Една од целите на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА е координација и поддршка на работата на нејзините локални организации. Поради тоа, во изминатите години РЦПЛИП – ПОРАКА организираше семинари за зајакнување на капацитетот на локалните организации.
Првиот циклус на семинари се одржуваше во периодот од 1998 до 2000 година на кој учестуваа по еден претставник од секоја локална организација. Вториот циклус, пак, се одржуваше во периодот од септември 2003 година до септември 2004 година. Овој циклус во континуитет го следеа вкупно 58 – 60 родители и активисти – претставници од локалните организации, членки на РЦПЛИП – ПОРАКА.
При одржувањето и на двата циклуси на обука, меѓу другото, посебно внимание се обрна и на SWOT анализата, инструмент кој е мошне корисен за проценување на актуелната состојба внатре во организацијата, со сите нејзини предности и слаби страни, но и можностите и заканите кои доаѓаат од средината во која делува. Овој инструмент доколку објективно е изготвен, претставува солидна подлога за подготвување на реални и исполнителни акциони планови на организацијата, како и изнаоѓање на начини за подобрување и надминување на слабите страни во организацијата.
Од тие причини Републичкиот центар на РЦПЛИП – ПОРАКА побара од нејзините локални организации, но и од сервисните служби што ги менаџира, да изготват SWOT анализи за организациите и сервисните служби (дневните центри). По изготвувањето на овие SWOT анализи се одржаа две работилници.
Едната работилница беше организирана во Скопје, во просториите на РЦПЛИП – ПОРАКА на 12.04.2006 година, и беше наменета за дневните центри. На работилницата присуствуваа по еден претставник од секој дневен центар што го менаџира РЦПЛИП – ПОРАКА. Втората работилница се организираше во Струга, во Центарот за едукација на кадри на Црвениот крст, од 09.06. до 11.06.2006 година. На оваа работилница присуствуваа по двајца претставници од локалните организации кои претходно изготвија SWOT анализи за организациите во кои делуваат и во дадениот временски рок ги доставија до РЦПЛИП – ПОРАКА.
И на двете работилници секој од учесниците имаше можност да ја презентира SWOT анализата, но и да презентира активности кои во моментот се актуелни во нивните организации. Тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА, но и останатите учесници, по завршувањето на секоја презентација, даваа забелешки и совети во однос на работењето на секоја од локалните организации, притоа истакнувајќи ги и позитивните примери на успешно работење.
Овие работилници имаа за цел консолидирање на активностите и работата на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА. Тоа е од особено значење токму во овој период бидејќи ќе треба сами да се изборат за соработката односно партнерски односи со локалните власти и активно да придонесуваат за унапредување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост во местото на живеење.