Одбележување на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост на локално ниво

За време на овогодинешното одбележување на 3-ти Декември, меѓународниот ден на лицата со попреченост, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА и нејзините локални организации одлучија, во рамките на програмските активности, посебно внимание да дадат на поврзаноста на сиромаштијата и интелектуалната попреченост. Поради тоа во периодот околу 3-ти Декември, локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА организираа јавни трибини на кои се говореше за актуелната состојба во која се наоѓаат лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства од аспект на социјалната и здравствената заштита, образованието и вработувањето и воопшто стандардот на живеење на оваа група на граѓани.

ЦПЛИП – ПОРАКА Велес трибината од јавен карактер ја одржа на 01.12.2005 година, за која интерес пријавија сите поканети учесници од релевантните институции и НВО секторот. Трибината беше и медиумски покриена од локалните медиуми.

ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци организираше тркалезна маса на 29.11.2005 година во однос на поврзаноста меѓу сиромаштијата и интелектуалната попреченост, но и можноста за рамноправно вклучување на лицата со интелектуална попреченост во секојдневниот живот. Исто така, ЦПЛИП – ПОРАКА Кавадарци организираше и ликовна работилница во која учествуваа лицата со интелектуална попреченост, а на 3-ти Декември организираше приредба и отворен штанд со изработки на лицата со интелектуална попреченост.

ЦПЛИП – ПОРАКА Кочани на 02.12.2005 година беше на прием кај градоначалникот на општина Кочани, г-дин Љубомир Јанев, каде имаше можност да го запознае со проблемите, потребите и потенцијалите на лицата со интелектуална попреченост но, и со постигнатиот напредок и потешкотиите со кои се соочувале овие граѓани изминатата година. На трибината со јавна дебата ја истакнаа поврзаноста меѓу сиромаштијата и интелектуална попреченост од аспект на социјалната и здравствената заштита, образованието и вработувањето на лицата со интелектуална попреченост.

ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка организи-раше две јавни трибини на оваа тема и тоа во општина Крива Паланка на 01.12.2005 година и во општина Ранквоце на 05.12.2005 година, Исто така, ЦПЛИП – ПОРАКА Крива Паланка и изложба на ликовни творби изработени од лица со интелектуална попреченост.

ЦПЛИП – ПОРАКА Штип на 29.11.2005 година одржа тркалезна маса на тема: “Измените на Законот за социјална заштита и на Законот за вработување на инвалидни лица”. Претседателот на оваа организација преку својот настап на ТВ Ирис на 27.12.2005 година ја запозна јавноста со работата на ЦПЛИП – ПОРАКА Штип и со проблемите со кои се среќаваат лицата со интелектуална попреченост во секојдневното живеење.

По повод 3-ти Декември, Меѓународниот дена на лицата со попреченост ЦПЛИП – ПОРАКА Охрид организираше трибина и изложба. Изложбата траеше од 02-05.12.2005 година во центарот за култура “Григор Прличев”, Охрид. На изложбата беа претставени шеесетина цртежи и изработки на корисниците на дневниот центар, како и цртежи на ученици од локалните училишта.

На 01.12.2005 година во Центарот за детско творештво, ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово организираше креативна работилница насловена “Со љубов и здружени раце можеме с#!” на која учествуваа децата од социјалниот клуб, ученици од посебните паралелки и членовите на ликовната секција при центарот за детско творештво. Творбите беа изложени во холот на центарот. На 05.12.2005 година ЦПЛИП – ПОРАКА Куманово организираше трибина на тема: “Сиромаштија и интелектуална попреченост” која побуди интерес и поттикна плодна дискусија.

Под мотото “Секој има право на социјална сигурност”, ЦПЛИП – ПОРАКА Гевгелија организи-раше јавна трибина на 02.12.2005 година на која се истакнаа потешкотиите со кои се соочуваат лицата со интелектуална попреченост. Воедно се донесоа и предлог мерки за надминување на актуелната состојба во која се наоѓа оваа група на граѓани. Беше организирана и изложба на ликовни творби изработени од лица со интелектуална попреченост, а уметниците беа наградени од градоначалникот на општина Гевгелија, г-дин Драги Делев.

Во рамките на својата програма за одбележување на 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лица со попреченост, ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје реализираше повеќе активности, а како една од најважните ја издвојуваме средбата на родители и ангажирани лица во ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје со г-дин Кирил Тодоровски, градоначалник на општина Аеродром. Средбата се одржа на 29.11.2005 година и на истата беше донесен заклучок дека мора да постои вистински партнерски однос помеѓу локалната власт и ПОРАКА. Како резултат на постигнатата соработка во просториите на општина Аеродром беше поставена изложба на изработки од корисниците на дневниот центар на ПОРАКА во Скопје. Покрај тоа претставници од локалната власт на 02.12.2005 година го посетија дневниот центар и на оваа средба еден беше договорено општина Аеродром да има свој претставник во Извршниот Одбор на ЦПЛИП-ПОРАКА Скопје.

Организирани беа и активности со учениците од основните и средните училишта со цел да се запознаат и информираат учениците и вработените лица од овие установи. Беа поставени изложби на изработки во училиштата “Никола Карев”, “Зефљуш Марку” и “Раде Јовчевски Корчагин”. Во училиштата “Љубен Лапе” и “Раде Јовчевски Корчагин” со учениците беа водени информативни разговори со цел запознавање со интелектуалната попреченост. Покрај ова во училиштето “Љубен Лапе” беа одржани и спортски натпревари помеѓу учениците од ова училиште и корисниците од дневниот центар. Овие активности се реализираа во периодот од 28.11. до 09.12.2005 година.
Во соработка со Црвениот крст на град Скопје, корисниците од дневниот центар заедно со подмладокот од Црвениот крст изработуваа Новогодишни честитки. Изработените честитки се планира да бидат изложени. Активноста се одржа на 08.12.2005 година.

Во периодот до 02.12.2005 година ангажираните лица од дневниот центар на ПОРАКА во Скопје изготвија и спроведоа прашалник за поврзаноста помеѓу сиромаштијата и интелектуалната попреченост за родителите-членови на ЦПЛИП – ПОРАКА Скопје. Добиените податоци беа обработени и доставени до РЦПЛИП – ПОРАКА.

Дистрибуцијата на флаери и останатиот материјал се одвиваше паралелно со сите горенаведени активности.

Scroll to Top
Skip to content