Онлајн тркалезна маса по повод 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост Трансформирање на општеството: Заедница за сите

Министерството за труд и социјална политика во соработка со Делегацијата на Европската Унија во Скопје и во ко-организација на Владата на Република Северна Македонија, Националниот совет на инвалидски организации на Македонија и Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост организираше Онлајн тркалезна маса на тема: „Трансформација на општеството: Заедница за сите“.

Онлајн тркалезната маса се одржа на 3-ти и 4-ти декември 2020 година и беше поделена во три сесии. Првата сесија се осврна на тековната состојба и институционалниот одговор на состојбата, а ја модерираше Спасе Додевски од Националното координативно тело за спроведување на Конвенцијата за правата на лица со попреченост.

Премиерот Зоран Заев изрази задоволство што е дел од одбележувањето на како што рече овој значаен ден од календарот на Обединетите нации и на целото човештво – Меѓународниот ден на лицата со попреченост. Тој во своето обраќање истакна дека Владата во изминатите три години успеа да ја оствари воспоставената цел, односно да ги направи институциите на општеството, сојузници на лицата со попреченост, од кои секогаш треба да очекуваат политики за подобрување на нивната положба.

„Денеска, со особено задоволство сакам да најавам дека од идната 2021 година услугата лична асистенција ќе биде достапна и за децата со потешка и најтешка физичка попреченост или со целосно оштетување на видот. Министерството за труд и социјална политика ги изготви измените на Законот за социјалната заштита, кои низ соодветната владина процедура, ќе бидат доставени до Собранието на усвојување и ќе овозможат лични асистенти да користат деца на возраст од шест години и повеќе. На барање на семејствата на децата со попреченост, ја намалуваме возраста кога личната асистенција станува законско право – од сегашните осумнаесет на шест години”, рече премиерот Заев истакнувајќи дека средствата за личните асистенти ќе се обезбедат од Буџетот и ова ќе придонесе за стекнување со образование на децата со попреченост, како и нивна социјализација и развој на еднаква основа со нивните врсници и иден активен граѓанин во општеството.

„Оваа година го одбележуваме Меѓународниот ден на лицата со попреченост со остварени резултати од промените што ги донесовме за спроведувањето на најдобрите светски практики за поддршка и вклучување на лицата со попреченост во нивното секојдневие, во здравството, образованието и социјалната заштита. За тоа добивме и признанија дека сме најдобри во регионот”, рече Заев изразувајќи задоволство што Владата успеа да создаде амбиент во кој сите сограѓани се еднакви каде на преден план се предностите, а не попреченоста. Активностите за асистенција на ранливите категории и на лицата со попреченост се реализираа во 27 општини со вклучување на околу 200 невработени лица како испорачувачи на услугите за над 1.500 лица крајни корисници”, посочи премиерот Заев, подвлекувајќи дека заедно со Швајцарската агенција за развој и соработка реализирани се и услугите за поддршка на лица со попреченост и други ранливи категории во услови на КОВИД-19, кои ќе имаат свое влијание и во пост-ковид периодот за полесно враќање во нормалното секојдневие.

Премиерот Заев додаде дека е воведено и правото за надоместок за лица со интелектуална попреченост и зголемен е надоместокот за скратено работно време до 50% од просечната плата, сите деца се преселени од институциите и се згрижени во групни домови или згрижувачки семејства, за првпат кај нас законски се воведоа услугите за лична асистенција, помош и нега во домот и одмена на семејната грижа, изразувајќи увереност дека со ист интензитет продолжуваат разговори и за нови законски измени и дополнувања кои се однесуваат на вработувањето на лицата со попреченост, на Националниот регистар на лицата со попреченост и на Комисиите за функционална проценка на нивната работоспособност за да можат да бидат вклучени на пазарот на трудот.

