Една од редовните програмски активности на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, од самото негово формирање, е координација и пружање на стручно-методолошка поддршка на локалните организации.
Години наназад РЦПЛИП – ПОРАКА организира и одржува работилници на кои се разгледуваат и дискутираат изготвените SWOT анализи на локалните организации. SWOT анализата е структуриран метод за планирање на идните стратегии на организацијата, а воедно е мошне корисна и за проценување на актуелната состојба внатре во организацијата, со сите нејзини предности и слаби страни, но и можностите и заканите кои доаѓаат од опкружувањето во кое таа организација делува. Оваа алатка, доколку реално и објективно се изготви, ќе користи за изнаоѓање на начини и модуси за подобрување и надминување на слабите страни на организацијата со цел уште поефективно да делува во својата област. Исто така, претставува солидна основа за подготвување на реални и ефективни акциони планови на организацијата, како и на повеќегодишни стратешки планови.
Оваа година Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА одржа две работилници за разгледување на SWOT анализите на локалните организации. На овие работилници им претходеа состаноци на управните одбори во проширен состав на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА на кои се разговарало за актуелните состојби во самите организации, и врз основа на донесените заклучоци се изготвиле и SWOT анализите.
Двете работилници кои ги спроведе РЦПЛИП – ПОРАКА се одржаа на 7-ми и 8-ми април 2015 година. Локалните организации беа поделени во две групи со цел да се даде доволно време за презентирање на реалните состојби, а истовремено да се овозможи и да се разговара за понатамошните активности на секоја локална организација. На работилниците секој од учесниците имаше можност да ја презентира SWOT анализата, но и да ги презентира активностите кои во моментот се актуелни во нивните организации, како и активностите кои планираат да ги преземат во наредниот период. Тимот на РЦПЛИП – ПОРАКА, но и останатите учесници, по завршувањето на секоја презентација даваа забелешки и совети во однос на работењето на секоја од локалните организации, притоа истакнувајќи ги и позитивните примери на успешно работење.
Овие работилници имаа за цел консолидирање и унапредување на активностите и делувањето на локалните организации на РЦПЛИП – ПОРАКА. Тоа е од особено значење во градењето и одржувањето на партнерските односи со локалните власти, како би можеле активно да придонесуваат за унапредување на човековите права на лицата со интелектуална попреченост во местото на живеење.





