Меѓународна конференција на ЕАСПД

“Инвестирање во социјални сервисни служби – инвестирање во лицата со попреченост”

Од ратификацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост од страна на ЕУ, до обезбедувањето на програми за финансирање кои го поддржуваат преодот во грижата и поддршката во местото на живеење, или развивањето на Доброволната европската рамка за квалитет на социјалните сервисни служби, Европската унија се докажа како клучен придонесувач кон развојот на квалитетни сервисни служби за грижа и поддршка во местото на живеење низ цела Европа.

И покрај овој придонес, кога станува збор за финансирање на ваков вид сервисни служби, активност која е премногу суштинска за имплементацијата на квалитетна поддршка, ЕУ имаше мешани резултати и мора да размислува за понатамошно зајакнување на своите активности во ова поле. Со европските избори доаѓаат нови можности за унапредување на социјалната димензија на Европската унија, па Европската асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост (ЕАСПД) повикува ЕУ да го поддржи финансирањето на инклузивна квалитетна грижа и сервисни служби за поддршка, промовирајќи активно учество и заштита на сите кои живеат во Европа.

Но, како тоа да се спроведе? Која е реалноста на улогата на ЕУ кога националните и регионалните власти и понатаму се главните актери во финансирањето на социјалната грижа и поддршка?

На 16-ти и 17-ти мај во Букурешт, Романија се одржа европската конференција на ЕАСПД „Инвестирање во социјални сервисни служби, инвестирање во луѓе”. На конференцијата се сретнаа претставници на социјални сервисни служби, корисници на сервисни служби, претставници на Европската комисија, јавни власти, како и јавни и приватни инвеститори за да дискутираат за иднината која ја посакуваат во однос на секторот за сервисни служби за поддршка. Дводневната конференција ги истражуваше клучните финансиски модели кои во моментов се развиваат низ Европа за да му се помогне на секторот да ги исполни своите значајни и растечки инвестициски потреби.

Сите присутни заедно ги разгледуваа можните акции кои тие можат да ги преземат, вклучително:
– Навремено одобрување на следната повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ (долгорочен буџет на ЕУ) 2021 – 2027 со цврсти барања за квалитет, кои овозможуваат можности за финансирање за обезбедувачите на социјални сервисни служби во повеќето, ако не и во сите програми на ЕУ.
– Посилен фокус на улогата на сервисните служби за поддршка во имплементацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост во следната европска стратегија за попреченост 2020-2030, со посебен дел за тоа како сите ЕУ фондови, инвестициски програми и политики треба да им помогнат на сервисните служби за поддршка да ги оспособат лицата да станат активни граѓани, да влезат на пазарот на труд, да имаат бенефит од истото образование како и сите други и да учествуваат во културниот живот.
– Заложба од сите институции на ЕУ за понатамошни инвестиции во истражувања и собирање на податоци, проценување на елементи како што се недостиг на персонал, врската меѓу квалитетот на сервисните служби и квалитетот на живот, трошокот од несоодветна социјална инфраструктура, потенцијалот на иновации и економските и социјални последици од недоволно инвестирање во социјалната грижа и поддршка.
– Промоција на ефективна употреба на резервирани договори, наместо процеси на набавки, за финансирање на повеќето сервисни служби за грижа.
– Намалување на јазот меѓу секторот за социјални сервисни служби и приватните инвеститори, преку максимизирање на потенцијалот на идната ИнвестЕУ програма.
– Обезбедување дека работодавците и синдикатите во социјалните сервисни служби имаат посветен европски комитет за социјален дијалог на ниво на ЕУ, за да им овозможат да го отклучат потенцијалот за создавање на работни места во секторот, да идентификуваат потешкотии и да идентификуваат како стапките на финансирање и моделите влијаат врз регрутирањето работна сила, задржувањето и развојот на работната сила.

Катарина Иванковиќ – Кнежевиќ, Директор за социјални работи во Европската комисија, им се придружи на учесниците и го потврди суштинскиот придонес на сервисните служби за поддршка во создавањето на посоцијална, поинклузивна и просперитетна Европа. Говорејќи на конференцијата, таа потврди дека „социјалните сервисни служби претставуваат паметна и одржлива инвестиција во луѓето, тие не само што им помагаат на луѓето, туку имаат и фактор на превенција, активирање и овозможување.” За да може да се исполни нивниот потенцијал, сепак, обезбедувачите на сервисни служби мора да обезбедуваат високо квалитетна, ориентирана кон лицето и во местото на живеење поддршка, а тој квалитет доаѓа со трошок кон не може да се игнорира.

Конференцијата обезбеди витална можност да се говори за имплементацијата на јавните набавки низ Европа, каде властите на локално или на национално нивно ги пренагласија факторите на трошоците при набавка на сервисни служби во местото на живеење. „Доколку јавните набавки промовираат високо квалитетни сервисни служби, во тој случај употребата на критериуми за квалитет во процесот на набавка мора да се задолжителни,” нагласи Томас Бигнал од ЕАСПД. Тој додаде: „Јавните набавки можеби не се најдобрата алатка што можат да ја користат властите за да обезбедат сервисни служби за поддршка со висок квалитет. Користењето јавни набавки е избор и властите треба да размислат за нивната употреба на овој модел.”