Претседателот на Националниот совет на инвалидските организации и претседател на Националниот сојуз на глуви и наглуви лица, Томица Стојановски во своето обраќање ги пренесе пораките, мислењата и барањата на сите Национални инвалидски организации од нашата држава. „Се надевам дека како и досега со заемна соработка, разбирање и помагање ,ќе се обидеме во наредната година да ги подобриме условите за живеење на сите лица со попреченост во нашата држава“ – рече Стојановски.

Конвенцијата на Обединети нации за правата на лицата со попреченост недвосмислено потврдува дека за сите деца и лица со попреченост се заеднички правата на квалитетно инклузивно образование на сите нивоа, пристапност, соодветен животен стандард и подобра социјална заштита, вработување, пристапна и достапна здравствена заштита, социјални услуги за поддршка во заедницата, како и намалување на предрасудите и подигнување на јавната свест за правата и потребите на сите лица со попреченост.

Овогодинешната тема на ОН е насловена „Да градиме подобра поддршка: за лицата со попреченост – инклузивен, пристапен и одржлив свет пост КОВИД-19“ и има за цел да  укаже дека сите споменати права на лицата со попреченост мора континуирано да се остваруваат и во услови на пандемија со КОВИД-19. Правата на лицата со попреченост мора да бидат земени во предвид при планирање на мерките за заштита и превенција од КОВИД-19.

Во однос на лицата со интелектуална попреченост, Претседателот на НСИОМ ги пренесе следните ставови на РЦПЛИП – ПОРАКА:

Иако постои одреден напредок во намалувањето на предрасудите кон лицата со интелектуална попреченост, за жал, мора да укажеме дека се уште постои висок степен на предрасуди во нашето општество. Потребни се континуирани акции за подигнување на јавната свест и информирање на јавноста за правата и потребите на лицата со интелектуална попреченост, на национално и на локално ниво.

Во делот на образованието на лицата со интелектуална попреченост, потребна е доследна имплементација на новиот закон за основно образование кој јасно промовира инклузивно образование. Ресурсите треба да се насочат кон соодветна поддршка особено во процесот на преминот кон инклузивно образование. Да се пружи квалификувана обука за наставниците и помошниот персонал за да се поттикне инклузијата. Да се обезбеди универзална пристапност до образовните процес со надминување на архитектонските бариери, пречките во комуникацијата, и обезбедување на квалитетни образовни асистенти. Овој приоритет се однесува и на образовниот процес за учениците со интелектуална попреченост кој се спроведува во услови на пандемија со КОВИД – 19.

Во услови на пандемија потребно е да се обезбеди сите услуги да бидат достапни во прилагоден формат, со адаптирани програми за корисниците кои имаат потреба од нив. 

Во однос на здравствената заштита, особено во услови на пандемија со КОВИД – 19, лицата со интелектуална попреченост како вулнерабилна група на граѓани треба да  го остваруваат правото на квалитетна грижа и здравствена заштита.

Исто така, потребно е лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства да се вклучени во мерките на државата за ублажување на последиците од кризата со пандемијата.

Лицата со попреченост и нивните организации мора да бидат вклучени во мониторинг на имплементација на Конвенција на Обединети Нации за права на лица со попреченост, односно независното тело во рамки на канцеларијата на Народниот Правобранител, со сите потребни ресурси со цел ефективно да ја постигне својата улога, а во согласност со Конвенцијата и познатото мото „Ништо за нас -без нас“.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска истакна дека искрено верува во концептот „Едно општество за сите“, кој подразбира создавање на услови и можности за еднакви можности на сите граѓани за личен и општествен развој.

„Попреченоста е човеково право, а не медицинска дијагноза. Борбата против дискриминација, по било кој основ, вклучувајќи ја и дискриминацијата по основ на попреченост продолжува со имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација – првото законско решение изработено во Министерството за труд и социјална политика во овој мандат“, истакна министерката оценувајќи дека законските одредби каде попреченоста е експлицитно наведена како можна основа за дискриминација и каде се дефинира како дискриминација отсуството на соодветно приспособување и оневозможување на пристапност на инфраструктурата и добрата и услугите,  обезбедуваат  Законот да претставува моќна системска алатка за заштита на лицата со попреченост од дискриминација.

