Од членството на РЦПЛИП – ПОРАКА во Европската асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост (ЕАСПД)

Европски иницијативи за обезбедување на достоинствен живот преку квалитетни сервисни служби

Европската асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост (ЕАСПД), во периодот од 15-ти до 17-ти септември 2008 година, во Виена – Австрија одржа две Меѓународни конференции на тема “Квалитет на живот” и “Европски сертификат за грижа”. На конференциите учествуваа над 150 претставници на организации – членки на ЕАСПД и претставници на национални и локални власти од цела Европа. Во продолжени на конференциите, беше одржано Изборно генерално собрание на ЕАСПД и Свечено доделување на награди за животно дело.

На 15-ти септември 2008 година, во Виена – Австрија се одржа меѓународната конференција на тема “Квалитет на живот”, која имаше за цел да ги презентира резултатите од истоимениот проект, реализиран изминатите две години од ЕАСПД во партнерство помеѓу неколку организации – членки на ЕАСПД.

Во рамките на проектот развиена е методологија за мерење на квалитетот на живот на лицата со попреченост, со посебен фокус на областите од вработувањето и сервисните служби. Во дебатите во рамките на конференцијата беше истакната улогата на сервисните служби, односно нивниот квалитет на работа како еден од основните услови за внесување на дополнителен квалитет во секојдневниот живот на лицата со попреченост.
Втората конференција, која се одржа на 16-ти септември 2008 година, на тема “Европски сертификат за грижа”, исто така претставуваше завршна активност на проект на ЕАСПД, насочен кон креирање на инструменти преку кои низ цела Европа би се унифицирало нивото на потребно знаење за лицата кои се ангажираат во секторот за грижа и заштита на лица со интелектуална попреченост.

Со оглед на тоа што насекаде низ Европа се користат различни критериуми за ангажирање на персонал во сервисните служби за лица со попреченост, во рамките на конференцијата беше дискутирано за воспоставување на едно основно потребно ниво на знаење кај персоналот при нивно ангажирање во сервисните служби во земјите од Европа.

Особено важен резултат од проектот, кој беше презентиран на конференцијата, претставува моделот на прашалник, односно тест, кој би се користел како првичен метод за оценување на основното знаење кај персоналот и кој всушност е услов за стекнување на ткн. европски сертификат за грижа.

Изборното генерално собрание на ЕАСПД се одржа на 17-ти септември 2008 година и на истото беше избрана нова раководна структура на ЕАСПД (Претседател, три Потпретседатели и Одбор составен од деват члена). Голем успех за РЦПЛИП – ПОРАКА е што д-р Василка Димоска, програм менаџер на РЦПЛИП – ПОРАКА е избрана за еден од деветте членови на Одбор на ЕАСПД.

На 15-ти септември 2007 година, во Градското собрание на Виена, ЕАСПД одржа Свечено доделување на награди за животно дело. Наградите беа доделени на двајца истакнати активисти во полето на сервисни служби за лица со попреченост: на д-р Мариа Брукмилер од Австрија и, на наше големо задоволство, на Џон О’Горман од Ирска кој е голем пријател и поддржувач на РЦПЛИП – ПОРАКА.

Scroll to Top
Skip to content