Центарот за изведувачки уметности и едукација „Театар Пи“ од Скопје во соработка со ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје по повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост започна со мултимедијална кампања со наслов „Прозорците што се смеат“.
Фокусот на кампањата е да се развие разбирање за потешкотиите со кои ранливите групи се соочуваат кога се обидуваат да го изразат својот глас во општеството.
Кај нив, во изминатиов период како и кај сите граѓани е намалена комуникацијата, социјализацијата, самостојноста во извршување на сите активности. Со тоа лицата со попреченост може да станат поранливи. Ваквата состојба предизвикува и лицата со попреченост да станат поранливи, да се јави чувство на осаменост, која носи и други последици.
„Театар Пи“ изминатиов период заедно со лицата со интелектуална попреченост, корисници на услугите на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје подготвија изложба на уметнички инсталации, онлајн музички концерт и онлајн документарен филм.
Во текот на целата 2020 година лицата со интелектуална попреченост од дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА во Скопје по нивни идеи и видувања на конкретната ситуација во која живееме, изработуваа цртежи и фотографии на големи дрвени прозорци кои ќе бидат изложени на отворено на плоштадот Филип Втори до црквата Св.Димитрија во Скопје. Изложбата се отвори од 15:00 часот на Меѓународниот ден на лицата со попреченост 3 декември, 2020 година и ќе трае до 10 јануари 2021 година.
Вториот настан е концерт кој ќе биде онлајн емитуван на 18 декември во 19:00 часот на фејсбук страницата на Театар Пи.
Третиот настан е документарен филм со наслов „Прозорците што се смеат“ кој е поделен на два дела и ќе се емитува на 18 декември во 19:00 часот на фејсбук страницата на „Театар Пи“.
Првиот дел од документарецот е сниман пред пандемијата во кој тие го покажуваат својот светоглед. Актерите низ различни сцени ги покажуваат своите таленти и можности и прават јасна дистинкција помеѓу стереотипите кои се создадени кон нив и кои се во суштина тие како индивидуалци со сите свои можности.
Вториот дел од филмот е сниман за време на пандемија во кој актерите имаат можност за изразување на нивните потреби и причини да креираат и така да го изминат овој период на изолација, да најдат своја форма и начин да се себеизјават и да ги идентификуваат своите проблеми и јасно да ги изговорат.
Проектот нa „Театар Пи“ е поддржан од Град Скопје и Делегацијата на Европската Унија.