„Пилотираме проект во два Центри за рехабилитација на лица со попреченост во Скопје и Струмица чии искуства ќе бидат вградени во новиот Закон за вработување на лица со попреченост“, истакна Шахпаска поканувајќи ги лицата со попреченост, нивните семејства и здруженија, да продолжат да ги следат Владините активности, низ дискусија и размена на мислења заедно да стигнат до најдобрите решенија и да се осигурат дека никој, ниту еден човек, со или без попреченост, нема да биде исклучен.

Обраќајќи се на онлајн тркалезната маса по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, министерката за образование и наука Мила Царовска истакна дека заложбите на Владата е да се воспостави инклузивно образование преку коешто ќе се постигне максималниот потенцијал на секое дете.

„Инклузивното образование е процес со кој треба да излеземе во пресрет и да одговориме на различните потреби на децата, односно учениците, преку обезбедување на пристапност, соодветна поддршка, зголемување на учество во учењето, во училиштето и во заедницата. Сето тоа вклучува разумно прилагодување на образовните содржини, соодветни наставни приоди, организација на воспитно-образовниот процес, за да се овозможи квалитетно образование за секое дете“, рече Царовска истакнувајќи дека за првпат е воведена услугата образовна асистенција која е предуслов за обезбедување на инклузивно образование, преку донесување на  „Нормативот за услугата образовна асистенција, описот на компетенциите и работните задачи“, за што за првпат се предвидени и финансиски средства во висина од 54 милиони денари.

За напорите на Министерството за здравство во однос на препораките за превентивните мерки, кои се однесуваа на заштита од КОВИД-19, каде лицата со попреченост беа изземени, земајќи ги предвид карактеристиките и спецификите на нивното функционирање, министерот Венко Филипче се задржа на услугите кои конкретно се обезбедуваат за овие лица.

Тој посочи дека во соработка со граѓанските организации и со проектот на Светска банка се обезбедува пристап до здравствените организации, како и до специјализираните Ковид-центри  во повеќе градови во државата.

„Инвестиравме многу, во соработка со граѓанските организации и во делот на поставување на сензорските соби, во Скопје и во Охрид, посебно за децата со попреченост во интелектуалниот развој, пружајќи услуга, којашто до тогаш не беше воопшто достапна за децата во овие региони“, рече Филипче. Министерот Филипче изрази надеж дека соработката со граѓанските организации ќе продолжи и во иднина во интерес на исполнување на подобри услуги за оваа категорија на граѓани.

Евроамбасадорот во земјата, Дејвид Гир истакна дека целта на овој ден е да се зголеми јавната свест и разбирањето за попреченоста, како и да се промовираат правата на граѓаните со попреченост и да се истакнат способностите на лицата со попреченост низ целиот свет. Говорејќи за Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост тој истакна дека  граѓаните со попреченост се третираат како активни учесници во општеството, а не како пасивни приматели на услуги. Тој истовремено истакна дека со Конвенцијата се осигуруваме дека оваа категорија на граѓани се способни да ги споделат своите таленти и продуктивно да придонесат за општеството преку обезбедување еднаков пристап до сите области на животот како и сите други граѓани и промовирање на нивното независно живеење.

„Северна Македонија направи многу во текот на изминатите четири години зајакнувајќи ги правата и отстранувајќи ги бариерите за лицата со попреченост, но треба да се продолжи во насока на обезбедување полноправни права во согласност со Конвенцијата на Обединетите нации (ОН) за правата на лица со попреченост“, истакна во своето обраќање Росана Дуџиак, постојан координатор на ОН во Северна Македонија. Дуџиак додаде дека е важно да не се застане и да се задржи моментумот на реформа за подобрување на животот на лицата со попреченост и да се овозможи нивно целосно и еднакво учество во општеството и нагласи дека Обединетите нации, со својата експертиза, се подготвени да продолжат да ја поддржуваат Владата, како и организациите на лицата со попреченост за овие важни реформи.

