Во рамките на својата програма за одбележување на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, РЦПЛИП – ПОРАКА на 4.12.2012 година организираше Отворен ден на дневниот центар за лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во Скопје.
Отворениот ден се организираше со цел да се подигне степенот на познавање и разбирање на потребите и проблемите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост и да се зголеми свеста за позитивните придобивки од нивното вклучување во секојдневниот живот на заедницата. Во текот на отворениот ден се презентираа активностите на дневниот центар – ПОРАКА Скопје, а присутните имаа можност да се дружат со корисниците на дневниот центар.
Во рамките на Отворениот ден, а по повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, РЦПЛИП – ПОРАКА врачи признанија за поддршката на поединци, институции и организации кои во текот на 2012 година дале свој придонес за остварување и унапредување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија. РЦПЛИП – ПОРАКА врачи Благодарници на:
- Г-дин Спиро Ристовски, Министер за труд и социјална политика, за соработката и поддршката на програмските активности на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА.
- Г-дин Коце Трајановски, Градоначалник на Град Скопје, за соработката и поддршката на програмските активности на Дневниот центар – ПОРАКА Скопје.
- Совет на Град Скопје, за соработката и поддршката на програмските активности на Дневниот центар – ПОРАКА Скопје.
Г-дин Роберт Велков, Градоначалник на Општина Радовиш, за соработката и поддршката за реновирање на објектот на Дневниот центар – ПОРАКА Радовиш. - Совет на Општина Радовиш, за соработката и поддршката за реновирање на објектот на Дневниот центар – ПОРАКА Радовиш.
Г-дин Николајчо Николов, Заменик – генерален директор на Рудник “Бучим”, за соработката и поддршката за реновирање на објектот на Дневниот центар – ПОРАКА Радовиш. - Г-дин Душко Чамински, Претседател на Координативно тело за спроведување на Локалниот акционен план за попреченост во Општина Радовиш, за соработката и поддршката за реновирање на објектот на Дневниот центар – ПОРАКА Радовиш.
По врачувањето на Благодарницата, г-дин Ристовски, потенцираше: “Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА е една од најрелевантните организации за работа со лица со интелектуална попреченост од невладиниот сектор, затоа би сакал да им честитам за успешната работа. Овде признание не заслужува само самата организација, туку и поединците што работат со лицата со интелектуална попреченост во групи, затоа што тие најдобро го поттикнуваат нивниот психофизички развој, што покажува дека вонинституционалната работа со вакви категории на луѓе е многу подобро решение отколку институционалното згрижување на овие лица. Овде лицата со интелектуална попреченост стекнуваат знаења што им помагаат во нивниот интелектуален, но и моторички развој, а јас навистина се надевам дека отворањето на уште еден ваков Центар на ниво на Скопје, во другиот дел од градот, иднава 2013 година ќе стане реалност.”
Г-дин Трајановски пак нагласи: “Денеска присуствуваме на еден навистина убав чин, кога оние на коишто се обидуваме да им помогнеме сакаат да ни ја искажат својата благодарност, што за мене има навистина огромно значење. Благодарницата што денеска ја примив во името на Град Скопје, се доделува во знак на одбележување на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, а ние, во рамки на Отворениот ден на дневниот центар, традиционално сме овде со нашите пријатели од ПОРАКА. Град Скопје веќе неколку години наназад финансиски ја поддржува работата на овој Центар, а за идната 2013 година од Буџетот издвои 2 милиони денари за оваа намена. Се надевам дека ќе ги исполниме нашите заеднички планови со министерот Ристовски и дека ќе успееме да отвориме уште еден ваков Центар за грижа на лицата со интелектуална попреченост на дневно ниво.”
Г-дин Велков истакна: “Партнерството помеѓу Општина Радовиш, РЦПЛИП – ПОРАКА и ЦПЛИП – ПОРАКА Радовиш во 2012 година резултираше со овозможување програмските активности на дневниот центар – ПОРАКА Радовиш да се одвиваат во навистина соодветни просторни услови. Поддршката на оваа социјална сервисна служба од страна на Општина Радовиш ќе продолжи во наредната 2013 година.”