Заеднички активности на РЦПЛИП – ПОРАКА со националните сојузи – членки на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија
Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, како членка на Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ), активно се вклучи во реализцијата на програмските активности за одбележување на 3-ти декември, Меѓународен ден на лицата со попреченост, заедно со другите членки на НСИОМ.
Прием кај Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов
Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, на 2-ри декември прими претставници од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија.
На средбата присуствуваа претставници на Сојузот на глуви и наглуви на Република Македонија, Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – Мобилност Македонија, Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост – ПОРАКА, Националниот сојуз на цивилни инвалиди од војната на Македонија, Националната федерација за спорт и рекреација на инвалидите на Македонија и на Националниот сојуз на инвалидите на трудот на Република Македонија.
Претставниците на Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија го запознаа претседателот Иванов со тековните активности по повод одбележувањето на 3 декември, со постигнатите резултати во однос на имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, како и со положбата на лицата со инвалидност во Република Македонија и предизвиците со кои се соочуваат.
Претседателот Иванов изрази поддршка за активностите на инвалидските организации и истакна дека и натаму ќе се залага во насока на понатамошно подобрување на правата на лицата со инвалидност, како преку подобрувањето на законската легислатива, така и преку нејзиното доследно имплементирање.
„Државата и општеството во целина мора да водат грижа за сите граѓани. Грижата за лицата со инвалидност мора да биде континуирана, како од фактички, така и од правен аспект. Апелирам, унапредувањето на животот на лицата со инвалидност да се води не само преку институциите на системот на општествено ниво, туку и преку општините, преку локалните институции, и најважно од се, преку семејството. Општеството и институциите во целина мора да изнајдат механизми за да ја зајакнат природната улога на семејството, бидејќи ова се и системски, но и индивидуални проблеми, и поддршката мора да дојде прилагодена на индивидуалното прашање”, подвлече претседателот Иванов.
Македонскиот претседател им порача на претставниците од Националниот совет на инвалидските организации на Република Македонија дека без разлика на состојбите, треба и понатаму бескомпромисно да се залагаат за афирмирање на нивните потреби и права, изразувајќи поддршка за брзо решавање на приоритетните барања на инвалидските организации.
преземено од www.pretsedatel.mk
Тркалезна маса
„Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност – 2 години од ратификацијата, каде сме и кои се нашите цели”
Националниот совет на инвалидските организации на Македонија по повод Меѓународниот ден на лицата со инвалидност, 3-ти Декември, во соработка со своите членки – национални сојузи, организираше тркалезна маса на тема „ Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност – 2 години од ратификацијата, каде сме и кои се нашите цели”.
На тркалезната маса, одржана на 3-ти Декември во Домот на АРМ во Скопје, беше истакнато дека треба да се спречи дискриминацијата и да се овозможи подобар пристап до образованието поголема здравствена и социјална заштита, пристапност до сите институции и установи, зголемување на бројот на толкувачи за лицата со инвалидност.
Бранимир Јовановски од Сојзуот на лица со телесен инвалидитет смета дека е неопходно да се надминат пречките со кои се соочуваат лицата со телесна инвалидност во однос на пристапноста до институциите, образовните установи, здравствените установи: – Основата е пристапноста, бидејќи оттука почнуваат сите други проблеми, односно неможноста за образование, вработување и комплетна инклузија и социјализација во сите општествени пори, рече тој.
Од своја страна и претседателот на Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост – ПОРАКА, Чедомир Трајковски смета дека е потребно подигнување на јавната свест за правата и потребите на овие лица. Како позитивен пример ја посочи последната одлука на Владата за вработување 300 лица со инвалидност.
Претседателот на Националниот совет на инвалидски организации Васко Марков истакна дека во изминатите години работите се движат кон подобро, но посочи дека е многу важно напорите во иднина да се зголемат и на овие лица да им се понудат услови за подобар живот.
И Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска истакна дека грижата за овие лица не треба да се покажува само на овој ден, туку, како што рече, постојано треба да се дава максимумот да им се помогне и да им се олесни животот.
– Состојбата никогаш не може да биде идеална, но ние како Влада и надлежно Министерство и во наредниот период ќе го даваме својот максимум континуирано да ја подобруваме состојбата на лицата со инвалидност. Тоа ќе го правиме и во комуникација со останатите институции за да овозможиме поголеми поволности за овие лица. Со стопанските комори, пак , сме во разговори за формирање посебен фонд кој ќе служи за помош и поддршка на лицата со различен вид и степен на инвалидност, рече Спасов.
– Во завршна фаза е дневниот центар за деца со аутизам, се преземаат градежни активности за дневни центри за деца со пречки со развој во Струмица и деца со оштетен вид и слепи деца во Скопје. Наредната година ќе се отворат уште дополнителни три со што значително ќе се зголеми просторот каде овие децата ќе можат да го поминуваат своето време, додаде Спасов.
преземно од www.press24.mk