Нов мултимедијален перформанс „Мене ништо не ми пречи“

„Мене ништо не ми пречи“ е насловот на новата мултимедијална кампања која  Театар Пи ја работи во изминатиот период во соработка со ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје и РЦПЛИП – ПОРАКА.

МЕНЕ НИШТО НЕ МИ ПРЕЧИ е став и креативен нагон кој го создадовме за да опстоиме во уметноста и таа да живее додека ние опстојуваме со неа. Мене ништо не ми пречи за да фантазирам. Мене ништо не ми пречи за да бидам инвентивен. Мене не ми пречи да бидам различен. Креативниот нагон ништо, никој и никогаш нема да ни го потисне. Овие размислувања беа водилка за создавање и реализирање на сите активности во рамките на оваа кампања.

Активностите од првиот дел на кампањата финишираа со одржување на мултимедијален настан во паркот во Ѓорче петров на 30.6.2021. Посетителите на настанот можеа да проследат концерт на класична музика и џез импровизации со Дино Имери, Дино Рамо, Ема Ананиевска, Златко Митрески, Игор Ангелов, Јаков Ангелов, Ева Малин, Ана Тодоровска и изложба на фотографии чии автори се лица со интелектуална попреченост од ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје и ученици од основите училишта „Димитар Поп-Беровски“, „Мирче Ацев“, „Страшо Пинџур“ и „Јоаким Крчовски“. Во перформансот „Мене ништо не ми пречи“ учествуваа лица со интелектуална попреченост и лица со типичен развој, како и професионални музичари и уметници кои ги водеа работилниците во изминатите пет месеци. Музичките работилници ги водеше музичарот Дино Имери, а фотографските фотографот Благоја Блажевски. По завршувањето на првиот дел од кампањата „Мене ништо не ми пречи“ следуваат театарски работилници и театарски перформанс кој ќе го водат актерите Златко Митрески и Македонка Илиевска.

Мултимедијалната кампања  се реализира во соработка со Општина Ѓорче Петров и основните училишта во Ѓорче, ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје и е поддржан од Општина Ѓорче Петров, Министерство за култура, Град Скопје, Европската куќа во Скопје (Europe House Skopje), Амбасадата на Република Полска во Скопје.

Scroll to Top
Skip to content