее во големите деца

„Малиот принц” доби нова перспектива, можеби токму онаква каква што била замислена и од самиот Егзипери. Само да се чувствува и да се однесува човек онака како што го води срцето. Без маски, онака како што знаат само децата

Претстава на лица со интелектуална попреченост.

Човек гледа добро само со срцето.

Најсуштественото е невидливо за очите…

Најпознатата реченица од „Малиот принц” на Антоан де Сент Егзипери, овој пат добива една поинаква смисла, можеби најсуштинска досега. Театарската претстава „Малиот принц”, во која сите актери се лица со интелектуална попреченост од дневниот центар „Порака”, во неделата ја доживеа својата премиера на малата сцена на Македонската опера и балет.

Десетината актери понудија одлична игра и создадоа толку симпатична атмосфера, што човек да не знае дали замислата на претставата е да биде малку комична или не, дали се на сцената се одвива според сценарио, или, пак, актерите импровизираат во мигот. Ако од нешто зрачеше малата сцена на МОБ, тогаш тоа беше искреност. Искреност, каква што не сме научени да гледаме во другите претстави. Актерите, кои имаа невидено чувство за ритам, покажаа дека можат да стојат на рамниште со професионалните актери, дека можат да го задржат вниманието докрај.

„Малиот принц” доби нова перспектива, можеби токму онаква каква што била замислена и од самиот Егзипери. Само да се чувствува и да се однесува човек онака како што го води срцето. Без маски, онака како што знаат само децата.

Фантастични беа и визуелните ефекти, кои за миг придонесоа амбиентот да се претвори во ѕвездено небо.

Со лицата со интелектуална попреченост работеа нашите актери Македонка Илиевска и Златко Митрески, кои одлично си ја завршиле работата. Оти за да се подготви една ваква претстава, потребно е големо трпение и пред се, многу љубов. Кога ја гледа човек оваа претстава и со срцето, не само со очите, ќе сфати дека Малиот принц има смисла само кога го играат луѓе што се деца во душата, душа искрена како онаа на главниот лик.

Автор: Биљана Стојановска
Преземен текст од дневен весник “Нова Македонија”, 12.06.2013 г.

Scroll to Top
Skip to content