Награда “13-ти Ноември” за ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Скопје е оформен во 1977 година, како една од 20-те локални организации на РЦПЛИП – ПОРАКА, со цел да ги застапува правата и интересите на лицата со интелектуална попреченост на територијата на Град Скопје. Во своето 35-годишно активно делување за остварување и унапредување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост, ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје е носител на бројни иницијативи кои се насочени кон создавање на услови за достоинствен живот на своите членови со интелектуална попреченост и нивните семејства. Во рамките на ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје, 12 години успешно работи дневниот центар – ПОРАКА Скопје, како социјална сервисна служба за адолесценти и возрасни лица со умерена и тешка интелектуална попреченост во Скопје.

Големиот број на успешно реализирани редовни програмски задачи, посебни програми и проекти, говорат за делувањето и функционирањето на ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје како важен чинител во процесот на изедначување на можностите на лицата со интелектуална попреченост. Препознавајќи ја оваа важна улога, Градот Скопје одлучи да ја додели Наградата „13 Ноември” за 2012 година од областа на хуманитарната активност и социјалната заштита на ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје.

Во рамки на централното одбележување на 13 Ноември – Денот на ослободување на Скопје, во Салата на Македонската Опера и Балет, градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски ги врачи признанијата на добитниците на Наградата „13 Ноември на Град Скопје” за 2012 година и истакна: “Традиционалната годишна награда „13 Ноември на Град Скопје”, за особени достигнувања и остварувања во сите сегменти на животот, е знак на признание на Градот Скопје кон сите оние што со својот труд и достигнувања придонеле за неговиот развој, но и за севкупниот напредок и афирмација на Република Македонија, во и надвор од нејзините граници.”

Scroll to Top
Skip to content