Одбележан 40-годишен јубилеј од делувањето на ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово и свечено отварање на дневен центар

На 6-ти Декември 2006 година, ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово, во рамките на својата програма за одбележување на 3-ти Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, во Центарот за детско творештво – Куманово, одбележа 40-годишно постоење и делување. Манифестацијата продолжи со продажна изложба на изработки од корисниците на социјалниот клуб во Куманово, за да биде крунисана со свеченото отварање на дневниот центар за лица со интелектуална попреченост. Во оваа прилика, го пренесуваме излагањето на Претседателот на ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово, г-ѓа Благица Димитровска.

Почитувани присутни,

Со Вашето присуство во вака голем број, на членовите на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Куманово им ја враќате вербата дека во нашиот град сe уште има добри и хумани луѓе. Особено ми причинува чест и задоволство што во мое лично име и во името на сите членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово можам да Ве поздравам и да Ви ја пренесам пораката дека денес по долго време се почувствувавме еднакви со другите, бидејќи како што гледам во салата се присутни луѓе од сите сфери и професии.

Со Вашето присуство денеска нe поттикнувате во иднина уште посилно да се бориме за правата на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства бидејќи имаме една армија на луѓе кои нe поддржуваат.

Денес ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово одбележува 40 годишно постоење и делување во нашата општина за вклучување на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства во граѓанското општество како еднакви граѓани.

Долг период ќе си помислите и ќе се запрашате кој е мотивот и движечката сила што оваа организација ја има.

Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Куманово е граѓанска, родителска организација. Да се стане родител е едно прекрасно чувство, но во исто време носи и голема обврска. Да се стане родител на дете со интелектуална попреченост е огромна доживотна обврска но, во исто време и изолираност од сите случувања.

Првиот шок во моментот на дознавањето за попреченоста на детето предизвикува еден одбрамбен став и негирање на вистината. За жал во тој момент на родителите никој не им ја посочува патеката по која треба да врват за да си ја олеснат судбината. Родителите тргнуваат боси по една долга трнлива патека на која секоја боцка и од најмалиот трн длабоко допира и остава трага во нивните души.

Ги запоставуваат другите членови на своето семејство и живеат само за потребите на своето дете со интелектуална попреченост, во тој момент целото семејство станува хендикепирано.

Како одминува времето попреченоста кај детето е сe повеќе видлива, а семејството сe послабо. Додека кај едно обично семејство децата се прифатени во градинките, подоцна во образованието и на крај работно се ангажираат, семејството со член со интелектуална попреченост е лишено од сите овие случувања.

Чувството на болка, страв, бес, тага, пониженост и осаменост е сe подлабока. Како детето расте, а родителите стареат и се сe послаби, размислуваат каква ќе биде иднината на детето после нив бидејќи тоа не може самостојно да живее и кому да му ја остават огромната обврска.

Значи за едно семејство со член со интелектуална попреченост не постои време за одмор и вистински мир до крајот на животот.

Пред точно 40 години во нашиот град се оформи невладина организација ПОРАКА поттикната и поддржана од Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА. Оваа организација во прво време ги поттикнуваше родителите да излезат од затворениот круг на тесното семејство и со здружени сили на поинаков начин да се борат за правата на своите деца. Да ги потсетуваат институциите на власта дека и овие лица и нивните семејства се дел од државата и општината и дека имаат исти права како и сите останати.

Во почетокот измина подолг период во кој родителите се мотивираа и стимулираа за да можат да осознаат како да ги засилат активностите во организацијата. Како и на кој начин да се создадат услови за да станат еднакви граѓани на заедницата, не само на хартија туку и во вистинска смисла на зборот во сите сфери на живеењето.

Денес Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА Куманово прерасна во невладина организација во која 90% од членовите се родители на деца со интелектуална попреченост кои веќе не се тивки и срамежливи, туку отворено и гласно укажуваат дека тие и нивните деца се тука, постојат, дека се меѓу Вас и Вашето секојдневие и дека им е потребна поддршка од сите Вас за да ја остварат својата цел.

Денес нашето членство постојано предупредува дека лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства се една од најмаргинализираните и најдискриминираните групи во општеството и во локалната заедница.

Дека секојдневно се соочуваат со социјално исклучување, исклучување од системот за образование, правото на вработување и слично. Една од главните причини за ваквата состојба се токму предрасудите што постојат кон овие лица.

Според меѓународните норми и стандарди лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства треба да бидат еднакви граѓани во општеството и во локалната заедница. Општеството и локалната заедница треба активно да се вклучат во изнаоѓањето на механизми за надминување на ова комплексно прашање.

Решавањето на ова прашање ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово го гледа во развивањето на мрежа од алтернативни сервисни служби во местото на живеење кои ќе пружаат поддршка на лица со интелектуална попреченост и нивните семејства.

Во моментов во чест на 3-ти декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост и своето 40 годишно постоење, ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово може да се пофали дека оформи една ваква сервисна служба – дневен центар за лица со умерена и тешка интелектуална попреченост над 18 годишна возраст во кој самите лица ќе се оспособуваат за самостоен живот во рамките на нивните можности, а нивните родители ќе можат да си ја подобрат својата социо-економска состојба со тоа што ќе можат работно да се ангажираат.

Дневниот центар е оформен благодарејќи на тоа што ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово во оваа програмска активност е поддржана од Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост, градоначалникот на општина Куманово, г-дин Зоран Дамјановски и локалната самоуправа, уметникот Тане Гарски кој за жал веќе не е меѓу нас, приватни претпријатија од градот, јавни институции и НВОи.

Но без понатамошна Ваша поддршка ние нема да можеме непречено да функционираме.

Scroll to Top
Skip to content