Во рамките на европскиот проект INVESTT на EASPD – Европска асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА во соработка со EASPD и Центарот за обука, едукација и грижа – DRAGA од Словенија, организираше еднодневен настан – форум на тема „Стручно оспособување и вработување на лица со попреченост“.
Целта на форумот беше да се овозможи дискусија помеѓу засегнатите страни во областа на стручно оспособување и вработување на лица со попреченост, како и да се презентираат европските трендови и македонските искуства, практики и тековни реформски процеси во оваа област.
Форумот се одржа на 3 јуни во хотел Континентал, а присуствуваа претставници на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, посебните основни и средни училишта во Македонија, претставници од невладиниот сектор.
Форумот го отвори д- р Василка Димоска, програмски менаџер во Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА, која воедно беше и модератор на настанот. Таа истакна дека форумот претставува одлична можност за согледување на сите активности кои се актуелни во моментот во нашата држава со вработувањето на лицата со попреченост. Истовремено нагласи дека овој форум претставува добра можност за размена на искуства помеѓу чинителите во областа на стручното оспособување и вработување на лица со попреченост, понатаму за согледување на чекорите кои Македонија може да ги преземе со што би се заштедило на време и на финансии. Во однос на вработувањето на лицата со попреченост, д-р Василка Димоска потенцираше дека трендот е зголемен, а новиот закон за вработување на инвалидни лица кој е во подготовка, ќе ги отвори можностите за вработување на лицата со попреченост и на отворениот пазар на трудот со што ќе им се даде можност и за изедначување на нивните можности. Со овој предлог-закон се дава можност за воведување на рехабилитациски програми, односно обука или до-обука за лицата да можат да се вклучат во современите текови на вработување.
Искуствата од Словенија и Европа ги пренесе г-ѓа Тамара Нарат од Институтот за социјална заштита на Република Словенија. Таа го презентираше проектот ИНВЕСТ (инклузивно стручно оспособување и специјализирана обука скроена според поединецот) чија главна цел е обезбедување на специфични информации и предлози за стручните училишта со цел да се насочуваат сите ученици (вклучително и учениците со попреченост) кон отворениот пазар на трудот. Понатаму во својата презентација таа ги елаборираше и концептот на универзалниот дизајн и разумното прилагодување кои треба да се применуваат и во областите на стручното оспособување и вработување на лицата со попреченост.
За новините во нацрт-законот за вработување на лицата со инвалидност говореше Душан Томшиќ од Министерството за труд и социјална политика, кој ги запозна присутните со текот на постапката во однос на овој закон и со жалење истакна дека во моментот процедурата за донесувањето на новиот закон е застаната, но во најскоро време ќе се продолжи со изготвувањето и постапката за изгласување на законот да се приведе до крајот.
Свое видување на темата даде и претставникот од Заедницата на заштитни друштва на Македонија – ЗАПОВИМ, г-дин Владо Додевски, кој ја презентираше состојбата на заштитните друштва во Македонија, нивниот број за кој со жалење истакна дека е во опаѓање, бројот на вработени лица со попреченост во нив и начинот на кој тие функционираат.
Владимир Лазовски од Здружението „Отворете ги прозорците“ говореше за улогата на асистивната технологија во стручното образование и во вработувањето на лицата со попреченост, што е неминовно да се воведе согласно технолошките напредоци во сите области од живеењето и опкружувањето.
Владо Крстовски, програмски асистент во РЦПЛИП – ПОРАКА говореше за улогата која ја имаат дневните центри за адолесценти и возрасни лица со интелектуална попреченост во развојот на работните вештини и работното оспособување, како и за оспособувањето на тие лица за самостојно живеење. Тој воедно ја истакна и потребата од постепено придвижување кон моделот на „поддржано вработување“ како најсоодветен модел на вработување, особено за лицата со интелектуална попреченост, и потенцираше дека воведувањето на квотен систем е позитивен чекор напред за унапредување на правата на лицата со попреченост во областа на вработувањето.
Бранимир Јовановски, претседател на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет Мобилност Македонија и претседател на националното координативно тело за еднакви права на лицата со инвалидност во РМ, говореше за бариерите во образованието и вработувањето со кои се соочуваат лицата со телесна попреченост, а воедно ги сподели и своите лични искуства во рамките на образованието и препреките на кои наидувал во текот на целиот процес.
Даниела Стојановска, претседател на здружението на студенти и младинци со хендикеп, ги истакна позитивните придобивки кои лицата со попреченост кои чувствуваат од дадените можности за стекнување на високо образование, но истовремено проговори и за низата препреки на кои тие наидуваат при остварувањето на ова свое право. Воедно и таа ги сподели своите лични искуства при остварувањето на правото на вработување.
Д-р Василка Димоска во своето завршно обраќање повторно истакна дека надежите се во новиот закон за вработување на инвалидни лица, кој треба да ги отвори можностите за вработување на лицата со попреченост, со што ќе им се даде можност да станат еднакви чинители во општеството како и сите останати.