Д-р Василка Димоска, Генерален секретар на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА говорејќи на конференцијата истакна дека постоењето на широк спектар за сервисни служби за поддршка, како специјализирани така и редовни, е основен предуслов за успешна инклузија на лицата со интелектуална попреченост во општеството, а тоа е во согласност со членот 19 од Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Таа потенцираше: „Ако сакаме да изградиме инклузивно општество, мора да го почитуваме достоинството на лицата и да овозможиме социјална правда и за лицата со попреченост, зајакнувајќи ги да го постигнат својот целосен потенцијал. Предизвикот е да се промени системот на финансирање на сервисните служби, со цел да одговараат на потребите на лицата и истите да бидат на располагање без разлика каде во системот се обезбедени тие сервисни служби – начелото „парите го следат корисникот”.

Гледајќи ги можностите за приватни инвестиции, да се надополни јавното финансирање и да го поддржи секторот да прави иновации, Лук Зелдрело, Генерален секретар на ЕАСПД, ја нагласи потребата ЕУ инструментите да отворат дополнителни можности за финансирање на обезбедувачите на сервисни служби за поддршка. Говорејќи за важноста од зајакнување на капацитетите, тој нагласи: „Новата програма ИнвестЕУ ќе инвестира 500 милиони евра во зајакнување на капацитетите на партнерите во имплементацијата. И додека ова претставува чекор нанапред, програмата не ги признава сервисните служби за поддршка како клучни партнери, па наместо тоа, овие пари ќе бидат инвестирани во зајакнување на капацитетите на банките. Европската комисија мора да ја прифати важната улога која ја имаат сервисните служби за поддршка во имплементацијата на програмата и да ни овозможи поддршка во нашето зајакнување на капацитетите.”

Долгорочната одржливост на секторот беше една од клучните загрижености на учесниците на конференцијата. Претставници од Романија, но и од секаде низ Европа, укажаа на опасноста од користењето на краткорочните договори, кои не дозволуваат квалитетна грижа или индивидуализација на поддршката. За тоа да се надмине, властите мора да преземат поголеми одговорности и да обезбедат дека договорите кои тие ги нудат го олеснуваат обезбедувањето на постојана, ориентирана кон лицето грижа за оние на кои им е потребна.

На дневна основа, квалитетните социјални сервисни служби обезбедуваат грижа и поддршка која оспособува милиони лица во Европа да бидат социјално и економски активни: самите лица кои имаат потреба од поддршка, нивните семејства и блиски мрежи, како и милиони посветени професионалци и волонтери кои ги обезбедуваат сервисните служби. Ова има ефект за Европа во целина; овозможувајќи сите лица да учествуваат, заедниците да се зајакнуваат и економиите да се развиваат. Накратко, инвестирањето во социјалните сервисни служби подразбира инвестирање во лицата!

Гарантирање на континуитетот и развојот на социјални сервисни служби ориентирани кон лицето е неопходно за континентот: законски, политички, економски, социјално и особено во однос на пристап до човекови права.

Адекватното финансирање на социјалните сервисни служби, поради тоа, мора да биде приоритет за Европа. Тоа може да се постигне само ако јавните власти ја преземат својата улога во развивање и гарантирање на одржливи рамки за финансирање кои го поддржуваат развојот на квалитетни и ориентирани кон лицето социјални сервисни служби. Социјалните сервисни служби имаат значајни и растечки потреби од инвестирање: да се поддржи и да се зајакне преодот во ориентирани кон лицето и во местото на живеење сервисни служби, да се регрутира и да се задржи квалификуван персонал, да се изгради вистинската инфраструктура, да се вклучат иновации, да се вклучи дигитализацијата и да се допре до различни чинители.

На затворањето на конференцијата, претседателот на ЕАСПД Џим Кроу, ги извлече клучните пораки што произлегоа од конференцијата, истакнувајќи дека „моделите на финансирање мора да ги зајакнуваат корисниците на сервисните служби, давајќи им избор и контрола во одлучувањето за видот на грижа што тие би сакале да ја добиваат. За тоа, личните буџети се вистинскиот пат нанапред.” Опфаќајќи ја важноста од ко-продукцијата, тој додаде: „добро структуриран дијалог меѓу властите, лицата со попреченост и обезбедувачите на сервисни служби е неопходен за успехот во финансирањето на сервисните служби. За да може да се инвестира во сервисните служби, мора да се инвестира во нашите партнерства.”

Конференцијата даде можности за учесниците да добијат практични и теоретски знаења за големиот број на ефективни модели на финансирање низ цела Европа и можности за размена на ставови и гледишта за нивната соодветност за развојот на квалитетни сервисни служби за поддршка, во согласност со Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.

Scroll to Top
Skip to content