Втората сесија беше насловена „Лични сведоштва: Како деинституционализацијата ми го смени животот“, и ја модерираше Владимир Лазовски од Министерството за труд и социјална политика. На сесијата говореа Фанка Динова, поранешна корисничка на Заводот за рехабилитација Бања Банско и Марица Милошевска, поранешна корисничка на Специјалниот завод Демир Капија. Во своите обраќања тие направија споредба помеѓу животот во институција и животот во заедницата, но и за секојдневните предизвици за инклузија во заедницата. Свое сведоштво имаше и Ванчо Гемиџиев, татко на лице со попреченост, поранешен корисник во институција кој сега е згрижен во заедницата. Тој говореше од аспект на семејство кое има член со попреченост и даде свое видување за институционалната наспроти грижа во заедницата, како и улогата на семејството во унапредувањето на вклученоста во заедницата на лица сместени во живеење со поддршка во заедницата.

Интересно беше да се чуе и мислењето на граѓаните, односно соседи на лица со попреченост згрижени станбена единица за живеење со поддршка („групен дом“). Свое сведоштво даде Александар Милошевски, сосед и претседател на куќен совет во зграда каде има станбена единица за живеење со поддршка. Тој ги искажа очекувањата наспроти искуството со новите соседи. Воедно, потенцираше дека доколку однапред би биле информирани, и на некој начин едуцирани за новите соседи и нивната состојба, би се избегнале некои негативни коментари и забелешки на почетокот од нивното вселување со станбената единица.

Во оваа сесија со свои сведоштва се вклучија и Родна Андонова и Сузана Димитровска, асистентки за живеење со поддршка, а поранешни негувателки во институција. Двете говореа за позитивните искуства од нивната работа во сервисна служба за живеење со поддршка и нивните постигнувања, но и секојдневните предизвици со кои се соочуваат во текот на нивната секојдневна работа.

Третиот дел од тркалезната маса се осврна на нови даватели на социјални услуги: Улогата на локалната самоуправа и на граѓанските организации во давањето социјални услуги во заедницата. Модератор на оваа сесија беше Нафи Сарачини од Делегацијата на Европската Унија.

На почетокот од сесијата говореше Софија Спасовска, помошник – раководителка на Секторот за социјална заштита во Министерството за труд и социјална политика. Таа го претстави новиот систем за социјални услуги согласно Законот за социјалната заштита од 2019 година. Исто така ги презентираше и можностите за финансирање од државниот буџет за општините и граѓанските организации како даватели на социјални услуги.

Следните панелисти на тркалезната маса беа Наташа Петровска, градоначалничка на Општина Битола и Лазар Петров, градоначалник на Општина Демир Капија. И двајцата панелисти говореа за потребата и користа од планирање на развојот на социјалните услуги на локално ниво. Соодветно ги презентираа и социјалните планови на Општина Битола и на Општина Демир Капија кои внимателно и темелно ги изготвувале како локални самоуправи. На крајот од своето излагање Наташа Петровска говореше и за трансформацијата на Домот за новороденчиња и мали деца – Битола во давател на услуги во заедницата т.е. ги презентираше искуствата, можностите и предизвиците со кои се соочувале и се соочуваат во целиот овој процес. Градоначалникот на Општина Демир Капија, пак, ја презентираше трансформацијата на Специјалниот Завод – Демир Капија.

Понатаму на тркалезната маса се презентираа дел од проектите и нивните активности кои се реализираат во нашата држава, а се однесуваат на поддршка на процесот на деинституционализација. Дводневната тркалезна маса заврши со кус преглед на двата работни дена, со надеж дека следната година во живо ќе се споделуваат искуствата и постигнувањата во работата на сите чинители кои делуваат во областа на попреченоста.

Scroll to Top
Skip to content